Мицкоски „атакува“ токму кон медиумите, бидејќи му се потребни за изборната кампања, и со овој негов популистички и крајно коруптивен предлог ветува буџетски пари, односно пари на граѓаните, со што сака да ги „купи“ или „замолчи“ медиумските работници
ДЕХРАН МУРАТОВ / ЦИВИЛ МЕДИА
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предизборно им се додворува на медиумите, односно сака без пари да ги „купи“, односно да ги придобие. Тој најави дека неговата партија ќе предложи медиумските работници да бидат ослободени од плаќање на придонесите за плата, со исклучок на МРТ и МИА, бидејќи тие добиваат пари од државниот буџет.
Доколку овoj предлог не биде прифатен од Владата и мнозинството, тој нагласи дека ако ВМРО-ДПМНЕ ја формира идната влада, при првиот ребаланс во јули ќе се предвиди ослободување на медиумските работници од овие давачки.
Според Мицкоски, на годишно ниво станува збор за вкупна сума од околу десет милиони евра, а со тоа би се овозможиле реални предуслови за покачување на платите во медиумската дејност.
На ова, не така тивко предизборно кокетирање со медиумите, нема никаква реакција од медиумската фела или гласните критичари кои се против финансирање на медиуми со владини кампањи.
Ако навистина Мицкоски се грижи за стандардот на ѓраѓаните, зошто прво не побара ослободување од плаќање на придонеси за плата на работниците кои примаат минималец, или на рударите, или на келнерите, фризерите, (машино)возачите, пожарникарите и низа други!?
Не, тие не му се во фокусот, бидејќи Мицкоски „атакува“ токму кон медиумите, бидејќи му се потребни за изборната кампања, и со овој негов популистички и крајно коруптивен предлог ветува буџетски пари, односно пари на граѓаните, со што сака да ги „купи“ или замолчи медиумските работници.
Мицкоски со 10 милиони евра, народни пари, сака предизборно да ги „поткупи“ медиумите. Но, дали ќе му успее!?