Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Мирисот“ на злокобниот „Вагнер“ во Судан и Африкa

Поголемиот  број на аналитичари ја гледаат групата „Вагнер“ првенствено како инструмент со кој Кремљ го проширува своето економско и воено влијание во Африка.

Подготвила Мирјана ВАСИЛЕВА

Конфликтот во Судан влезе во опасна ескалација и покрај тоа што двете завојувани страни се согласуваа  неколку пати на еднодневен или повекедневен  прекин  на огнот. Тоа не се почитува и покрај апелите  на мегународната заедница. Од тие причини во  тек е големата евакуција  на странски државјани кои се најдоа во хасот на овој конфликт. Дипломатите  на САД, Велика Британија, Франција, Кина и другете земји , претежно преку Египет ја спроведуваат евакуцијата на своите граѓани.

Борбите избија пред повеќе од две недели меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и Силите за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагал, двајца водечки воени лица  кои претходно  ги здружија силите за да го соборат  тогашниот премиер  Омар Хасан ал-Башир во 2019 година, a денес војуваат за тоа кому ќе му припадне контролата на Судан.

Во оваа  многу комплицираната  историска  политичка состојба  во Судан добрите познавачи на овој дел од афиканскиот континет, потсетуваат дека Судан, кој некогаш беше најголема земја во Африка според површината, но откакао во 2011 година се отцепи  Јужен Судан, никогаш не престанале битките меѓу суданските војски од јужниот и северниот дел.

Историјата на Судан е тесно поврзана со Египет оваа земја беше монархија и кога во 19 век биле  дефинирани денешните граници на Судан. Клучниот настан за развојот на современиот Судан  е поврзан  со египетската револуција од 1952 година, кога монархијата била соборена и на сите британски сили им било  наредено да ги напуштат Египет и Судан.  Предводниците на оваа епоха се поврзани со имињата на  Гамал Абдел Насер, водач на револуцијата што ја собори пробританската монархија, но и на Мохамед Нагиб, истакнат генерал по потекло од Судан, кој  стана и  првиот претседател на Египет на револуцијата, а Судан, со согласнот и на Британците, потоа, на 1 јануари 1956 година, прогласи независност.

Всушност, во Судан немало мир од самиот почеток. Уште пред прогласувањето на независноста започнала Првата суданска граѓанска војна меѓу северниот и јужниот дел  и траела од  1955 година, па се  до 1972 година, при што  загинале  над  половина милион луѓе.

За тоа кој е кој и кои сили влијаеле во оваа субсахарска африканска земја, анализите велат дека тогаш северениот дел од Судан добил поддршка од Египет, Сирија и тогашниот СССР, додека јужниот бил поддржан од Израел, Кенија но и од  Британците.

Војската во Судан не мирува ниту во овој понов период.  Суданската влада на 21 септември 2021 година објави дека имало неуспешен обид за воен удар потоа, следел уште еден воен удар – на 25 октомври 2021 година,  кој  резултирал со апсење на цивилната влада, вклучително и на премиерот Абдал Хамдок. Државниот удар бил предводен од генералот Абдел Фатах ал Бурхан, кој потоа прогласи вонредна состојба.

„Вагнер“ стапува на уште една воена сцена

И додека  светот  се соочува со војната во Украина  настаните во Судан меѓу фракциите секојдневно се влошуваше до степен на  голема есклација која што ја сведочиме деновиве. Имајќи го  во  предвид фактот  дека двајцата воени лидери на фракциите кои војуваат првенствено се залагаат за понатамошната контрола над Судан, во последно време, дел од странските агенции подетално информираат дека акерите во конфликтот, секој од своја страна се обидува да  контактираат и бараат поддршка од некои други меѓународни фактори, но и од приватни странски воени групи.

Иако на  почетокот ова беа само гласини, сега веќе е јавна тајна дека илјадници членови на платеничката група Вагнер се активни во неколку африкански земји.

Денес сѐ погласно може да се слушне и за инволвираноста на руската приватна воена формација  „Вагнер“, која пред да биде вклучена во актуелната војна во Украина, делуваше на растечко влијание во Африка. Оперирајќи во таканаречената сива зона на помеѓу повеќе или помалку нелегални активности, платениците на „Вагнер“ се присутни во Судан долго време, и тоа во голем број.

Но Судан не е единствената африканска земја од интерес за „Вагнер“ и Пригожин. Иако на  почетокот ова беа само гласини, сега веќе е јавна тајна дека илјадници членови на платеничката група „Вагнер“ се активни во неколку африкански земји.

Во Централноафриканската Република, на пример, според дел од руските медиуми, околу 2000 „руски инструктори“ ги поддржуваат владините трупи во тамоѓната граѓанска војна, а над  1.200 платеници на „Вагнер“ се активни во Либија, борејќи се на страната на бунтовничкиот водач Калифа Хафтар.

Во Мали, проруската и антизападната воена хунта, според извештаите на набљудувачите, во таа земја донела неколку стотици „Вагнеријанци“, кои во Мали се обвинети за тешки форми на кршење на човековите права, пишуваше Дојче веле.

Експертите тврдат дека присуството на групата Вагнер во Африка има многу посериозни размери од веќе споменатите.

„’Вагнер’ со текот на времето се трансформираше од давател на воени услуги во мрежа на компании  кои  се активни во различни африкански земји“,  вели  аналитичарот Џулијан Радемаер за  Дојче Веле  на овогодинешната Безбедносна конференција во Минхен.

„Тие работат во сивата зона помеѓу повеќе или помалку нелегални активности – и на тој начин добро го покриваат целиот спектар.  Судан им е како ‘клучна земја’ во Африка“, вели Радемаер.

Овие врски се уште од времето на владеењето на диктаторот Умар ал Башир кога руската компанија М-Инвест доби концесии за користење на рудниците за злато. Таа компанија веројатно ја контролира шефот на „Вагнер“, Јевгениј Пригожин, а неговите платеници се задолжени и за обезбедување на рудниците.

Инаку познавачите на африканските состојби, присутноста на „Вагнер“ и контактите со  суданските високи воени лица ги поврзуваат и со средбата на  генералот Ал Башир со Путин во Сочи уште во 2017 година кога беше најавен почеток на „нова фаза“ на билатерална соработка. Тогаш Ал Башир му вети на Путин дека Судан може да ја игра улогата на „клучна земја“ за амбициите на Русија во Африка – и за возврат доби ветување од Путин дека Москва и воено ќе го поддржи неговиот режим.

Сепак, ниту тоа не можеше да го спречи неговото соборување во април 2019 година.

Приватниот интерес на „Вагнер“ е алатка на Кремљ за контрола во Африка

И додека властите во Судан се обидуваат да воспостават уставен и правен поредок, членовите на „Вагнер“ сѐ уште се присутни во таа земја, а во меѓувреме дури и успеаја да го зголемат своето влијание врз суданската армија. Имено, воената влада по секоја цена сака да ја задржи контролата над Судан и очигледно може да смета на дарежливата помош на руските платеници.

Набљудувачите во различни медиуми нагласуваат дека примарна цел на Русија е да ги контролира вредните суровини со кои располага таа африканска земја: освен златото, тоа се манган и силициум. Депозитите на ураниум се исто така од посебно значење за Русија.

Поголемиот  број на аналитичари ја гледаат групата „Вагнер“ првенствено како инструмент со кој Кремљ го проширува своето економско и воено влијание во Африка. Судан е само еден од многуте примери на оваа стратегија, а за тоа зборува и фактот  за зачестените  посети  на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на африканските земји,  не само за  воената соработка и трговијата со оружје, туку  делумно и  и за бесплатната испорака на храна или ѓубриво.

Поголемиот  број на аналитичари ја гледаат групата Вагнер првенствено како инструмент со кој Кремљ го проширува своето економско и воено влијание во Африка.

Затоа, во знак на благодарност за сето тоа, при гласањето на Резолуцијата на Обединетите нации (ОН) за војната за агресија во Украина пред неколку месеци, беа регистрирани 15 воздржани од африкански земји, а Еритреја и Мали уште појасно застанаа на страната на Русија со своето „не“.

Групата која го носи името на германскиот композитор Ричард Вагнер, односно кодното име на нејзиниот командант, е основана во 2014 година од Евгени Пригожин, претприемач лојален на Путин. Оттогаш, Вагнер се етаблира како незаменлив приватен актер кој ги застапува руските интереси. Дополнително, Пригожин неодамна за прв пат јавно кажа дека стои и зад фабриката со тролови, која е активна на социјалните мрежи, особено на Запад – со цел да шири дезинформации во корист на Русија.

Бојата на парите е иста и за „Вагнер“

Во извештајот на експертот Џулијан Радемаер кој работи за мрежата на граѓанското општество Глобална иницијатива против транснационалниот организиран криминал (GIATOC)  се вели дека  групата “Вагнер“ денес е највлијателниот руски актер во Африка.

Судејќи според меѓународните истражувања, што неодамна за Дојче Веле ги пренесе Џулијан  Радемаер, „Вагнер“ е активна и во оние области кои немаат никаква врска со безбедносни прашања. Во јули минатата година, под наслов  „Сите очи на Вагнер“ (All Eyes on Wagner) ова истражувачка мрежа и уште единаесет европски партнерски медиумски куќи, објавија дека групата „Вагнер“, освен од рудниците со минерали, злато и дијаманту, заработува со стил и од скапото тропско дрво од Централноафриканската Република, откако една од компаниите-ќерки на „Вагнер“ доби концесија за неограничена сеча на површина од 187.000 хектари. Руските „владетели“ во сите доходовни области ја „избркаа“ француската мелница за шеќер SUCAF од пазарот…

Нема индикации дека војната во Украина може да доведе до повлекување на платениците на Вагнер од Африка, бидејќи војната е војна, ама бизнисот си е бизнис.

И покрај фактот што платениците на „Вагнер“ отворено се борат на страната на Русија во војната против Украина, нема индикации дека војната во Украина може да доведе до повлекување на платениците на „Вагнер„ од Африка, бидејќи војната е војна, ама бизнисот си е бизнис.

Радемаер стравува „дека ‘Вагнер’ во Африка ќе има нови метастази и ќе продолжи да расте, „сѐ додека нема интервенција против ова влијание. Европа и нејзините партнери би морале многу подобро да соработуваат со Африка во овој контекст“, е заклучокот на експертот Радемаер.

Зачлени се на нашиот е-билтен