Северна Македонија за првпат во својата историја во 2024 година избра жена за претседател, но годината што ја оставивме зад нас беше обележана со различни проблеми на полето на (не)еднаквоста. И покрај очигледниот напредок, суштинските прашања како што се насилството, дискриминацијата, нееднаквоста, неисполнетите ветувања и многу други продолжија и во текот на целата година. Порталб.мк пренесува дел од главните моменти кои ја одбележаа 2024 година на ова поле.
Избори без решение
Во годината што помина, заедно со претседателските се одржаа и парламентарните избори. Во изборните програми на претседателските кандидати овие теми беа само точки, додека на парламентарните избори беа дадени повеќе ветувања.
2024 година главно ќе биде запаметена како година кога Северна Македонија првпат избра жена за претседател – Гордана Сиљановска-Давкова стана првата претседателка на државата.
Но, ваквиот напредок по изборите не се одрази во Собранието или Владата, каде и понатаму продолжи истата практика на незастапување на жените во овие структури.
Од 120 пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 41 се жени, а од нив 33 се Македонки и 8 Албанки.
Жените се минимално застапени во Владата на Република Северна Македонија – само три жени се на министерски позиции и ниту една од нив не е Албанка. Низок е и бројот на жени на позицијата заменик-министерки.
Политичарките мета на говор на омраза
Сексизмот и говорот на омраза кон жените на јавни позиции, главно кон политичарките, беше многу распространет и поради двојните избори.
Овој проблем беше истакнат и во истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ), во кое само во првата половина на 2024 година се идентификувани 3.380 сексистички коментари против жените во политиката, со посебен акцент за време на изборите.
Но, политичарките не беа единствените кои беа мета на дигитално насилство, Платформата за родова еднаквост изрази загриженост за зголемувањето на злоупотребата и нарушувањето на личниот и интимниот простор преку родово базираното дигитално насилство. Експертите предупредија дека родово базираното дигитално насилство добива сè поголеми размери.
Злоставуваните жени принудени да се вратат кај злоставувачот
Во тек на 2024 година Порталб.мк континуирано известуваше за случаи на семејно насилство и насилство врз жените, како и за институционални прашања на ова поле. Злоставуваните жени кои престојуваат во засолништа во Северна Македонија се принудени да се вратат кај својот злоставувач поради недостаток на финансиска стабилност. Тие имаат потреба од подолгорочно сместување по излегување од прифатилиштата и од финансиска поддршка од соодветните институции.
Во Северна Македонија има четири државни засолништа кои нудат сместување до шест месеци. Исто така, функционираат два кризни центри – едниот за престој од 24 до 48 часа и другиот за згрижување на жртви на семејно насилство до една година.
Секретаријатот за родова еднаквост остана само на хартија
Претходната Влада на Република Северна Македонија не успеа да го формира Секретаријатот за родова еднаквост, иако беше ветен. Работата за предлог-законот за родова еднаквост, во кој е предвиден овој секретаријат, беше прекината, а работната група повеќе од една година не одржала ниту еден состанок. Ниту актуелната власт не даде позитивни сигнали за формирање на овој секретаријат.
Слично како и претходните години, и минатиот 8 Март, Меѓународниот ден на жената беше одбележан со протест под слоганот „Црвена линија: За правата на жените не се преговара!“ и барања за економска, политичка и социјална еднаквост на жените.
Шамарите на ЕУ и САД
Во Извештајот за напредокот на земјата, Европската комисија јасно наведе дека Северна Македонија не постигнала напредок во унапредувањето на родовата еднаквост, без значителни случувања во нејзината национална политичка рамка за интеграција на родовата еднаквост и усогласување со правото на ЕУ.
И во Извештајот на Стејт департментот на САД за човековите права за Северна Македонија, кој ја истакна негрижата на земјава за оваа тема, насилството, заканите, дискриминацијата, говорот на омраза, фемицидот, злосторствата и злоупотребите се зборовите кои најмногу се споменуваат.
Незначителен напредок
И покрај предизвиците и проблемите, борбата за подобра иднина во однос на родовата рамноправност не запре, главно од граѓанските чинители, но и од државните институции.
Државниот завод за статистика во соработка со UN Women ја креираше платформата за родова статистика за да го подобри пристапот до родовите податоци. Но, оваа платформа има информации само на македонски јазик и англиски јазик, но нема податоци и на албански јазик.
На Меѓународниот ден на девојките, пак, беше формирана група за составување на политики за родова еднаквост.
Министерството за одбрана и Националниот совет за родова еднаквост потпишаа меморандум за соработка.
Исто така, на два месеци пред крајот на годината беше објавено дека започнал процесот за подготовка на Стратегијата за борба против родово базираното насилство.
Се одржаа и различни активности, како што се панели, конференции и дискусии.