Малите играчи на политичката сцена изгубија тло под нозете и сега итаат да фатат приклучок на онаа страна кај што мислат дека ќе најдат спас или повеќе разбирање за своите проблеми во надеж дека некој во новата поделба на моќ ќе му пружи засолниште. Северна Македонија мора да ја знае и да ја определи својата позиција на шаховската табла на големата игра.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
„Нов бунар копај, во стариот не плукај“ е стара мудрост која најмногу се однесува на дипломатијата во делот на создавање нови пријателства.
Оттаму може да се каже дека е за разбирање настојувањето на премирот Мицкоски да фати чекор со времето и да се доближи што е можно повеќе до администрацијата на новиот “шериф во градот”, како што потпретседателот Венс го нарече Трамп во обраќањето во Минхен.
Во тоа навистина нема ништо лошо ако е заради постигнување на геостратешкиот и национален интерес- членството во ЕУ.
Но, ако таа геостратешка позиција на Македонија останува, тогаш не смее да се заборави дека „утре“ треба да тропнеме пак на истата врата пред која сега по малку се „плука“.
Критиките кои сега заострено ги упатува Мицкоски кон тромоста, некогаш и дволичноста или нееднаквоста во пристапот на Унијата кон земјите аспиранти се оправдани, но Македонија сепак не е САД и не може да си дозволи ист арогантен однос кон големите и моќни сојузи каква сепак е ЕУ.
Непобитен факт е дека со доаѓањето на Доналд Трамп на кормилото на САД во овој момент се случува редефинирање на односите меѓу големите сили. Седнувањето на преговарачка маса на Трамп и на Путин среде војна на европскиот континент, заличува на Договорот од Јалта во 1945 година одржан речиси во ист ден и месец, со речиси истите држави-актери (со исклучок на Велика Британија), кога се прекројуваше геостратешката мапа на сфери на влијание во светот.
Ваквата констелација на односите носи политички и безбедносни ризици во одбирањето страна кај старите сојузници,
Прашањето што им виси над глава е дали вечните и традиционални ривалстава меѓу САД (читај НАТО) и Русија, во чие име сите останати се позиционирале, ќе добијат нов тек? Имено, дали од сега натаму Русија нема да биде природниот непријател „број еден“ кон кого беа воспоставувани санкции почнувајќи од економски до културолошки и спортски, дури и на своја штета!? Можно ли е „кавгата“ меѓу САД и БЛОКОТ (ЕУ) да ескалира или уште повеќе, дали и натаму Европа ќе остане единствена каква со децении се обидува да биде или пак некои од земјите членки ќе тргнат по свој пат барајќи нови сојузништва и спонзори.
Едноставно, Трамп го „отвори” светот, или го врати на нула. Му направи рестарт.
Малите играчи на политичката сцена изгубија тло под нозете и сега итаат да фатат приклучок на онаа страна кај што мислат дека ќе најдат спас или повеќе разбирање за своите проблеми во надеж дека некој во новата поделба на моќ ќе му пружи засолниште.
Ако сето ова важи за Унгарија, за Словачка или дури и за Италија, Франција па и за Германија, секако важи и за нашата земја. Северна Македонија мора да ја знае и да ја определи својата позиција на на шаховската табла на големата игра.
Сега како никогаш порано на македонската дипломатија, сватена најшироко, ѝ треба повеќе мудрост во балансирањето меѓу големите сили. Дотолку повеќе што Македонија нема што многу да понуди за возврат на услугите што ги бара.
Оваа Влада силно верува дека САД може да обезбеди гаранции дека во текот на преговарачкиот процес Бугарија нема да прави вето на билатералните идентитетски прашања.
На моќта САД да го направи тоа укажува и експертот по безбедносни прашања Александар Илиев во дебата на ТВ Клан. Според него САД ги има сите економски, воени, дипломатски и разузнавачки капацитети за такво нешто, додека ЕУ тоа го нема.
Но тој не верува дека САД ќе се впуштат во таква авантура да ја уриваат Владата во Софија заради Македонија.
„Јас не гледам дека САД е активна во уривање на некои Влади на Балканот. Кон Курти на пример немаат пријателски однси, но тој сепак долго време опстојува. А не гледам и дека сака да ја урне Владата во Софија заради Македонија. Бугарија сега интензивно воено се американизира со набавка на авиони Ф-16, а и со други воено индистриски капацитети“ вели Илиев.
„Споровите како нашиот со Бугарија или на Србија со Косово за САД се важни само доколку не ескалираат, затоа што ние не сме толку геополтички важни. Нејзините интереси се насочени кон Пацификот и кон спречување на влијанието на Кина во светот. Може да се каже дека ние сме поважни за ЕУ која сака да не интегрира. И ние затоа треба да сме многу кооперативни за тоа да се случи. Но и со САД ако сакаме да ни остане стратешки сојузник“.
Интерсот на САД на Балканот, според Илиев, може да биде Коридорот 8 од безбедносен аспект затоа што целосно минува низ НАТО земји, од Италија преку Албанија, Македонија па до Црното море во Бугарија.
Новите односи во светот што ги наметнува американскиот претседател Донлад Трамп се прекшија токму поради војната во Украина. Оттаму и понатамошниот развој на настаните ќе зависи од разрешницата во начинот на постигнување мир во оваа европска држава.
Како што смета и експертот за европски прашања Драган Тилев, Украина е клучната точка. Мир е подобар од војна, војната е скапа, меѓутоа неправеден мир е најскапата варијанта, вели тој, Затоа ЕУ мора да го обезбеди своето место во епилогот на тие разговори и секако тој што е нејзасегнат а тоа е Украина.
Решението за Украина има ефекти и кон нас.
Имено ЕУ ќе продолжи со проширувањето, а Македонија веќе ја има својата Преговарачката рамка прифатена од сите 27 земји членки.
„Таа претатавува генералната позиција на ЕУ врз основа на која се преговара и врз основа на кои правила и критериуми ќе бидеме ние примени во некое идно време. Штом 27 земји членки ја усвоиле таа генерална позиција на ЕУ во која спаѓа и преговарачката врамка, таа секако може да се смени, не е библија, но само на ист начин, во согласност со сите 27 земји членки. Поинаков начин не постои“, вели Драган Тилев.
Ако е така тогаш Македонија треба што поскоро да се врати на колосекот на брза лента која беше заговарана од страна на оваа Влада кога беше опозиција и со помош на ЕУ и на САД да ги направи реформите заради кои и доби подршка од граѓаните.
Тоа ќе ја определи нејзината позиција на шаховската табла и ќе покаже дека самата се погрижила за неа и покажала мудрост дека одговорот на прашањето „Поблиску до „Новиот шериф во градот“ или до „Старата Дама“? може да биде – и до „новиот шериф“ и до „старата дама“.