„Елиас Ладино со специфична фузија од македонски нерамноделни ритми, грчки и турски модални напеви, балкански инструментариум, шпански фламенко; „Емилиос Риадис“ со презентацијата на пиесите од современото грчко музичко творештво
Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано
Добро е што програмата на годинешново „Охридско лето“ нуди различни жанровски концепти. Во врвот на туристичката сезона, концертите со лесна содржина ги привлекуваат гостите, дојдени во Охрид од целиот свет. Уште повеќе, кога во една фестивалска вечер има два интересни музички настани. Таква беше вечерта посветена на ансамблот „Елиас Ладино“ од Израел и грчката вечер на која настапи гудачкиот квартет „Емилиос Риадис“ од Солун. Првиот концерт се одржа во Предворјето на Св. Софија, а вториот во рамките на редовната програма, во црквата.
Публиката во Предворјето, во изведбата на ансамблот „Елиас Ладино“ имаше несекојдневна можност да слушне автентично толкување на традиционални песни што во минатото, низ балканските градови, ги пееле Евреите-Сефарди. Концертот беше проследен со куси осврти од водачот на ансамблот Ден Елиас (вокал и кларинет). Неговите предци, родум од Битола, во средината на дваесеттиот век се отселиле во Њујорк, но интерпретирајќи ги песните во домовите, ја сочувале традицијата од заборав. Денес тој и ансамблот „Елиас“ (со Марко Брем на контрабас, Морис Седека на уд и Кејси Бонд на тарабука) ја негуваат традицијата и ги изведуваат песните на ладино јазикот на Сефардите. Треба да се нагласи дека станува збор за луѓе што не се професионални музичари, па така нивото на изведбата се движеше во рамките на аматерски ентузијазам.
Сепак, публиката во Предворјето, со интернационален состав, афирмативно реагираше на лесните, певливи нумери, спонтано земајќи учество во изведбата. Музиката е специфична фузија од македонски нерамноделни ритми, грчки и турски модални напеви, балкански инструментариум, шпански фламенко и сето тоа на јазикот ладино, патем близок до шпанскиот и каталонскиот. Идејата на проектот е да се популаризира музиката на балканските сефарди пред публика во градовите каде тие живееле: Битола, Костур, Солун, Истанбул, места што ќе ги посети ансамблот на нивната турнеја низ Европа.
Во последниве изданија, како резултат од соработката на фестивалот „Охридско лето“ и амбасадите на повеќе земји во Република Севарна Македонија, се организираат концертни вечери посветени на уметници од тие земји со разновидни идеи за претставување на нивната култура. Вториот концерт – грчка вечер, беше конципиран во две стилски, потполно различни содржини.
На настапот, реализиран во соработка со грчката амбасада од Скопје, гудачкиот квартет „Емилиос Риадис“ изведе дела од современи грчки композитори во првиот и „Гудачки квартет“ оп. 80 во еф-мол од Феликс Менделсон, во вториот дел. Тоа беше исклучително силен контраст како во програмски, така и во интерпретациски контекст. Уметниците Андреас Папаниколау – виолина, Јоргос Кујумцоглу – виолина, Александра Волтси – виола и Лила Манола – виолончело, членови на Државниот Симфониски оркестар од Солун, пред полната сала во црквата Св. Софија, се претставија како високо професионален и уигран гудачки ансамбл. Изборот композиции од грчки автори беа: „Варијации во Ге“ бр. 1 за гудачки квартет од Емилиос Риадис, „Додеканезиска суита“ од Григорис Константинидис, „Гудачки квартет“ бр. 2 од Григориу Константинос и „Грчки танци“ од Никос Скалокотас.
Првото дело беа варијации на тонална основа со проширена хроматика, латентно обоени со фолклорни елементи. „Додеканезиската суита“ , композиција со тацувална ритмика на основа на грчка модална хармонија содржеше поексплицитен рустикален звук, а „Гудачкиот квартет“ од Григориу беше бевна, релативно безлична пиеса во некаков блед минималистички манир. Во шесте грчки танци, познатиот современ грчки композитор Никос Скалокотас, преку јасно вметнување фолкорни цитати, во разигран неокласицистички стил на динамичен начин ги претставил музичките специфики од различните региони на Грција. Треба да се потенцира дека додадена вредност на претставените повеќе или помалку монотони дела, несомнено беше убедливата изведба на квартетот „Риадис“. Секој од уметниците музикално истакнувајќи ја својата солистичка делница, „ја разубави“ презентацијата на пиесите од современото грчко музичко творештво.
Контратежа на првиот дел, во вториот дел од концертот, со изведба на „Гудачкиот квартет“ оп. 80 во еф-мол (1847), го слушнавме квартетот „Риадис“ во полн креативен сјај. Сугестивната интерпретација на оваа меланхолично-поетична композиција, (сепак толку елоквентно напишана), последното важно дело од Феликс Менделсон создадено два месеци пред неговата смрт, го тргна и најмалиот сомнеж во квалитетот на ансамблот, што можеби провеа во првиот дел од концертот. Уште од самиот почеток во првиот став Allegro vivace assai и вториот Allegro assai – низ уверливите хомогени тремола, романтичните (типично „Менделсон“ виолински) теми, уметниците нé воведоа во возбудливото дело полно со емоции и длабочина. Сите членови на ансамблот звучеа обединето во една компактна музичка целина, со убави солистички истакнувања на првата виолина и одличната челистка. Во третиот став Adagio, наполно слеани во „широките“ дискретно таговни мелодиски линии, музичарите целосно го доловија расположението на авторот пред смртта.
Финалето, звучеше адекватно треперливо, волуминозно, технички цврсто отсвирено, по малку со „Бетовеновска“ контрастна динамика. Токму динамичките нијанси, што уметниците чувствително ги водеа низ crescendo и decrescendo прелевања во фразите ја истакнаа полната убавина во стилот на Менделсон.
Беше тоа уште една убава концертна вечер на „Охридско лето“.