Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Лекции од пропаѓањето на Банката на Силиконскатa долина

Пишува: ЛУКРЕЦИЈА РАЈХЛИН / Project Syndicate

Иако Банката на Силиконскатa долина не се сметаше за системски важна, нејзината неликвидност ги принуди Федералните резерви на САД да спречат „системска зараза“ и ја разоткри несоодветноста на режимот на делумно осигурување на депозити на Федералната корпорација за осигурување на депозити. Очигледно е потребно уште едно темелно испитување на рамката за финансиска стабилност, донесена по кризата од 2008 година.

Дали пропаѓањето на Банката на Силиконската долина (СВБ) открива фундаментална слабост во сегашната рамка на финансиска стабилност, или единствено укажува на локализиран неуспех на надзорот?

Со загрозување на многу истакнати, брзорастечки компании во технолошкиот сектор, неуспехот на банката сигурно изврши значителен политички притисок врз Федералните резерви на САД. Но, итната интервенција на Федералните резерви – кога обезбедија сеопфатна гаранција за депозитите и дадоа заеми на други банки, вреднувајќи го нивниот колатерал на државните обврзници на САД на исто ниво – сугерира дека биле навистина загрижени и во однос на „финансиската зараза“, која евентуално би следела. А сега, неодамнешниот страв околу Credit Suisse ги принуди европските банкарски регулатори да се замислат околу истите прашања.

Очигледно, имало неуспех во надзорот. Неликвидноста на СВБ се случи поради нејзината целосно предвидлива изложеност на растечките каматни стапки. Ги користеше депозитите на клиентите за финансирање на инвестиции во портфолио на државните благајнички записи на САД на кои се очекуваше да им падне вредноста кога Федералните резерви почнаа да ја затегнуваат својата монетарна политика пред една година. Проблемот не беше ниту кредитниот ризик, ниту ликвидниот ризик, туку беше очигледен облик на пазарен ризик.

Вообичаените стрес тестови на Федералните резерви можеби ќе ги поштедеа супервизорите од срам, да не беше СВБ изземена од ова барање, како резултат на законската измена од 2018 година со која се зголеми прагот за учество од 50 милијарди долари во средства на 250 милијарди долари. СВБ имаше средства во вредност од 209 милијарди долари кога пропадна.

Овој јаз сугерира дека можеби навистина има подлабок проблем со рамката за финасиска стабилност. Од глобалната финансиска криза во 2008 година, регулаторите на двете страни од Атлантикот се обидуваат да ги зајакнат регулативата и надзорот на финасискиот сектор во границите на една широко конзистентна рамка. Двете клучни карактеристики се подобрени супервизорските овластувања и способности, со посебен фокус на институциите идентификувани како „системски значајни“ и шеми за делумно осигурување на депозити, кои се дизајнирани да ги заштитат депозитите до одереден износ по депонент.

СВБ не се сметаше за системски важна. А сепак, не само што Федералните резерви беа принудени да организираат вонредна итна интервенција за спречување на системски ризици што настанаа со нејзиното пропаѓање, тие, исто така ефикасно признаа дека режимот на делумно осигурување на депозити на Федералната корпорација за осигурување на депозити (покрај новите правила за банкарско реструктуирање) е несоодветен за смирување на депонентите, ништо помалку од сеопфатно осигурување на депозитите не би било доволно.

Секако, логиката на „системската важност“ после 2008 година можеби имаше повеќе врска со потешкотијата да се одмотаат масивните институции како „Лиман Брадерс“ отколку со загриженоста за нивната поголема склоност да предизвикуваат кризи. Сепак, финансиските кризи може да започнат од институции од секакви големини, а една од областите каде што има најголем прогрес од финасиската криза е воспоставувањето на подетални и поцврсти правила за банкарско реструктуирање.

Но, сагата на СВБ укажува на тоа дека реформите по 2008 година – зајакнување на барањата за адекватност на капиталот, воспоставување правила за банкарско реструктуирање (со финансиска помош за сопствениците на обврзници), изготвување на „живи тестаменти“ за банките – не беа доволни. Сеопфатното осигурување на депозити мора, исто така, да биде дел од поголемата слика и јасно е дека е подобро да се има ваков систем воспоставен.

Очигледно, се чини дека интервенцијата на Федералните резерви првенствено била мотивирана од загриженоста од „финансиска зараза“, отколку од потребата да се заштитат корпоративните депоненти во стратешки важен сектор. Но, во случајот со филијалата на СВБ во Обединетото Кралство, се чини дека спротивното е точно. Иако не беа потрошени пари на даночните обврзници за спасување на депонентите (СВБ ОК беше купена од страна на HSBC за 1 фунта), сепак човек би се запрашал дали ова е најдобриот начин за спроведување на индустриска политика или за заштита на еден критичен сектор.

Во случајот со САД, сведоци бевме на уште една епизода каде централната банка беше повикана да го користи својот биланс за да го заштити финансискиот систем. Иако кризите од минатата деценија можеби имаа различни потекла, поправката на Централната банка беше слична. Во сите случаи, владата ефикасно дејствува како осигурител во последната инстанца.

Ова можеби е неизбежно, па дури и пожелно, во смисла дека обезбедува добра финасиска стабилност. Но, проширената улога на владата нè принудува да се запрашаме дали не би било поефикасно да се заобиколат банките целосно со тоа што ќе им се дозволи на депонентите – како и на оние на мало така и на корпоративните – да ги задржат своите финансиски средства во Централната банка, преку издавање на дигитална валута на Централната банка. Тоа би било сеопфатен облик на „ex ante“ осигурување на депозити.

Пошироко, ако некои сектори од економијата бидат заштитени без разлика на сè, треба да воспоставиме рамка за тоа однапред, наместо да ги спасуваме неосигурените депоненти по колапсот. Ова се меѓу најважните лекции што креаторите на политики треба да ги научат од последната криза.

Превод: Наташа Цветковска

Избор: Фронтлајн

Зачлени се на нашиот е-билтен