Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски останува на ставот дека тој и неговата партија нема да прифатат измени на Уставот.
Освен што го повторува овој став, Мицкоски во последните денови често се конфронтира и со политичката партија ДУИ, но полека го враќа и наративот за наводно редефинирање на државата, пишува 24 инфо.
„Зошто мораше суштината на амандманите да е во парламент сега во прва фаза? Ова е само потреба од отворање на Уставот. Затоа што таму де факто се прави дводомен парламент со 43 пратеници“, изјави Мицкоски за една национална телевизија.
Оваа теза е во рамките на наративот за редефинирање на уставниот поредок и како таква свесно е пратена кон јавноста, особено ако се знае дека дводомни парламенти имаат само држави кои не се унитарни, туку се федерации или конфедерации.
На тој начин, Мицкоски одново сака да ги плаши дека ДУИ и СДСМ само што не ја редефирнирале државата и дека тоа може да го спречи единствено тој и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ.
Приказните за федерализација и кантонизација и редефинирање на државата не се нови за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, но иако со нив се служат во последните неколку години, сепак во реалноста такво нешто не само што се нема случено, туку и е неверојатно некогаш воопшто да се случи.