СТОЈАН СИНАДИНОВ
Политичките односи меѓу Македонија и Бугарија деновиве доживеаја хистерична ескалација по најавите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД и неговите приврзаници дека на 4 февруари ќе дојдат да го „ослободат“ гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје на 151-годишнината од неговото раѓање и верижната реакција на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и нивните приврзаници со најавата за формирање „херојски стражи“ за негова одбрана.
Откако Европската Унија и САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови, со мирно и достоинствено чествување на Гоце Делчев како почеток, сведочиме на стишување на зовриената политичка атмосфера. Но, има(ло) ли „живот“ во македонско-бугарските односи надвор од националистичките бастиони? ЦивилМедиа ги запраша македонските уметници и книжевни издавачи за нивните искуства.
Комуникацијата меѓу филмаџиите резултира со десетината копродукции во последниве години
Игор Иванов-Изи, филмски и ТВ режисер и сценарист за неговите искуства во реализирањето на филмските и телевизиските проекти „Хомо“, и „Преспав“ со продуцентите, актер(к)ите и воопшто филмските професионалци од Бугарија вели дека филмот е занает и уметност и правењето филм подразбира здружување околу заедничка идеја и заеднички сон.
– И тука нема простор за ликови што имаат потреба да пишуваат историја и некому да кажуваат кој е и што е. Филмот е нешто друго, една сосема друга културна средина. Во мојот последен филм „Хомо“ јас сум презадоволен од соработката со Јоана Буковска, прекрасна грациозна актерка од висок „маштап“, од продуцентката Галина Тонева, од која добивме и врвен тим каскадери од Бугарија, екипа за снимање на звук и „грип“ тим и опрема. Со сите овие колеги имавме извонредна соработка. Слично беше и на Тв серијата „Преспав“,како и на други филмови, серии и реклами, вели тој.
Иванов и како актуелен претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) вели дека интенција на асоцијацијата е да гравитираат кон европските филмски институции и струкови здруженија.
– ДФРМ активно членува во водечките асоцијации на режисери, продуценти и кинематографери. Таму, како и со сите останати филмаџии, се среќаваме и со колегите од Бугарија и нашата комуникација е извонредна, а доказ за тоа се десетината копродукции во последниве години помеѓу двете кинематографии.
Ненад Стевовиќ, главен и одговорен уредник на издавачка куќа „Или-Или“, вели дека нивната соработка со бугарските автори и литературни агенции е сосема нормална, независно од тоа какви се односите меѓу нашите земји.
–Георги Господинов е еден од омилените автори во Македонија, неодамна гостуваше во Скопје и се беше во прекрасна атмосфера. И Владимир Зарев гостуваше тука и впечатокот беше ист. Ја објавивме и книгата „Кон езерото“ од Капка Касабова (интимна документаристичка проза за Охридско и Преспанско езеро) и наидува на убав интерес. Сигурен сум дека и другите наши издавачи ги делат истите искуства, смета Стевовиќ.
Тој посочува дека бугарските автори и преведувачи гостуваат во Македонија на резиденцијални книжевни престои, промоции и слично, и тука нема никаков проблем.
– Во обратна насока, само од книгите што се објавени во „Или-Или“ на бугарски јазик се преведени Лидија Димковска, Оливера Ќорвезироска, Фросина Пармаковска, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Живко Грозданоски, Михајло Свидерски…значи ова се само автори што објавиле во „Или-Или“, а бројката е многу поголема. Иван Шопов неодамна доби прва награда за хумористичен расказ на конкурсот објавен во Бугарија. Повеќето од нив биле на промоции и разни книжевни престои во Бугарија и до мене не допрело никакво негативно искуство од нивна страна, туку сосем спротивно, заклучува Стевовиќ.
Балкански авторски сродници
Писателот Александар Прокопиев минатиот септември беше учесник на „Ноќта на европската литература“ што се одржа во 11-ти пат во 18 градови во Бугарија – манифестација на која културната јавност се запознава со прозата и поезијата од Северна Македонија, Австрија, Белгија, Велика Британија, Германија, Шпанија, Италија, Полска, Шведска, Норвешка, Украина и Чешка. Меѓу гостите имаше писатели, интелектуалци, млади луѓе, дипломати…
Прокопиев, кој ја претстави својата книга „Човечулец“ преведена на бугарски јазик под насловот „Човек во стаклено шише“, во издание на издавачката куќа „Книги за секого”, вели дека неговото балканско искуство со промоции на негови преведени книги отсекогаш било пријатно, и од авторска, и од човечка страна.
– И неодамнешната промоција во Софија, во склоп на „Ноќ на европската литература“, една традиционална значајна манифестација во чест на книгата, беше облагородена со низа посетени средби со читатели, организирани од издавачот „Персеус“ и со голема организаторска помош на директорот на македонскиот Културно-информативен центар, проф. д-р Сашко Насев. Би нагласил дека токму од таа писателско-човечка сродност имам двајца автори од Бугарија, Алек Попов, кој ја промовираше книгата, и Георги Господинов, со кои сум долгогодишни пријатели. Воопшто кругот на моите балкански (Србинот Владислав Бајац, Хрватот Миљенко Јерговиќ, Албанецот Башким Шеху…) и европски сродници е граден со меѓусебно уважување на нашата литература, што потоа прерасна во пријателство и другарство. Што ми е извонредно важно, вели Прокопиев.
Националната Опера и Балет веќе на 7 февруари гостува со балетот „Госпоѓиците од Авињон“ во Пловдив. Васко Ристов, директор на Националната Опера и Балет, вели дека односите со институциите од културата во Р. Бугарија се одлични.
– Имавме гостување на 29 јуни минатата година во Варна со нашиот балет. Претставата ни беше одлично примена, со многу овации од публиката. Во Софија исто така имавме гостување со Балетот на почетокот на Јули, прекрасна претстава и воодушевена публика. Балетот од Варна гостуваше кај нас на 7 октомври, одлично беа примени од нашата публика. Сега на 7 февруари повторно гостува нашиот Балет во Пловдив, а Балетот од Пловдив реципрочно ќе ни возврати гостување на 17 февруари годинава. Како рекол Гоце Делчев – „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар мегу народите“, потенцира Ристов.
Во духот на таа најпозната максима на Гоце Делчев би можеле само да парафразираме една народна изрека: Што ќе посеме, тоа ќе жнееме!
Извор: CivilMedia