Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски да одговори зошто внесувањето на останатите заедници во Уставот е причина за блокада на процесот за членство во ЕУ

Скринингот тече по планираната динамика и дава добри резултати, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Канал 5 телевизија. Според него, скринингот е длабинска анализа на нашето законодавство којашто ни дава појасна слика каде сме и што треба да направиме.

– Скринингот треба да заврши до ноември, кога треба отприлика да завршат и уставните измени, по што ќе се одржи Втората меѓувладина конференција за отворање на кластерот 1 од преговорите, кажа Маричиќ.

Тој кажа дека Владата ќе искористи неколку дена за консултација за нацрт-амандманите за промена на Уставот, кои покрај консултации со институциите, ќе се искористат и за средба Ковачевски-Мицкоски, по што во наредните десетина денови Маричиќ очекува да започне собраниската процедура.

– Наше е како одговорна Влада да пружиме рака. Мицкоски беше поканет да учествува во работната група, но тие не испратија претставник. ВМРО-ДПМНЕ реши да се исклучи од процесот, но би прашал што е проблемот да се вклучат уште неколку заедници во Уставот. Не зборуваме за бугаризација, бинационална држава, промена на јазикот и идентитетот. Предлогот е да се дополнат уште неколку заедници. Ако е тоа причината за блокада на Мицкоски кон ЕУ тие треба да дадат одговори, кажа Маричиќ.

Имавме серија претседатели и премиери од земји членки на ЕУ кои кажаа дека евроинтеграцијата нема и не смее да го загрози идентитетот и јазикот, кажа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во Канал 5 телевизија.

Тој очекува многу скоро една од најмоќните држави членки на ЕУ да направи голем чекор и да даде гаранции дека нема да биде посегнато по јазикот и идентитетот за време на евроинтегративниот процес, но не сподели детали.

Прашан за евентуално ново вето од Бугарија, доколку се спроведат уставните измени, тој кажа дека не очекува вето до зачленувањето во Европската Унија ако се запазуваат критериумите од преговарачката рамка.

– Од работата на Мешовитата историска комисија не може да се вадат услови за преговорите. Условите ги вади Европската Комисија. Ќе се цени генералниот успех на добрососедските односи, истакна Маричиќ.

Тој нагласи дека за уставните измени ќе течат разговори со пратениците и очекува промената на Уставот да се случи со најмалку 80 гласови „за“.

Зачлени се на нашиот е-билтен