Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонија е меѓу првите земји во Европа со Закон за нефер трговски практики

Зоран БОЈАРОВСКИ

Со Законот за нефер трговски практики кој денеска беше усвоен во Собранието и кој ќе стапи на сила на почетокот на втората половина од годината, се очекува да бидат спречени манипулациите со цените во синџирот на снабдување и препродавање на производите.

Власта, на чиј предлог е донесен законот, смета дека со неговото донесување треба да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и доставувачи) што се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производството, преработката, маркетингот, дистрибуцијата и малопродажбата на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Со предлог-законот, како што се посочува во образложението на оваа нова регулатива, се обезбедуваа и поефикасни контроли и надзор на Комисијата за заштита на конкуренцијата која добива дополнителна надлежност.

„За таа цел, Комисијата е должна сите нејзини акти да ги усогласи со одредбите на овој предлог и да обезбеди потребни ресурси на технички, технолошки и квалификуван кадар за правилна и непречена контрола на одредбите во предлог-законот, во рок од шест месеци од денот на негово влегување во сила. Предлог на законот има за цел да ја регулира постапката за изведување докази и прекршочната постапка, да утврди висината на глобата за сторен прекршок и решенијата кои Комисијата ги донесува, за одлучување по прекршок“, се вели во образложението на предлог-законот.

Македонија е меѓу првите земји во Европа со вакво законско решение

Вицепремиерот задолжен за координација на економските ресори во Владата Фатмир Битиќи од ова законско решение очекува да се стабилизира редот со цените кој веќе е создаден, за што свој суштински придонес ќе даде и оваа регулатива како системско решение.

Според Битиќи, законот за забрана на нефер трговски практики е решение кое досега сме го немале, но и дека е правиот пат кон европската интеграција.

„Секако, законот е системско решение кое сме го немале, а го немале и никаде во Европа. Ова е ново решение според ЕУ-директивите и мислам дека конечно ќе значи правиот пат кој сите го бараме, а тоа е патот кон европската интеграција. Ваквите решенија укажуваат што е доброто на нашето интегрирање во ЕУ“, рече Битиќи.

Според професор Ванчо Узунов дали и колку ќе се намалат цените по носење на Законот за нефер трговски практики, никој не може точно и прецизно да каже, затоа што досега немало објективни параметри за да видиме колкаво би било тоа намалување. Но, вели суштинско е доносувањето на овој закон и тоа поради две причини.

„Првата причина е тоа што очигледно е тоа што кај нас особено сега оваа правна инфлација уште повеќе ќе продолжи и понатаму. А и пред замрзнувањето на цените оние што ги имавме некакви покачувања се должат на специфичната состојба на нашиот пазар. Нашиот пазар е мал и плиток. Значи имаме луѓе кои имаат слаба платежна моќ, меѓутоа имаме моќни понудувачи и малкумина кои меѓу себе имаат многу лесно отворен простор да се договараат за злоупотреба на нивната позиција. Толку колку што можат а очигледно можат. Тие тоа го користат и тоа баш е не фер и не е добро. Суштината е за да се спречи инфлацијата понатаму. Не се потребни веќе мерки на монетарната политика рестриктивни, туку сега се потребни овие мерки. Како на пазарот да се направи дисциплина, да пазарот почне да функционира подобро, по перфектно. Никогаш нема да стане перфектен, но колку може да се приближи тоа е толку потребно. И за тоа се потребни одредени решенија, тоа е основната причина“, вели професорот Узунов.

Продукти што ќе бидат со маржа до 10 отсто

Министерството за економија подготви список со над 2.500 производи што кога ќе стапи во сила Законот за забрана на нефер трговски практики ќе бидат со маржа до 10 отсто, а доколку се согласат трговците, таа може да биде и пониска.

На листата се најдоа видови млеко и павлака, јогурт, видови сирење, мед, компир, домат, кромид, лук, краставици, видови грав и грашок, блитва, ананас, боранија, леќа, авокадо, видови портокали, мандарини, лимон, грозје, лубеници, вишни, видови кафе, житни производи, видови колбаси, дел од конзервираната храна, шеќерoт, слатки, колачи, какао и производи од какао, џемови, путер од кикиритки.

Ова се само дел од производите што нема да може да имаат маржа повисока од 10 проценти. Може да се забележи дека на списокот се најдоа и производи што се сметаат за луксуз.

Министерството за економија ќе ја прати оваа листа до стопанските комори и до Организацијата на потрошувачите. Ќе се трансформира во правилник кога законот ќе стапи во сила и ќе биде објавен во „Службен весник“. Целта е да се стави крај на манипулациите со цените, соопштија од Министерството.

Зачлени се на нашиот е-билтен