Иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема јасен став околу учеството во техничката Влада која ќе ја предводи Талат Џафери – „Фронтлајн“ од партиски извори дознава дека партијата на Христијан Мицкоски сепак ќе учествува во неа.
Како што информираат за „Фронтлајн“ партиски извори од ВМРО-ДПМНЕ, тие своето учество во техничката влада ќе го оправдуваат со тоа што нивните технички министри, како што велат, ќе ја направaт Владатa „потранспарентна“.
Истите извори вели дека со тоа што Мицкоски на последната лидерска средба договорил двојни претседателски и парламентарни избори на 24 април и 8 мај 2024 година, ја прифатил и техничката влада и учеството на неа.
Ацо Кабранов – долгогодишен новинар и добро упатен во политичките случувања во земјава за „Фронтлајн“ вели дека опозициската ВМРО ДПМНЕ од маркетиншки аспект бараше да се тргне техничката Влада.
Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ од маркетиншки аспект бараше да се тргне техничката Влада на 100 дена пред избори. Дека „сме јаки“ па не ни требаат министри во таква Влада пред избори. И напаѓањето на решението Талат Џафери да биде технички премиер исто така е маркетинг – бил дезертер, бил УЧК, а ќутат дека во нивната Влада токму Џафери беше министер за одбрана. Некако последните потези што ги влечат не остават впечаток дека лагодно ги чекаат изборите на кои ќе добиеле сами 61 пратеник и ќе направиле уште следниот ден Влада. Во техничката Влада убеден сум дека ќе учествуваат со нивни партијци за министри, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.
Премиерот на Владата и лидер на СДСМ, најголемата владејачка партија – Димитар Ковачевски, за најавите дека ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во техничка Влада предводена од Талат Џафери, изјави дека тоа е законска обврска, а во спротивно ќе се остави дамка на целиот изборен процес.
– Регулирано е согласно закон кои позиции се менуваат во Владата, согласно Закон за влада и согласно Закон за избори кои позиции се менуваат. Значи не може да се прави импровизација кога се дефинирани законски одредби. Сметам дека не постои причина, во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори“, вели Ковачевски.
На 28 јануари се очекува да се гласа за техничката влада со премиер Талат Џафери, а функцијата претседател на Собранието ќе ја преземе координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски. Гласањето за нов претседател на Собранието се очекува да се одржи по новогодишните и божиќни празници, кон средината на јануари.
Ова ќе биде трета техничка Влада во земјата. Првата беше предводена од Емил Димитриев и поради тоа што не можеше да се формира подолго време, тој ја предводеше техничката влада од 18 јануари 2016 до 1 јуни 2017 година. Втората техничка Влада ја предводеше актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски од 3 јануари 2020 до 30 август 2020 година.
Четирите тогашни најголеми партии на 2 јуни 2015 година постигнаа договор 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата да раководи Влада за спроведување избори. Пржинскиот договор бил потпишан од водачите на четирите најголеми политички партии во тоа време: Зоран Заев – СДСМ, Никола Груевски – ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети – ДУИ и Мендух Тачи – ДПА.
Дестан Јонузи (Фронтлајн)