Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Левица, десница, централно

Заблудените синови се враќаат дома, крај патриотското огниште. А Али Ахмети се најде пред избор кој мораше да го направи за прв пат – да се здружува со партии за да ја зачува позицијата на ДУИ и неговото политичко наследство

Веројатно се сеќавате на оној магичен стих од 1984 кога Дарко Рундек и „Хаустор“ пееја: „О-о-о ко ќе схватити то?/Левица, десница, централно“. Левица, десница во тогашна Југославија, четири години по смртта на Тито? Изгледаше како нестварно. Тие стихови со години подоцна по распадот на Југославија во различни средини на поранешната федерација беа користени како своевидни апокрифи за случувањата во политиката, чудните сојузи и уште почудните ривалства.

Четириесет години по оваа песна „Необичен ден“ македонската политика се наоѓа во една ситуација за тешко разбирање на чудните настани што се случуваат на два месеци пред изборите. Од една страна се мешаат левицата, десницата и централното во изборни коалиции, но од друга, во исто време се дестилираат тие коалиции според некои идеолошки преференции. Изгледа контрадикторно и небазирано на факти, но така е.

Вчерашната снимка како од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат еден по еден зад Христијан Мицкоски како војничиња двете дузини лидери на политички партии е една од најгротескните во последно време. Заблудените синови се враќаа дома. Меѓу нив имаше такви (како Петар Богојески од Македонски концепт) кои не штедеа време ни зборови да го оцрнуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, тука беше Павле Трајанов  од Демократски центар (пред две години во интервју за „Независен“ рече дека изјавите на Александар Николски дека биле „уценети или криминализирани“ се „резултат на конструкции на лица со психијатриски дијагнози, без кредибилитет и желни за власт“ и дека „ВМРО-ДПМНЕ е потонато во коруптивен шинел“). Па малку поназад и позатскриен стоеше Љубе Бошкоски од Обединети за Македонија (донеодамна задолжен во Владата за привлекување на странски инвестиции) кој се приклучил на коалицијата од „идеолошки причини“. Па стамениот Стојанче Ангелов од Достоинство…

Во другата коалиција, онаа на СДСМ, има и партија која се нарекува Десница, која претходно под друго име беше во оваа група, потоа излезе, па пак се врати.

Но, генерално, двете групации се поделени на некаква идеолошка основа. Онаа околу СДСМ е наклонета кон центар-лево, центарот и зелените политики и целосно ориентирана кон ЕУ, додека другата, околу ВМРО-ДПМНЕ, е многу попатриотски ориентирана, а во многу сегменти и националистички, чии усти се преполни со тешки зборови против францускиот предлог и „бугарскиот диктат“, кои се сомнителни кон ЕУ и ги нагласуваат „неправдите што таа ни ги прави“. Од тие побуди и кампањата на претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова ќе оди со слоганот „Македонија повторно горда“. Според неа, слоганот произлегол од „хроничната и акутна состојба со македонска демократија“ што зборува за слаба држава или држава во пропаѓање. А тоа оваа „патриотска групација“ околу ВМРО-ДПМНЕ треба да го поправи затоа што ќе се води од националните и државните интереси. Како другите да не го прават тоа.

Мистеријата на коалициите

Нема држава во Европа која на парламентарните избори излегува со две толку големи групации (а сега и три) и им дозволува на главните партии да го одредуваат наративот во политиката. Во постројувањето како војничиња има фабричка мана во формирањето и функционирањето на, во основа, минорните партии. Лидерите се истите тие со години, нивната главна политичка умешност е како со приклучувањето кон големите да издејствуваат бенефиции на одреден круг околу нив, повремено да зборуваат за нивните програмски определби и да ги фаќа паничен страв ако треба сами да излезат на избори. Мистерија е колку големите партии имаат корист од ваквите приврзоци кои го менуваат јатото.

Српската политика некогаш знае да биде ингениозна. Во 2017 на претседателските избори учествуваше младиот човек кој себеси се нарече Љубиша Прелетачевиќ – Бели. Овој комичар со кандидатурата ја изнесе на потсмев српската политика и освои извонредни 9,44 отсто од гласовите. Во Македонија има многу вакви лица што прелетуваат, но немаат храброст да се потсмеваат со мејнстрим политиката. Ним секогаш им е подобро во јатото. Затоа, остварувањето на идејата за една изборна единица ќе биде дар од демократските богови за прочистување на македонската политика и од оние што прелетуваат. Не би било изненадувачки, ниту чудно, оние што со полни усти заговараат една изборна единица повторно да се уплашат од нивниот неуспех и уште еднаш да побараат прибежиште кај посилните. Затоа што и не се навикнати да функционираат поинаку.

Затоа, треба да им се оддаде одредено признание на Левица и новата партија ЗНАМ. Не зборуваме за идеолошките определби, за национализмот и тврдокорното десничарење на Димитар Апасиев и дружината, ниту за магличастите програмски идеи на групацијата околу Максим Димитриевски, многу силно зачинети со агресивен национален патриотизам. Левица едно време се тетеравеше, во 2020 освои два мандати, сега веројатно ќе освои повеќе, но не сакаше да се приклучи кон стројот во водот каде командува друг поручник. Истото за многу кусо време го направи и ЗНАМ. Не изгледа неверојатно дека кај многу од малите партии има одредена политичка завист за она што го прават овие два субјекти. Тие решија да се борат сами и тоа им носи политички легитимитет, без оглед дали се согласувате со нив или не.

ДУИ – со жртва да се избегне пораз

Еден друг развој на настаните е позагадочен од овој кај македонските мамути. Пресметката што се подготвува во албанскиот блок. До пред неколку месеци никој не можеше да помисли дека Али Ахмети и ДУИ ќе преземат неочекувани чекори за да го спречат евентуалниот пораз на изборите во албанскиот блок и за прв пат досега на изборите партијата формира коалиција во која се вклучени повеќе партнери. Но не само со партии од албанскиот блок, туку и од други етнички заедници, со што ја проширија пораката. Тоа ќе има за последица ДУИ да се откаже од повеќе пратенички места затоа што сето е подредено да се победи албанската опозиција. Сосем јасно е дека Ахмети чувствува оти не е загрозена само неприкосновената позиција на неговата партија во последниве 22 години, туку и неговата лична позиција на своевиден „месија“, како што постојано го претставуваат функционерите на ДУИ.

Ахмети формираше „Европски фронт“ во кој досега се приклучија ДПА, Европската демократска партија, Народно движење, Демократската партија на Турците, како и Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, потоа Унијата на Ромите на градоначалникот на Шуто Оризари.

Шлагот на тортата дојде кога на оваа коалиција се приклучи и крилото на Зијадин Села од Алијансата на Албанците. Крилото на Села речиси и да немаше друг избор затоа што поради расколот во партијата тоа не можеше самостојно да настапува на изборите затоа што печатот на АА со кој може да пријави листа на кандидати за пратеници е кај ривалот Арбен Таравари. Овие две крила водат судски спор за тоа кој е законски наследник на партијата и кое крило може да го носи името Алијанса за Албанците. Но судот не може да одлучи кој е во право до поднесувањето на листите за пратеници и за Села ова беше изнуден потег. Зијадин Села се надева дека неговото крило ќе освои најмалку пет пратеници за да може да формира пратеничка група во парламентот. Доколку  се претпостави дека коалицијата на ДУИ ќе освои 15-16 пратеници, и ако Села добие најмалку пет, едно место за Мендух Тачи, едно до две места за другите коалициски партнери од „Европскиот фронт“, прашање е колку пратеници ќе има сама ДУИ. Дали може да се случи да биде под 10.

Една од опасностите за оваа коалиција, како и онаа на албанската опозиција, е дали овие две структури може да се одржат по изборите или тие ќе почне да се распаѓаа откако ќе се дознаат резултатите.

Пред еден до два месеци изгледаше дека сите пропагандни алатки се во рацете на албанската опозиција и особено кај нејзиниот кандидат за претседател на државата, Арбен Таравари. Но денес, барем во пошироката јавност, наративот на Али Ахмети и дружината што ја собира околу него го освоија јавниот дискурс.

Формирањето на коалицијата „Европски фронт“ има и друга улога – да му обезбеди што поголем успех на претседателскиот кандидат на ДУИ, Бујар Османи. Според анкетите (објавени и необјавени) Бујар Османи е во мала предност пред Арбен Таравари. Не треба да се исклучи дека групацијата околу ДУИ на Бујар Османи ќе му донесе дополнителен број гласови. Доколку Османи има сигурна победа над Таравари во првиот круг на претседателските избори, тоа ќе биде силно погонско гориво за ДУИ на парламентарните избори.

Доколку ДУИ има сериозна победа од 5-6 пратеници повеќе од опозицијата во албанскиот блок, тоа ќе го стави Мицкоски, како претпоставен победник на изборите, во комплицирана ситуација – да мора да се обрати кон Али Ахмети за соработка и да го голтне сето она што го зборува против ДУИ последниве две години. А чукањето на вратата на ДУИ ќе биде слатката одмазда на Ахмети.

Последниве неколку денови Мицкоски повеќе зборува за коалицијата на ДУИ, сфаќајќи дека нејзиниот силен резултат на парламентарните избори може да ги наруши неговите планови, и вели дека концептот на Ахмети бил „неуспешен политички маневар“ кој немало да го спречи поразот на изборите. Фактот веројатно е обратен – дека на Мицкоски може да не му успее маневарот со албанската опозиција.

На Али Ахмети може да му се најдат илјадници забелешки, а според многу наводи и истраги неговото пошироко семејство е заглавено во корупција (а можеби и тој самиот, иако не е докажано), но не треба никој да го потцени неговиот политички инстинкт. Во овој момент тој сфати дека ДУИ мора да направи жртва за да може да ја зачува доминатната позиција и да се откаже од повеќе пратенички места за да ѝ докаже на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ дека неговата моќ е нагризена, но не е елиминирана.

Јавно се гледа дека Али Ахмети не се чувствува баш пријатно со улогата што сам си ја подели, да ја спаси партијата и неговото политичко наследство. На јавните потпишувања на договорите за коалицирање неговиот говор на телото покажува дека тој не е особено среќен со тоа што го прави, но дека е свесен оти нема друг избор. Гласачите ќе оценат дали таа негова жртва била исплатлива за ДУИ. И за него самиот. (Дојче веле)

Зачлени се на нашиот е-билтен