Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мафијашката држава ја турка бугарската демократија до работ

Поранешниот премиер Бојко Борисов и медиумскиот тајкун Дељан Пеевски, санкциониран од САД, ја олицетворуваат заробената бугарска држава

Изборите во Бугарија следниот месец зависат од санкциониран тајкун и неговиот капацитет да ја поткопа кревката демократија на нацијата. Според неговите критичари – особено од реформистичките, антикорупциски партии – медиумскиот магнат и пратеник Дељан Пеевски е олицетворение на заробената бугарска држава во која олигарсите во сенка, шпионите и криминалните банди ги обвиткуваат своите пипала околу клучните институции во земјата, членка на ЕУ и НАТО. 

Николај Денков, премиер до минатиот месец, го опишува Пеевски – лице од црната листа на САД и на Обединетото Кралство – како „најголемото зло“ што ѝ се случило на балканската држава од 6,5 милиони луѓе. Затоа, не е ни чудо што една од главните политички битки околу изборите на 9 јуни зависи од влијанието на Пеевски врз судовите и врз службата за безбедност.

Христо Иванов, шеф на партијата Да, Бугарија, тврди дека изборите мора да го скршат стисокот на Пеевски и предупредува дека „функционирањето на Републиката“ е загрозено. Сепак, справувањето со Пеевски не е лесна работа.

Поранешниот премиер Кирил Петков од антикорупциската партија Продолжуваме со промените уште на првиот ден од неговата кампања во Софија налета на пречка во облик на Пеевски. Покрај прозорецот на неговата изборна канцеларија тој разговараше по телефон со претставник на компанија за билборди која одби да ја закачи серијата постери што тој штотуку ги нарачал.

„Како не можеш?“- рече Петков. „Ви плативме за 500 постери“.

Проблемот беше она што беше прикажано на постерот од неговата кампања: карикатира од  Пеевски преставен како фудбалер, но со лик на свиња која ја држи ногата врз тиква место врз фудбалска топка. Постерот беше микрокосмос на политичката ситуација во државата. „Тиква“ е прекарот на поранешниот премиер Бојко Борисов, чија централно-десничарска партија ГЕРБ удобно води на изборите. (Тиква е бугарски сленг за голема, но шуплива глава.) Со предупредувањето „Ова се случува ако не гласаш“ пораката беше јасна: Пеевски го има Борисов под контрола.

Карикатура на Дељан Пеевски како фудбалер со ногата на тиква

Проблемот на Петков е што никој не сака да вознемири моќен политичар чие влијание е сеприсутно низ медиумите, вклучително и во рекламниот сектор. Чувствителноста околу плакатите повторно се зголеми во вторникот кога ГЕРБ успешно лобираше до изборната комисија да принуди да се симнат постерите на партијата Продолжуваме со промените со слики од Борисов и Пеевски, прикажувајќи ефективно како едно исто – како избор за премиер.

ГЕРБ на Борисов моментално води во анкетите и има околу 27 отсто од гласовите. Пеевски – иако не е муслиман – сега ја предводи бугарската партија на етничките Турци, ДПС, која има поддршка од 15 проценти. Двајцата мажи нашироко се сметаат за политички поврзани во предизборната кампања, но големото прашање е кој од нив е навистина главен и кој ќе го води шоуто ако успеат да состават коалиција по изборите. Далеку од невозможно е враќањето на премиерската функција на поранешниот пожарникар и телохранител Борисов.

„Постои тенок и вграден договор меѓу Борисов и Пеевски, бидејќи Пеевски има значителна контрола врз судството и безбедносните служби, а господинот Борисов има стари гревови од кои се плаши ако има вистинска работа со судовите и обвинителите“, рече Петков. „Значи, Борисов ги носи гласовите, а Пеевски гарантира дека сегашните институции не претставуваат ризик за него“.

Јавната фрустрација од корупцијата е длабока, а гневот кон Борисов и Пеевски помогна да се  поттикнат масовни протести против мафијата во 2020 година. Сепак, предизвикот за реформаторите е што и ГЕРБ и ДПС можат да се потпрат на стабилни гласачки блокови благодарение на засладувачите, покровителските мрежи и регионалните феуди, каде луѓето чувствуваат дека нивните работни места зависат од градоначалниците и другите функционери од партиите.

И Борисов и Пеевски се претпазливи во врска со јавното прогласување на сојуз, но контурите на договорот се исцртуваат. Одделот за печат на ДПС објави весело соопштение – означено со „Ветено и испорачано!“ — за тоа како двајцата успешно соработуваат за да гарантираат работни места за енергетските работници и рударите. Борисов го бранеше Пеевски и од „најголемото зло“ – од Денков.

Дополнително, Борисов е искрен за политичката аритметика на земјата, истакнувајќи дека нумерички верна група турски и други муслимански гласачи е причината што има смисла да соработува политички со Пеевски. „Ние секогаш работевме со ДПС низ годините бидејќи тие се дел од системот“, рече тој.

Во класичната игра на политички чад и огледала, сепак, Пеевски тврди дека не е автоматски поддржувач на враќањето на Борисов на власт. „Кој рече дека Борисов мора нужно да владее?“- се пошегува тајкунот, повторно обидувајќи се да ја проектира идејата дека тој е одговорниот за дуото – со чизмата на тиквата, како што го прикажа постерот на Петков.

Санкциите на САД и на Обединетото Кралство против Пеевски и другите корупциски мрежи беа  извонредни затоа што ЕУ во голема мера зазеде став „прави се дека не гледаш“ кон злоупотребите од голем формат во Бугарија, иако голем дел од нив вклучуваа и кражба и злоупотреба на фондовите на ЕУ. Пеевски се обидува да ја отфрли стигмата од санкциите поради што имаше средба со амбасадорите на ЕУ овој месец што ја опиша како „срдечна“.

За разлика од бриселските детски ракавици, Вашингтон директно го обвинува Пеевски според Законот Магнитски дека води шеми за поткуп и врши „контрола врз клучните институции и сектори во бугарското општество“. Образложението на Британија за нејзините санкции е слично. Пеевски се жали на санкциите „Магнитски“, велејќи дека тие се изречени без докази.

Борбата за тоа кој ги контролира судството и шпионската служба е централна во борбата за иднината на бугарската демократија. Долготрајните поплаки на борците против корупцијата е дека безбедносните служби и судовите се користат за изнудувања и дека ниту еден од водечките кумови на мобингот не бил осуден. Денков вели дека земјата сега се соочува со шести општи избори во последните три години, бидејќи Пеевски ги поткопа обидите на реформистите да ја искоренат корупцијата во неговата влада – коалиција меѓу ГЕРБ и реформистите.

„Многу од проблемите што ги гледаме се токму поради тоа што тој почна да командува со процесите. Тој почна да командува со ГЕРБ, всушност, сакаше избори и поради него одиме на избори“, се пожали Денков минатиот месец, во забелешките што ги цитираше и БТА. 

Превртувајќи го тој наратив наопаку, Пеевски се претставува себеси како човек кој ќе ги спаси бугарските институции од мешетарите реформисти.

„Сигурно нема да дозволам да ги уништат бугарските [тајни] служби, да го уништат бугарскиот правосуден систем. Еве, го објавувам тоа затоа што секогаш велите дека има нешто зад сцената. Не! Нема да дозволам да ја уништат државата. Не јас, Дељан Пеевски!“

Како лукав политичар кој сака да маневрира кон мејнстримот, Пеевски исто така тесно се координира со Борисов за да се претстави како про-ЕУ и про-НАТО фронт против бугарскиот претседател Румен Радев, кој се приклонува кон Кремљ.

„Нашата невидена поддршка за Украина е резултат на нашето цврсто убедување како евроатлантисти“, рече тој неодамна, критикувајќи ја „нечовечката агресија“ на Москва.

Раздели па владеј

Како што изборната трка се движи кон својот последен дел, има знаци дека Борисов се обидува да ги раздели двете главни реформистички партии, сугерирајќи дека ќе работи со Да, Бугарија на Иванов наместо со Продолжуваме со промените на Петков. Фрлајќи колку што може повеќе политичка кал, Борисов се обидува да ја обвини партијата на Петков дека е блиска со проруската екстремно-десничарска партија Преродба – што е неиздржано обвинување бидејќи владата на Петков одигра водечка улога во вооружувањето на Украина.

„Продолжуваме со промените не е ништо прогресивно, ништо ново, туку борба за власт“, се жалеше Борисов на настанот на кампањата во јужниот град Хасково.

Сепак, самиот Иванов ја критикуваше вмешаноста на Пеевски секаде во државата, велејќи дека тој мора да биде отстранет. „Ова е фундаментално прашање за функционирање на републиката. Ова е враќање на империјата на стравот“, изјави поранешниот министер за правда за Бугарското национално радио.

Борисов се наежува на обвинувањето дека едноставно ја прифаќа мафијашката култура: „Јас сум европски политичар, не сакам да се вратам на мафијашките години“, рече тој, според коментарите на „Медиапул“.

Албен Маџуков, поранешен директор на енергетска фирма, верува дека има надеж за иднината на Бугарија, дури и ако луѓето се огорчени и поделени повеќе од кога било.

„Оваа преполна просторија покажува дека работите навистина ќе почнат да одат во вистинска насока“, изјави Манџуков.

„Пред три години работите се променија… Каде е доказот дека ГЕРБ е заглавена во корупција? Ако никој не е обвинет зошто да верувам во тоа?“

Противниците на ГЕРБ возвраќаат дека има добри причини зошто никој никогаш не е обвинет. (Политико / Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен