Во изминатите четири години, речиси 4.000 албански државјани добиле бугарски патни исправи, соопшти бугарското Министерство за правда
Пописот во Албанија отвори нов фронт во долготрајниот спор меѓу балканските соседи Бугарија и Северна Македонија.
И двете држави тврдат дека сѐ помалото македонско малцинство во Албанија е нивно.
Војната за идентитетот е нешто како нерамноправна борба, велат локалните жители, бидејќи оние кои ќе се одлучат да станат Бугари, имаат шанса да добијат ценет пасош на ЕУ, пишува француската агенција Франс прес во својата репортажа од Пустец.
Понатаму во текстот се вели:
Софија и Скопје со децении се караат околу јазикот, идентитетот и историјата.
Бугарија го блокираше патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ, а во исто време им даде пасоши на околу 90.000 Македонци, според податоците на ЕУ — приближно еден од 20 од населението — откако таа се приклучи на блокот во 2007 година.
Најновата караница се фокусира на група на села кои изумираат од македонско говорно подрачје во едно од најубавите краишта на југоисточна Албанија на брегот на Преспанското Езеро, покрај границата со Грција и Северна Македонија.
На претежно празните улици во Пустец, табли се испишани и на албански и на македонски јазик. Но, многу домови и згради се напуштени, со испукани ѕидови, излупена боја и скршени прозорци.
Како и поголемиот дел од рурална Албанија, младите заминаа да бараат подобар живот, а локалните жители велат дека населението опаднало од 3.300 во 2011 година на само 1.200.
„Овде е како пустина, нема млади… селата се празни“, вели 65-годишниот Ефтим Митровски, кој работи во локален весник на македонски јазик. „Остануваат само старите и болните“.
Пред пописот во Албанија кон крајот на минатата година, дел од нејзината мала македонска заедница рече дека биле под зголемен притисок да се идентификуваат како Бугари — обвинување кое Софија цврсто го отфрли.
„Можноста да се добие европски пасош силно ја погоди македонската заедница“, рече Васил Стерјовски, од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, која претставува многу Македонци во Албанија.
Со пописните резултати кои треба да се појават во следните неколку месеци, директорот на основното училиште во Пустец, Трајан Ванѓеловски, се пожали дека „тоа стана бојно поле за меѓуетнички конфликти меѓу Бугарија и Северна Македонија“.
Како и поголемиот дел од Балканот, историјата на областа е сложена. Од 1912 до 1945 година, Албанија своите жители ги сметала за Бугари.
Но, по крајот на Втората светска војна и раѓањето на македонската република во рамките на Југославија, Албанија ги класифицираше како Македонци, според експертот за меѓународни односи од Тирана, Арди Бидо.
Меѓутоа, работите се сменија во 2017 година кога Албанија почна да го признава етничкото бугарско малцинство.
Скопје со децении „го негираше постоењето на бугарска заедница не само во Северна Македонија, туку и во Албанија“, изјавија за АФП од бугарската амбасада во Албанија.
„Во минатото тие (албанските Бугари) ја немаа оваа можност и за многумина беше логичен избор да се декларираат како Македонци, со оглед на заедничката културна и историска заднина“, се додава во соопштението.
Нивната одлука мора да се почитува, тврдат од амбасадата.
„Јас сум државјанин на Албанија, но моето потекло е бугарско“, рече Хаџи Пируши, кој работи за непрофитна организација со седиште во Тирана која го поддржува бугарското малцинство.
„Зборуваме бугарски… Пееме на бугарски. Плачеме на бугарски“, додаде тој, велејќи дека „за прв пат имаме право отворено да го кажеме своето потекло“.
Пируши негираше дека има принуда од Бугарија и наместо тоа го критикуваше „притисокот од Северна Македонија“.
„Надвор од двосмисленоста на идентитетот, постои и втор фактор – лажните изјави“, рече аналитичарот Бидо.
Некои луѓе можеби се идентификуваат како Македонци, но официјално се декларираат како Бугари за да добијат пасош на ЕУ, рече тој.
Во изминатите четири години, речиси 4.000 албански државјани добиле бугарски патни исправи, соопшти бугарското Министерство за правда.
Назад во Пустец, прашањето продолжува да сее раздор.
Луѓето се загрижени, збунети и дезориентирани“, вели училишниот администратор Ванѓеловски.
„Тие веќе не знаат дали треба да се чувствуваат како Бугари или Македонци“. (АФП)
Преземено од Независен.мк