Македонските и бугарските писатели се залагаат за вечна пролет во меѓусебните односи

Зошто јазичната и културолошка блискост понекогаш раѓа огромна политичка нетрпеливост? Одговорите ги побаравме кај бугарските писатели, учесници на 14. Македонска книжевна визита во Софија

Од Софија: Стојан СИНАДИНОВ

Односите меѓу Македонија и Бугарија во поблиското и подалечно минато веројатно најпластично би можеле да се опишат како мените на годишните времиња. Имало мрачни периоди со тешки, оловни облаци и дождови како на есен; имало замрзнати периоди како в зима; имало и вжештена атмосфера како во пеколно топло лето. Сепак, ако се прашуваат уметниците од двете страни на границата, најубаво би било кога би владеела вечна пролет во комуникацијата, не само меѓу творците.

Авторските сродници од Македонија и Бугарија, кои изминативе денови учествуваа на 14. Македонска книжевна визита (од 11 до 13 мај) во Културно-информативниот центар на РСМ во Софија, хорски ќе ви потврдат дека пролетта не е само обично годишно време. Славејќи ги поетите како творци на некој подобар свет, македонските и бугарските писатели уште еднаш потврдија дека коридорите на културната соработка на земјите од Балканот се ставени во полна функција, а Северна Македонија е на крстопатот на поврзувањето и лидер на иницијативите што со огромен интерес ги прифатија сите соседни земји.

14. Македонска книжевна визита финишираше изминатиов викенд со посетата на учесниците на софискиот Музеј на литературата – Спомен домот на револуционерниот поет Христо Смирненски, и на гробот на поетот Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска книжевност и контроверзна фигура во историските односи на двата народи. Учесниците имаа можност да се запознаат со литературно-политичката оставштина на Смирненски, како и да ја чујат пригодната беседа на Султана, ќерката на Венко Марковски.

Различна впечатливост

Манифестациите како Македонската книжевна визита се впечатливи бидејќи нејзините учесници стојат на брдо од поезија, слики, романи, филмови, театарски претстави… со кои и преку кои комуницираат и соработуваат уметниците. Секако дека постои и друго брдо, можеби со повпечатливи претставици поради манифестацијата на контроверзите од историјата и политиката, но пред се поради изливите на пизмата. Тие две метафорички брда биле и ќе бидат тука, едно наспроти друго.

Но, не случајно, наградата на манифестацијата Македонска книжевна визита е насловена „Македонски книжевен Дедал“, според митолошкиот лик кој бил вешт вајар, ковач, научник и архитект, а преданијата го сочувале како првиот летач. Споменатите брда можат да ги премостат само книжевните Дедали, и овој пат ќе се занимаваме со заедничките вредности на авторските сродници на македонските писатели.

Поетесата и книжевник Роза Бојанова, годинешна добитничка на наградата „Македонски книжевен Дедал“, е авторка на дваесеттина книги и, меѓу останатото, претседателка на здружението „Бургаска писателска заедница“ од Бургас, кое е посебно активно во негувањето соработка со македонскиот КИЦ во Софија и книжевниците во Македонија.

Нејзините стихозбирки „Медот на поезијата“ и „Обратна гравитација“ се издадени во Македонија од „Макавеј“, во превод на Бранко Цветковски. Запрашана зошто народите на Балканот, кои прилични се разбираат во јазичната комуникација, понекогаш имаат непремостливи пречки во политичката комуникација, Бојанова вели дека тоа е „привилегија“ на политичарите.

-Уметниците и книжевниците имаат поинакви димензии во комуникациите. Мислам дека и нашите средби докажуваат дека сме пријатели бидејќи сме творци, и заедно можеме да придонесеме за подобро разбирање меѓу двете општества, вели Бојанова.

Таа го посочува зборот „препев“ во македонскиот јазик како најточен термин во преводната комуникација меѓу литературите на двата јазика.

-Ако некој сака да направи најдобар превод, тогаш треба да има блискост со суштината на авторското дело, без употреба на странцизми. Самата метафора суштински е превод, пренесување од еден во друг јазик. Македонските и бугарските книжевници ги прават сите напори поблиску да се запознаат, бидејќи до пред 40-тина години тоа не беше случај. Ние не ја познававме македонската литература, како и онаа во Хрватска или Босна и Херцеговина, а интеракцијата е можност и публиката во другите земји на Балканот да ги запознаат бугарските автори, посочува Бојанова.

Запрашана за тоа како би можеле дополнително да се унапредат културните врски меѓу земјите, Бојанова ги истакнува средбите како Македонската книжевна визита.

-Културата и во двете земји имаат проекти кои ги негуваат и развиваат односите меѓу книжевниците и уметниците, го овозможуваат пристапот до литературните дела на двата јазика, и такви проекти треба да има што повеќе, вели Бојанова, која како предводничка на „Бургаската писателска заедница“ Бојанова го истакнува заедништвото како „алатка“ со која писателите можат да досегнат до повеќе читатели во различни јазични средини.

Наспроти веќе класичните алатки во меѓусебната комуникација, какви што се интернетот и социјалните мрежи, статусот на поезијата за Бојанова денес е „уметност за бутик“, за разлика од поранешната широка распространетост низ бројните книжарници.

-Љубителите на поезијата доаѓаат на поетски читања или манифестации како Македонската книжевна визита. Фејзбук има многу други функции и можности, но не може да ја замени печатената книга. На Фесбук може секој да објави, но и бргу ќе се изгуби, смета Бојанова.

Скопје има поетска микро-клима

Поетесата Маја Панајотова ги освои сите симпатии на учесниците и гостите на Македонската книжевна визита во Софија со нејзината песна „Скопје“, се уште во ракопис. Таа им ја приопшти на бугарски јазик, заедно со македонскиот писател Димитар Башевски, кој го направи преводот на македонски јазик. Панајотова живее и работи во Белгија, каде што е професор по бугарски јазик и славистика на Универзитетите во Гент и Левен.

-Минатиот септември бев на Струшките вечери на поезијата, бев и на книжевен фестивал во Битола, а потоа го посетив и Скопје, кое многу ми се допадна, и не можев а да не напишам песна за градот, објаснува Панајотова, голем љубител и на македонските фолклорни песни.

Во песната „Скопје“ Панајотова ги опишува луѓето како мили и дружељубиви, и вели дека посакува да живее во Скопје, бидејќи и се допаѓа повеќе од градовите во Белгија. Не може да не и се верува, бидејќи досега нема напишано песна за друг град.

Наталија Неделкова е поетеса, преведувачка, поранешна новинарка и актуелна потпретседателка на здружението „Бургаската писателска заедница“. Вели дека има посебна слабост кон македонската литература, а посебно и се драги песните на Ацо Шопов и Гане Тодоровски.

-Мојот поголем интерес за македонската литература започна со преводите на поетите за нашата манифестација „Мајски средби на словенските творци – Свето слово“ во Бургас, каде што редовно учествуваат македонски автори, чија поезија ја публикуваме. На фестивалот учествуваа автори на поезија на разни јазици, а јас го одбрав македонскиот, и заедно со Ѓорѓи Калајџиев како уредник ја напишавме и објавивме книгата „Стапица за поетски соништа“. Бев потпишана со неологизмот Зумбула, бидејќи платформата за комуникација „Зум“ во ерата на пандемијата беше најчесто користена, но и заради ликот на баба Зумбула од мојот најомилен македонски филм „Бал-кан-кан“. Книгата беше претставена во Бургас 2021 година, и тоа за мене претставуваше прекрасен мост за соработка, прекрасен празник на поезијата бидејќи зборот нè зближува, вели Неделкова.

Колку што, пак, зборот нè зближува, толку политиката знае да нè оддалечи. Неделкова смета дека општествата полесно ги користат политичките речници наместо литературните, но таа и понатаму останува вечен и посветен оптимист дека заедништвото не само што е можно, туку и преку потребно.

Еден од учесниците на Македонската книжевна визита беше и Евгени Велев. Тој е сликар, поет и прозаист, а неговата исклучителна изложба во уметничката галерија „Обориште 5“, сместена веднаш до КИЦ на РСМ во Софија, беше отворена два дена пред Македонската книжевна визита.

Во краткиот разговор со Велев забележавме дека неговиот најголемиот предизвик во уметноста е самиот творечки процес, секое движење со четката за сликање или зборот напишан на хартија или отчукан на тастатура. Во суштина, тој твори додека вози автомобил, додека се шета, а таа идеја и инспирација потоа само ја реализира кога ќе се најде пред платното, хартијата или екранот. Сликите му се во мешана техника, но не и буквално мешана техника: неговиот метод не содржи класична маслена техника, туку го разградува маслото, па потоа слика…

За тоа колку новите комуникациски технологии и социјални мрежи влијаат на сликарската уметност Велев има едноставен одговор – визуелните слики што ги „произведуваат“ тие се нов вид култура.

Средбите на творците од двете земји како на оваа Македонска книжевна визита можеби се од „стар вид култура“, но одлично функционираат. И треба…

Треба да знаете
Moже да ве интересира