Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски не може да се издигне над ситнопартиските интереси, Уставните измени во политички ќорсокак

Пленарната седница на Собранието за уставни измени, која треба да почне во петок, според експертите, може да трае до крајот на овој парламентарен состав. Според нив, има дупка во Деловникот на Собранието, која не предвидува кога може да се затвори втората фаза, односно собраниската расправа.

– Постапката за измена на Уставот се состои од пет фази. Втората фаза односно донесување одлука за пристапување кон измена на уставот е закажана за 18 август и во оваа фаза собранискиот претрес трае најмногу 10 работни дена. Меѓутоа, за разлика од некои други фази од оваа постапка, за оваа втора фаза постои уставна и деловничка правна празнина бидејќи не е пропишан рок во кој оваа фаза треба да биде завршена, односно не е уредено прашањето што се случува ако не се постигне потребното двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници за донесување на оваа одлука во оваа фаза. Ова значи дека постои реална можност овој предлог за уставни измени да остане како точка на дневниот ред на Собранието до крајот на мандатот на овој собраниски состав, но и после следните парламентарни избори (било редовни било предвремени) во наредниот односно новиот собраниски состав, изјави за „Фронтлајн“- професорот по уставно право на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јетон Шасивари.

Предходно и претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека седницата за уставни измени ќе почне на 18 август, а дебатата треба да заврши на 31 август, но нагласи дека гласањето може да биде одложено, а ако нема услови воопшто и да не се случи.

Професорката Ана Чупеска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека сè уште верува дека ќе надвладее политичката одговорност кај сите политички чинители.

– Реториката што можеме да ја видиме и чуеме секако дека не ни дава некоја надеж да веруваме дека Мицковски може да се издигне над ситнопартиските интереси и да постапи државнички, во интерес на севкупните напори кои ги презема државата од нејзината самостојност од пред 22 години. Сме имале многу чувствителни периоди во изградбата на нашата држава, донесените одлуки во тие моменти неретко биле прифаќани со огромно негодување од јавноста но сепак пред сè одлучувала мудроста и одговорноста кон она што е општо добро, добро за државата за граѓаните. Затоа и покрај сè, верувам дека ќе надвладее политичката одговорност која треба да ја превземеме сите, вели Чупеска за „Фронтлајн“.

Во петок во Собранието треба да почне пленарната седница за уставните измени. Постапката е веќе почната со тоа што на 25 јули, Комисијата за уставни прашања ја изгласа потребата за носење на уставните измени и заклучоците ги проследи до Собранието.

Интервенциите во Уставот се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во државата. Во формулацијата:

„Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.

Дестан Јонузи (Frontline)

Зачлени се на нашиот е-билтен