„Кога велиме ‘Ние сме Европа’, тоа има посебна тежина кога станува збор за Северна Македонија како крстосница на дел од најважната европска патна инфраструктура. И не само патна, туку и енергетска затоа што енергетските коридори се пресликуваат преку патните. И во однос на тоа прашање гордо може да кажеме дека нашата земја е во средиштето на мрежата која го овозможува пулсот на Европа“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на трибината „Градиме македонски, градиме европски“ во Штип, како дел од кампањата „Ние сме Европа“.
Тој додаде дека одамна е јасно оти не може да има развој, без развиена инфраструктура, а не може да има развиена инфраструктура без вложување во транспортната мрежа и без ефикасна транспортна мрежа.
„Затоа оваа Влада е максимално посветена на подобрување на транспортната инфраструктура. Преземени се голем број активности“, истакна Маричиќ на трибината.
Вицепремиерот додаде дека целата држава е огромно градилиште за нова и за обнова на патната мрежа и дека во тек е годината на историски инвестиции.
„Од 2017 до 2023 година се вложени преку една милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. А сега, со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно“, рече Маричиќ на трибината „Градиме македонски, градиме европски“ во Штип, како дел од кампањата „Ние сме Европа“.