Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонците во Грција: Реката е помината, нема враќање назад

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ, Фотографија: Ангел АНГЕЛОВСКИ, Камера: Алек РИЗИНСКИ, Монтажа: Бисера МИХАЈЛОВСКА

Никој не може да порекне дека работите во Грција во поглед на правата на Македонците не се променети во последните 5 години. Нашите соговорници од Лерин, Солун, Горно Врбени, Овчарани, Псарадес во Мала Преспа, во Воден и во другите попатни градови, се едногласни дека после потпишувањето на Преспанскиот договор атмосферата е порелаксирана.

Слободан Манѕов, или Лефтерис Манѕас според личната карта, на Пеце Бенишев, односно Петрос Василијадис, на Пандо Ашлаков по грчки Панајот Анастасијадис, на Павлос Васкопулос Филипов, еден од лидерите на „Виножито“, и на Александра Јоаниду, професорка на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии на Универзитетот „Аристотел“ во Солун и на Јанис Јогас професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот на Западна Македонија во Грција, се едногласни дека со Преспанскиот договор двата народа, Македонците и Грците се повеќе отворени едни кон други.

Сега се сите уверени дека Преспанскиот договор e приказна за поврзувањето, за слободата и за солзите на катарзата. Ослободени од некогашните притисоци сега сите полека се свртуваат кон иднината и кон унапредувањето на меѓусебните односи.

Дека нештата се движат во добра насока потврдува и регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Лерин. Овој чекор, без разлика на сите отпори од неционалистичките кругови во Грција, тамошната прогресивна и академска јавност го дочека со одобрување, а за Македонците беше кулминација за нивните залагања за признавање на малцинските права во оваа земја и потврда дека македонскиот јазик е борба која никогаш не завршува.

 Се разбира, овие исклучителни резултати и постигнувања за признавање на правата на Македонците во Грција се резултат и на изворните, автентични активности на Македонците во Грција и тие дојдоа со израз и најдобро се артикулираа со основањето и делувањето на Партијата на Македонците во Грција – „Виножито“.

Дел од нашите соговорници, Слободан Манѕов, или Лефтерис Манѕас според личната карта, на Пеце Бенишев, односно Петрос Василијадис, на Пандо Ашлаков по грчки Панајот Анастасијадис и Павлос Васкопулос Филипов, се долгогодишни членови и лидери на „Виножито“. Тие денеска ги раскажуваат и се сеќаваат на премрежијата за основањето и за работата на нивната партија.

– „Виножито“ се создаде во Егејска Македонија оти грчките партии не го признаваа македонското малцинство. Членовите на Виножито се башка партии. Едни има од ПАСОК, едни има од Комунистичката партија, едни од други партии. Бидејќи овие партии не го признаваа македонското малцинство, овие луѓе „избегаа“ и си направија своја партија – “Виножито“, за нивните човекови права, раскажува Слободан Манѕов/Лефтерис Манѕас.

ПОЧИТУВАЊЕТО НА ПРАВАТА НА МАЛЦИНСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ Е ЕВРОПСКА МЕРКА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

„Виножито“, на грчки Ουράνιο Τόξο, е политичка партија на Македонците во Егејска Македонија. Иако националистите и екстремните политички партии во Грција упорно и ден денес создаваат слика дека „Виножито“  е сепаратистичка партија, активистите на партијата се истрајни во докажувањето на својата определба дека тие само бараат почитување на нивните човекови и политички права, согласно Европската конвенција за човекови права која го гарантира политичкото организирање и на малцинствата во Европа во нивната матична земја Грција, членка на ЕУ.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур досега има донесено три пресуди во полза на „Виножито“. Во одлуката на една од пресудите, Судот ѝ наложи на Грчката влада да ѝ исплати на партијата компензација во износ од 35.000 евра, кои „Виножито“ ги искористи за повторно издавање на „Абецедарот“ на македонски јазик, буквар направен од грчката влада уште во 1925 година.

Репринтот на „Абецедарот“ беше промовиран во Солун и Атина кон крајот на 2006 година со голема поддршка на грчките интелектуалци, а како дел од активностите на „Виножито“ е и публикувањето на македонско-грчкиот речник на Васко Караџа, кој сега е дел од литературата што ја користи Центарот на Македонски јазик во Лерин.

Седиштето на партијата е во градот Лерин и „Виножито’ е членка на Европската слободна алијанса, која што ги обединува и застапува правата на европските малцинства во институциите на Европската Унија.

Павлос Васкопулос Филипов вели дека „Една демократска држава треба да ги почитува правата на малцинствата, било јазични или национални, на граѓаните на оваа држава. Тоа е мерка за демократијата“. Тоа се европски вредности и тоа е сѐ што очекуваат Македонците во Грција.

– Според нас, и нашиот став е, дека во суштина прво државата треба да преземи соодветни мерки.   Не треба да се чека само на активисти, на членови на едно малцинство да се бори со системот…  Тоа е мерка за демократијата, според нас. Една демократска држава треба да ги почитува правата на малцинствата, било јазични или национални, на граѓаните на оваа држава. Тоа е мерка за демократијата, вели Васкопулос Филипов.

Тој има интересен агол на гледање на работите и вели: „Ние, на некој начин, сите овие години делуваме како алтернативен лек“.

– Не е мала работа да му велиме на нашиот Грк, сограѓанин: Драг мој пријателе, драг мој сограѓанину, размисли и за твојот грчки современ идентитет, кога ова што ние го зборуваме за современ македонски национален идентитет е нешто различно од тоа што ти го сервира системот со децении. Размисли позитивно те молам за доброто на сите нас, истакнува еден од лидерите на „Виножито“ Павлос Васкопулос Филипов.

ПРАШАЊЕТО НА ПРАВАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА Е ПРАШАЊЕ НА ДРЖАВАТА ВО КОЈА ТИЕ ЖИВЕАТ

Васкопулос и останатите во „Виножито“ се единствени дека нивните барања за човековите права кои им припаѓаат, како се користење и учење на мајчиниот македонски јазик, правото на негување и афирмација на традициите кои произлегуваат од нивниот национален идентитет и правото на политичко организирање за остварување на овие права, е нивна борба, во земјата во којашто што живеат и од која очекуваат да ги почитува овие нивни барања како на граѓани кои ѝ припаѓаат на Република Грција.

Затоа на прашањето дали доволно им помага Северна Македонија за овие прашања тие велат дека ова е нивна борба, нивна и на државата во која тие живеат – Република Грција.

– Ние сме граѓани тука, вие сте граѓани таму, ние сме ист народ, ние сме Македонци, истиот јазик, исти адети, истото минато, само што разликата е што ние сме граѓани тука, а вие сте граѓани таму. Значи за нас, за ние што сме тука граѓани, треба оваа држава да направи реформа, грчката држава треба да го направи тоа што треба за да ја почитува разноликоста, дециден е Павлос Васкопулос Филипов.

Тој укажува и на уредувањето на прашањата на немнозинските етнички заедници во Републиката, како што најчесто ја нарекуваат Северна Македонија, и вели дека нашата земја може да биде пример за ова прашање на Грција.

– Замислете како ќе беше интересно, ако македонската држава беше полноправна во ЕУ. Навистина, македонските политичари ќе можеше да ги учат грчките политичари како да ги   имплементираат (принципите) за почитување на  (правата) за националните јазични малцинства како што е кај вас, посочува Васкопулос Филипов.

КУЛТУРНА „ПРЕРОДБА“ И АФИРМАЦИЈА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ

Македонците во Грција, видливо ослободени и поттикнати од позитивните промени во Грција во однос на малцинските прашања, повеќе години наназад се насочени кон охрабрување и поттикнување на активности за негувањето на духовното и фолклорното наследство меѓу новите, помлади генерации. Борбата продолжува за културна „преродба“ и афирмација на нашите национални вредности, велат тие.

– Сега има голема разлика (во споредба) со тогаш, со тие години. Сега зборуваме послободно. И за ова очекуваме многу повеќе од Европската заедница, вели Слободан Манзов/Лефтери Манѕас, а Пеце Бенишев, двајцата од Горно Врбени/Екшису/Ксину Неро, го дополнува:

– Сега е променето. Сега на панаѓурите и веселбите што ги имаме во нашите села нема да слушнеш ништо друго освен македонски песни и ора, ни рече Пеце Бенишев.

За да ни биде појасна разликата од некогаш и сега, Пандо Ашлаков/Панајот Анастасијадис се сеќава на минатото.

– Ние кога бевме деца и кога почнавме да пееме македонски песни, цела Грција ја кренавме на нога. Ги кренавме на нога и си рекоа се разбудија овие и треба да ги застанеме. Ама по закон не можеа да не застанат. Ние пеевме и игравме оро, не замавме пушки. Дојде полиција, дојде тајна полиција, дојдоа вакви, такви, плашење… Јас бев дете тогаш, татковците ни викаа немојте бе деца, не е време уште… До кога бе татко, до кога ќе биде? Ај ти помина. Јас зошто да го поминувам истото што го помина ти? Да трпам. Јас грчкиот јазик го студирав, војска му одев, данокот на државата го плаќам… Епа оваа држава треба да види дека има народ од друга нација. Не бараме преку леб погача. Бараме да си плачеме на мајчин јазик. Сега ти ќе ме клајш да плачам по татко ми на грчки јазик. Не бидува тоа, емотивно се навраќа на овие сеќавање нашиот домаќин Ашлаков во Овчарани.

За разликата сведочи и секојдневието. Промените пристигнаа и ги прифатија масовно и помладите. Во Овчарани за време на празничните денови за Илинден, како селски празник во чест светецот Свети Илија, како заштитник на селото, но и како празник на Илинденското Востание, се собирале од 8000 до 15.000 луѓе од поширокиот регион. На овие народни собири сега се пејат гласно македонските песни што тука се негувале со векови, но и некои нови. Порано тие биле исполнувани само инструментално. Како во немите филмови, вели Пандо.

– Од 1985 година кога почна да се пее македонски, зашто до ’85 бевме „Чарли Чаплин“, само со музика бевме, не бевме со песна. Од ’85 почна песната. Од тогаш навака од Солун, Бер, Негуш, Воден, Катерини, Калјари… се берат од 8000 до 15000 луѓе тука. Сега не само Овчарани, туку секаде се пее македонски, и во Кукуш, и во Воден, и во Калјари, секаде… Сега на свадбите и крштевките веќе се гледа дали е човек Македонец или Грк, нагласува Пандо Ашлаков/Панајот Анастасијадис од Овчарани.

Пандо Ашлаков или Панајот Анастијадис, вели дека тој и останатите Македонци во Грција, не бараат многу. Тој ги почитува другите и истото го очекува од нив – да го почитуваат него и неговите традиции и вредности.

– Јас лично кога ќе видам човек тоа што го игра, дали е влашко, дали е турско, дали е грчко, и кога игра добро нешто од нивното место, ќе му дадам аплауз. Ама сакам и Грција, за тоа што го правам јас од душата, што е мое, дали се вика „поседница“, „пуштено“, или било како, да ми даде аплауз, а не да вика: Еве, еве ги овие кои се. Кои сме бе?, кажува нашиот домаќин во Овчарани Пандо Ашлаков/Панајот Анастијадис.

РЕКАТА Е ПОМИНАТА, НАЗАД НЕМА

Пеце Бенишев/Петрос Василијадис не потсетува дека од Горно Врбени, селото во кое живее, бил и Александар Турунџев, комитата од Илинденскиот период, и дека песните за него, за Гоце Делчев и за останатите македонски комити, се многу популарни на народните веселби на Македонците.

Се обидовме да го „испровоцираме“ со прашањето дали сега се и тие така храбри како некогашните нивни соселани.

– Не станува збор за храброст. Како велат: Ние ја имаме поминато реката, нема назад за нас. Еден живот имаме и ќе бидеме Македонци, а не Грци, ниту Бугари, ни одговори Пеце Бенишев/Петрос Василијадис.

Три дена во Лерин, Мала Преспа, Воден, Врбени, Овчарани… се многу малку денови за да се опише сето она што е постигнато во последните неколку децении. Нема никакво сомневање и дека „Преспанскиот договор“ беше една од точките за пресврт, бидејќи како што велат нашите соговорници, сега за Грците е многу полесно. Сега тие немаат никаков проблем да изговорат Северна Македонија во контекст на посебна, суверена држава, сосед на северната граница со која се отворени нови страници за соработка. Тоа, пак, им помага на народите од двете страни на границата да ја шират и продлабочуваат соработката во многу сфери, а Македонците во Грција да бидат уверени дека нивното залагање за остварување на човековите права коишто им припаѓаат сега можат само да се унапредуваат.

Во таа насока ја завршуваме оваа трилогија за народот и приказните на Македнците во Грција со оваа емотивна изјава на Пандо Ашлаков/Панајот Анастијадис од Овчарани.

– Мене во Атина ме викнаа и знаеш што ми рекоа: Што бараш? Му велам многу ми зете (зедовте), (го барам) тоа што остана. Моето, многу наше ни зете (зедовте). Дедо ми не можете да ми го вратите, баба не можеш да ми ја вратиш, името и презимето не можеш да ми ги вратиш, епа остај ми го орото, остај ми го езикот (јазикот), раскажува Пандо од Овчарани.

*Серијата репортажи „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ е реализирана со поддршка на Фондацијата Заев – Едно општество за сите

Треба да знаете
Moже да ве интересира