Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонски железници ќе добијат конкуренција – и приватници ќе возат по нашите пруги

Предложените законски измени од министерот Бочварски се на второ читање пред пратениците и треба да се најдат како точка на дневен ред на 120-тата пленарна седница на Собранието. Доколку пратениците ги прифатат овие измени, тогаш во товарниот и во патничкиот железнички сообраќај ќе може да вршат услуги и приватни оператори

Бојан БЛАЖЕВСКИ*

Најголемиот државен загубар и единствена компанија која во моментов сообраќа по македонските пруги – Железници на РСМ Транспорт во иднина ќе добие конкуренција од приватни оператори. Во Собранието на РСМ во моментов по скратена постапка се усвојуваат предложените измени и дополнувања на Законот за железнички систем, со кој ќе се стави крај на државниот монопол во железничкиот сообраќај во земјава.

Предложените законски измени од министерот за транспорт и врски Благој Бочварски се наоѓаат на второ читање и пред пратениците треба да се најдат како точка на дневен ред на 120-тата пленарна седница на Собранието на РСМ. Доколку пратениците ги прифатат овие измени, тогаш во товарниот и во патничкиот железнички сообраќај ќе може да вршат услуги и приватни оператори.

„Со членот 16 од Предлогот на закон се врши изменување, т.е. се врши јавен железнички превоз на патници и стока од приватно домашно или странско правно лице, т.е. се отвора пазарот за други железнички превозници“, се наведува во образложението во Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем по скратена постапка.

Во образложението на законските измени од Министерството за транспорт и врски се вели дека со потпишувањето на Договорот за основање на транспортната заедница треба да се изврши усогласување на националното законодавство со европското законодавство од областа на железничкиот транспорт. Ова како барање секоја година го испорачува и Европската Комисија до земјава во Годишните извештаи за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ.

„Со овој договор требаше да се изврши усогласување на националното закондавство со ЕУ acquis од областа на железничкиот транспорт. Договорот треба да придонесе подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт, преку отворање на пазарот и зајакнување на конкуренцијата. Ова е едно и од барањата за членство во Унијата на одржаниот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергија и регионален развој од 17 март 2022 година“, се наведува во образложението за законските измени.

Покрај државниот железнички оператор, во иднина по нашите пруги ќе може да сообраќаат приватни домашни, но и странски компании. Дозволата за вршење на железнички превоз ќе им ја издава Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, која го води и Регистарот на издадени дозволи за компаниите. Воедно, приватната компанија ќе треба да има и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз.

За да ја користат железничката инфраструктура во земјава, приватните компании кои би превезувале патници и стока по македонските пруги ќе треба да плаќаат за користење на инфраструктурата на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на РСМ.

Инаку, Мета.мк веќе подолго време пишуваше за потребата од либерализација на железничкиот превоз во земјава. Државата со години наназад го одложуваше влезот на приватни оператори по нашите пруги, ветувајќи дека ваквата обврска како кандидат за членство во ЕУ би ја исполниле откако ќе постанеме земја-членка на Унијата.

Но, со ваквите одложувања, наместо развој на железницата во Македонија, сведочиме на намален обем на превоз на стока и патници од државната железница, како и натамошно трупање на долгови од Железници на РСМ-Транспорт. Поради ова, со долгови е натрупано и јавното претпријатие што треба да ја одржува железничката инфраструктура, додека по дел од пругите во земјава воопшто не сообраќаат возови и е неискористен овој инфраструктурен потенцијал.

*Бојан Блажевски е главен уредник на Агенцијата МЕТА

Преземено од МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен