За кратко време граѓаните ќе увидат дека нема ништо страшно во уставните измени, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во „Детектор“. На прашањето дали можело да подобро да се испреговара преговарачката рамка, тој додаде дека како алтернатива било понудено да се додаде ново поглавје само за односите со Бугарија, налик на поглавјето што Србија го има за Косово.
– Тоа Бугарите го посакуваа исто како што сега посакуваат да не успееме. Дел од политичките структури во Софија посакуваат многу ние да не успееме со уставните измени, рече Маричиќ.
Тој повтори дека за нашата страна било важно работата на историската комисијата да не биде мерило или бенчмарк во тој систем и во тоа сме успеале. Маричиќ исто така потенцира дека купувањето време и нерешавањето на проблемите покажува дека времето не оди во наша полза и не се знае дали во иднина би имале подобар предлог.
– Имаше противење и за Преспанскиот договор, но сите треба да имаме поодговорна позиција, а ние како СДСМ и покрај притисокот од ВМРО-ДПМНЕ, прифативме дека какво и да има решение тоа ќе оди на референдум. Ние тој референдум го организиравме, а ВМРО-ДПМНЕ реши да не учествува. Затоа не може да се каже во конечна инстанца дека граѓаните биле против, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ одби да учествува на тој референдум, а ќе беше добро за да се затвори тоа прашање сите да учествуваат и навистина да видиме како да стои расположението кај граѓаните, кажа Маричиќ.
Според него прашањето „дали сме за ЕУ или не“ не треба да се условува со прашањето за парламентарни избори.
– Зошто Собранието да нема мандат да одлучува за уставните измени, таму седат народни избраници. Дали парламентарниот состав во 1998-мата година имаше мандат да дискутира за Рамковниот договор?, праша реторички Маричиќ.
Опозицијата континуирано сее страв, така беше и за Преспанскиот договор од кој имаме само придобивки
За жал одредените податоци кои укажуваат на неприфаќање на уставните измени кај граѓаните се дело, односно производ на долгогодишната политика на страв која е промовирана од опозицијата – Левица и ВМРО-ДПМНЕ, особено минатата година кога се напластуваа сериозни дезинформации, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во „Детектор“.
– Се сееше страв кон граѓаните дека нам ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе има некаква бугаризација, дека јазикот ќе ни биде одземен и дека со ова се прави којзнае што. Ние имавме многу слична атмосфера поврзана и со Преспанскиот договор, кој наводно ќе довел до обезличување на Македонија, дека ќе биде крај на идентитетот и продавање на државата, но денеска ги гледаме придобивките. И покрај протестите и заострената атмосфера во Собранието, на крајот еве 3-4 години по договорот, од него гледаме само придобивки, само позитивни последици – членство во НАТО, кажа Маричиќ, додавајќи дека сме на сигурната страна во време на војна.
Тој потенцира дека по обвинувањата на бугарската вицепретседателка во Советот на Европа, токму Грците застанале на наша страна.
– Го разбирам сега стравот на граѓаните, бидејќи е производ на една долгогодишна кампања, но исто така треба да ја разбереме нашата одговорност како политичари да ги решаваме проблемите, зашто во исто време граѓаните сакаат членство во ЕУ и над 60% од граѓаните сакаат да одиме кон Унијата како единствена опција, истакна Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека ако сите работат одговорно и ги презентираат јасно работите, кај граѓаните нема да постои стравот и ќе се смени атмосферата, онака како што се стравувало претходно од бугаризација, кантонизација, федерализација…
Одговорноста за ЕУ е кај секој пратеник, нова преговарачка рамка ќе нема
Единствен план е да обезбедиме најмалку 80 пратеници коишто ќе гласаат за уставните измени, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Детектор“.
– Одговорноста на секој пратеник ќе биде на крајот на тој процес да одлучи дали нашата држава да оди во ЕУ или да остане каде што е сега. Дали сакаат да излезе како сценариото во Бугарија каде што некои не сакаат ние да успееме за да можат да не тргнат на страна и да не тормозат уште 20 години или ќе го завршиме ова и ќе ги придобиеме сите уште еднаш на наша страна и Бугарите ќе ги изгубат сите аргументи. Во однос на тезата за репреговарање или ако испорачаме реформи немало да треба да се менува Уставот, верувајте премногу наши пријатели од силни држави дојдоа тука и кажаа јавно дека договорената и усвоена рамка нема повеќе да се менува. Треба да бидеме искрени, кажа Маричиќ.
Тој изрази увереност дека домашните политичари сакаат земјата да биде дел од пакетот кога ќе се отвори вратата првиот следен пат за нови членки во Унијата и дека е реална целта за зачленување во ЕУ во 2030 година и за таа цел треба да се работи и да се исполнуваат обврските.