Барањето мито, сексуални услуги, „купувањето“ магистерски и докторски тези, но и задолжителното купувањето учебници за да се положи испит или за да се добие потпис се дел од лепезата коруптивни однесувања со кои можат да се соочат студентите во високо образовните институции, посочува анализата на агенцијата МИА.
По одекнувањето на случајот „Еразмус“ во 2016 година, кој епилог доби по повтореното судење лани, до јавноста не допреа гласови за други вакви појави во високообразовните институции. Дали тоа е поради тоа што можеби „Еразмус“ го доведе во ред системот или пак поради тоа што граѓаните, студентите живеејќи во систем, кој според сите релеватни меѓународни оценки е корумпиран, или не ја препознаваат корупцијата или се плашат да ја пријават.
Во повтореното судење, Основниот Кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни за примање и давање поткуп тројцата професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, во врска со предметот „Еразмус“. На Бобек Шуклев и Славе Ристевски судот им изрече вкупно осум години казна затвор, додека Драган Денковски доби условна казна затвор. Во случајот беше товарен и професорот Стојан Дебарлиев, за кого, Кривичниот суд во 2020 година пресуди дека не е виновен за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Институтот за стратешки истражувања и едукација во соработка со партнери од Тирана и Белград минатата година спровел истражување за перцепциите на студентите за корупцијата во високото образование. Во истражувањето биле опфатени 943 испитаници во трите земји од универзитети во главните градови, меѓутоа и во внатрешноста. Бил направен примерок, кој дал увид за тоа како студентите ја доживуваат корупцијата во високото образование, при што над 20 отсто од нив во сите три држави сметаат дека корупцијата е многу присутна на универзитетот на којшто студираат. Тој процент бил најголем во Србија (24 отсто), додека во Северна Македонија и Албанија бил под 20 отсто.
За резултатите од истражувањето, но и темата корупција во високо образование од типот на поткуп и изнуда разговаравме со Мишо Докмановиќ, професор по Историја на право и Современа македонска историја на Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој е дел од ова истражување. Како коруптивно однесување студентите во земјава го детектирале и мамењето на испитите и „купувањето“ магистерски и докторски тези, но и задолжителното купување учебници за да се положи испит.
-Исто така, не’ интересираше кои се видовите, облиците на корупција, кои студентите ги идентификуваат како главни. Многу интересно, во Македонија беше идентификуван и моментот на студенти коишто мамат на испити или коишто, да речеме, добиваат помош за пишување на магистерски и докторски тези, еден процент, којшто отскокна во споредба речиси двојно повеќе од останатите две земји. Во Македонија постои таа перцепција. Исто така, од друга страна, да речеме, во Србија многу пораширено е давањето мито преку плаќање за испит, речиси 10 процентни поени повеќе тоа е застапено во Србија, вели Докмановиќ во разговор за МИА.
Дваесет отсто од студентите во Албанија и Северна Македонија како проблем го евидентирале и купувањето книги за подготовка на испити.
-Исто така, во делот на Македонија постои и оваа перцепција која што ви реков во делот на студентите коишто мамат на испити, меѓутоа исто така и задолжителното купување на книги за подготовка на испитот. Тоа во Македонија и во Албанија 20 проценти од студентите го идентификуваат како проблем. Значи, тоа е онаа стара пракса кога студентите се задолжуваат на некој начин да го купат учебникот за да можат да излезат на испит пред професорот. Се разбира, она што нас не интересира е и тоа како тоа да го превенираме во иднина, вели Докмановиќ.
Институтот работел изминатите неколку месеци, потпишале меморандуми за соработка со неколку универзитети во земјава и организирале обуки за вработените, за администрацијата, но работеле и со студентските организации. Кон крајот на мај организирале обука за 30 студентски лидери од трите земји во Охрид, каде што практично ги обучиле како да им помогнат на студентите да пријават корупција.
Две третини од студентите не знаат каде да пријават корупција
Корупцијата е длабоко навлезена во сите пори на нашето општество и многу често немањето верба во системот доведува до молк пред негативните општествени појави. Па така и студентите според истражувањето најчесто немаат храброст да пријават коруптивно однесување, но проблем е што и две третини од нив според истражувањето не знаат каде треба да пријават корупција.
-Главниот проблем е студентот да се охрабри да пријави нешто што се случува на факултетот. Најчесто истражувањето покажува, да речеме во Македонија две третини не знаат каде треба да пријават корупција и затоа сакаме да го засилиме малку и во таа насока ги спроведуваме овие активности во изминатава година се’ со цел во рамките на овој проект кој е финансиран од норвешкото Министерство за надворешни работи да им помогнеме на нашите студенти да работат во една помотивирачка атмосфера во делот на нивното студирање на факултетите, нагласува тој.
Во рамки на проектот креирале и посебен регионален сајт со дигитален асистент, којшто на студентите треба да им помогне доколку сакаат да пријават корупција да разберат како да го сторат тоа.
Истражувањето кај нас е спроведено на државните универзитети во Скопје, Штип, Битола и Тетово, при што за нијанса повисока перцепција за коруптивно однесување се забележува на универзитетите во Тетово. Така барем покажала перцепцијата на студентите од почетокот на минатата година. Постоел благ тренд на повисока перцепција на корупција во овој град, отколку во останатите три градови.
За тоа дали во корупција може да се вброи и случај кога студент бара од друг студент услуга за дипломатска, магистерска, испит, Докмановиќ вели дека во ова истражување не отишле подлабоко, бидејќи не го очекувале овој момент, но напомена дека при мамењето на испити или при пишување на тезите студентите може да добијат помош и од вработен на универзитетот, но може и од друг студент. Додаде дека има огласи во медиумите, во кои отворено се рекламира пишувањето тези. За тоа дали имаат сознанија за случаи кога професор или асистент му ја пишува тезата на студентот, вели дека засега за тоа имаат само индиции, но не и докази.
-Мојот впечаток од резултатите што ги гледавме е дека постои една недоверба кон системот. Значи, ако вие сметате дека системот не функционира, зборувам за општиот систем поврзан со владеењето на правото во земјата. Ако имате вие една генерална перцепција дека определени сегменти не функционираат ефикасно вие немате доверба во тој систем и во такви околности претпоставувам дека повеќе се решавате да заборавите на тоа, некако да го избегнете отколку да започнете еден процес којшто е неизвесен, не знаете како понатаму ќе се рефлектира тоа на вашето студирање, колку време и ресурси може да ви одземе и мислам дека тоа произлегува од општата недоверба кон системот. И самиот факт што информациите не се толку достапни. Ние ги анализиравме, еве и сам студент доколку сака на поголемите универзитети да пријави многу тешко може да најде информации конкретни како тоа да го направи. Постојат определени механизми, меѓутоа и самата администрација има многу малку искуство со тоа, појаснува Докмановиќ.
Додава дека и вработени, кои се задолжени за тоа имаат многу малку искуство со пријавувањето на корупцијата, а некогаш има и случаи на лажно пријавување. Како позитивен момент наведува дека е тоа што најголемиот дел од перцепцијата на корупцијата се сведува на помали сегменти како задолжителноста за купувањето на книгите.
Истражувањето е насочено само кон државните, но не и кон приватните универзитети, а за тоа дали има сознанија каква е состојбата таму, Докмановиќ вели дека тоа прашање треба да биде предмет на проучување во иднина.
-Мислам дека и во Стратегијата на Државната комисија за спречување на корупција овој сегмент на отворањето на нови студиски програми, исполнувањето на критериумите, наставен кадар, ресурси е идентификувано како голем предизвик за спречување на корупцијата во Македонија и мислам дека во следниот период треба и ова прашање, особено во делот на акредитацијата на студиски програми, бидејќи некои години да речеме е шокантен бројот на нови студиски програми коишто се акредитираат во земјата во услови каде што бројот на населението се намалува и каде што ние немаме доволно основни ресурси за изведување на квалитетна настава, одговара Докмановиќ.
И задолжителното купување книги за да се положи испит е коруптивно однесување
Студентите имаат два института на универзитетите, каде што можат да пријават корупција – судентскиот правобранител и антокорупцискиот офицер. Секако може да пријават и во други надлежни институции на државата, но ова се двата неспоредни института, кои им се на располагање, а кои се уште не се заживеани, а една од причините е перцепцијата на корупцијата.
За оваа тема разговаравме со студентската правобранителка на УКИМ, Савче Ѓошева, која на оваа позиција е од ноември минатата година. Таа во разговор за МИА вели дека самите студенти не се доволно освестени што значи корупцијата и оти во нашето општество коруптивното однесување станало толку нормално, што граѓаните често пати не се свесни дека станува збор за корупција и дека може поинаку и подобро.
Ѓошева вели дека откако таа е на оваа позиција, пријави од студентите за корупција од типот поткуп и изнуда немала. Таа досега добила околу 20 претставки од кои дел се однесувале за студентскиот оброк и стипендии и таму надлежна институција е Министерството за образование и наука.
-Инаку, имав некои 15 претставки, кои опфаќаат повреда на право, спор помеѓу професор и студент, спор помеѓу деканат и факултетско студентско собрание, избори за факултетско студентско собрание, коишто имале некакви прекршоци или биле нелигитимни итн. Таков вид на претставки добивав од периодот на ноември до сега и оние каде што ги добивав каде што повеќе надлежност имаше Комисијата за студентски стандард и коишто го опфаќаа МОН, па јас ги проследував до нив, вели таа.
Со пријави за поткуп и изнуда не се соочила, при што напоменува дека студентите треба да се охрабрат да пријават доколку се соочуваат со таква ситуација.
-Претпоставувам дека студентите треба да се охрабрат и треба да бидат свесни дека ова навистина е злодело, односно криминал, така што и треба да се пријави. Или се должи на немањето храброст или се должи на немањето свест доволно бидејќи кај нас корупцијата е толку навлезена во сите пори што ние не ја регистрираме понекогаш, така што еве некои помали примери кои имаат коруптивни елементи дури и сме несвесни за нив, вели Ѓошева.
Нагласува дека и покрај тоа што нема такви пријави, немаат ниту квалитативни податоци дека навистина нема корупција, а она што се слуша меѓу колегите како проблем е задолжителното купување книга за да добијат потпис или за да положат испит.
-Сепак се уште слушаме секојдневни муабети помеѓу самите студенти дека постои корупција, само што тие не се доволно храбри или се несвесни за да ја пријават. На пример, најчесто она што можам да го тврдам како случај дека постои, а е не пријавен е баш примерот со книги каде што професори бараат студентите да им ги купат нивните книги за да добијат потпис, за да можат да одат на испит и за да можат да полагаат. Ова на пример не е пријавено, а треба да се пријави, бидејќи навистина е корупција, нагласува студентската правобранителка на УКИМ.
Во однос на обидите на студентите да си „купат“ дипломска, магистерска, па и докторат вели дека тоа е широк и подлабок проблем бидејќи не може да се обвинат само студентите за ваквото однесување.
-Тука е виновен и системот што им овозможува на студентите да го искористат во некоја нивна цел. Тој систем им овозможил некои дупки каде што студентите можат да се протнат и да стигнат до нешто на многу полесен начин и да имаат поголема корист за себе. Апсолутно тоа однесување е некоректно, но и студентите треба да имаат поголема свест. Засега мислам дека не постои повисока свест за корупцијата баш од причина што секојдневно е распространета и ние не ја забележуваме како таква, вели таа.
Таа ја појаснува улогата на студентскиот правобранител, но и процедурата како може студентите да пријават корупција. Студентскиот правобранител посредува помеѓу споровите кои се случуваат помеѓу професор – студент, деканат – факултетско собрание, група на студенти, секогаш кога постои повреда на правото на студентот тука е студентскиот правобранител да го заштити и да ги уважи неговите права.
-Најчесто тој студентски правобранител се поставува како медијатор во споровите со тоа што дава сугестии како треба да се решат. Обично институциите ги слушаат укажувањата на студентскиот правобранител. Секако дека и кај студентскиот правобранител може да стигнат пријавите за корупција со тоа што понатаму, јас сум соработувала и со останатите институции како ДКСК, антикорупциски офицер за да може да се режи зависно каков е случајот, појаснува Ѓошева за МИА.
Процедурата се состои од тоа студентот да испрати претставка до студентскиот правобранител и откако таа ќе биде проанализирана почнува да се гради случајот.
-Стапувам во контакт со студентот, со другата страна и со засегнатите страни и го испитувам случајот со цел да добијам повеќе докази да може да се изгради случај и со тоа и понатаму реагирам кај потребната институција која што може да го реши случајот, односно да давам соодветни укажувања, вели таа.
Новите генерации погласни, преку глава им се пречките во образовниот систем
За феноменот корупција во високото образование и колку студентите се охрабруваат да го сменат системот разговараме со Анисија Угриновска, претседателка на Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) и младински делегат во Обединетите нации. Таа е прва година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и во разговор за МИА вели дека во последно време забележува дека генерациите стануваат се погласни во однос на општествените девијации.
-Во последно време забележавме дека генерациите стануваат се погласни и погласни. Еве, јас сум прва година на факултет и навистина оние коишто ќе дојдат после нас сметам дека ќе бидат уште погласни од нас и уште похрабри за да ги истакнат овие предизвици во образованието и проблеми и пречки…Мислам дека веројатно им дошло на сите студенти преку глава, вклучувајќи ме и мене од пречки и пречки во образовниот систем. Почнувајќи од средно ние се соочивме со недостиг и на учебници и со онлајн образование било да сме биле во средно или, пак, на факултет последниве години само пречки имавме во образовниот систем. Така што, сите тие фактори придонесоа да сме многу похрабри како генерации, дури и за корупцијата зборуваме многу погласно, вели Угриновска.
Таа нагласува дека корупцијата постои насекаде во светот, па така и кај нас студентите колку и да се трудат по пат на интегритет и чесен пристап да стигнат до своите оценки и да го завршат високото образование, сепак понекогаш наидуваат на коруптивни аномалии. Вели дека до неа лично и во својство на претседателка на ОДАС и во младински делегат на ОН не стигнале такви поплаки, но нагласува дека нивна работа е доколку имаат таква дојава да ја пријавиме онаму каде што треба.
И таа се осврна на општо прифатената појава на купувањето книга од одреден професор за да се положи испитот, нагласувајќи дека за тоа често се говори меѓу студентите.
-Да, овој пример за коруптивни практики во образованието многу често студентите знаат да разговараат на оваа тема дека некаде мора да се купи книга за да се добие потпис или за да се положи предмет и сл. Таков случај досега не сум имала јас лично, сепак сум само прва година на Правниот факултет, но студенти од други факултети можеби постарите колеги знаеле некогаш да спомнат евентуално за некоја таква работа, вели Угриновска.
Таа вели дека и самите студенти понекогаш придонесуваат за девијациите и тоа токму преку примерите за „купување“ дипломи и други трудови и додава дека дипломата на универзитетот не е гаранција за квалитет, туку напротив квалитетното и посветено учење.
Во изминатите пет години две пријави на државните универзитети, едната за професор отфрлена, другата за студент завршила со педагошка мерка
МИА испрати прашање до државните универзитети и до Министерството за внатрешни работи за евентуални пријавени случаи на корупција од типот поткуп и изнуда од страна на професори кон студенти во изминатите пет години, при што само еден од универзитетите, „Св.Климент Охридски“ – Битола не извести за два пријавени случаи. На другите универзитети нема пријави за корупција, ниту пак такви случаи има во МВР, според нивните одговори.
На УКЛО, како што стои во нивниот одговор во периодот 2020 до април 2024 година биле поднесени две пријави од укажувачи за коруптивно однесување.
Првата пријава била од студент кон професор, по истата има постапувано овластеното лице за прием на пријави на корупција на УКЛО, при што утврдено било дека не биле сторени дејствија согласно со соодветниот акт на УКЛО. Процесот за оваа пријава се одвивал од септември 2020 до февруари 2021.
Втората пријава била од професор кон студент, по истата има постапувано овластеното лице за прием на пријави на корупција на УКЛО, при што утврдено било дека биле сторени дејствија согласно со соодветниот акт на УКЛО и било побарано изрекување на педагошка мерка од страна на Комисијата за дисциплински мерки на единицата на УКЛО. Овој случај се решавал во периодот од септември 2021 до февруари 2022 година.
На останатите државни универзитети, „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” Охрид и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како што ни посочија во одговорите, нема пријави за корупција изминативе пет години, а до моментот на објавување на сторијата одговор не добивме од Универзитет во Тетово, Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово и Универзитет Мајка Тереза во Скопје.
Нефункционалноста на системот, проблемот со владеење на правото, клиентелеизмот, партиските влијанија во високото позиционирање на образовните кадри, немањето континуитет и институционален капацитет и непостојаност во образовните концепти и политики, создаваат амбиент на цветање на корупцијата во целото општество и таа пракса се пресликува и во целиот образовен процес. Има голема разлика помеѓу видливото, односно невидливото во образовниот процес и релацијата студент-професор и обратно. Во овој контекст мора да се направи разлика помеѓу праксата и „правилата на игра“ на државните и приватните универзитети.
За приватните универзитети често пати се говори дека важи „правилото“ дека студентите може да паднат само ако се сопнат на скалите во универзитетот, но за оваа тема, како што кажа и нашиот соговорник професорот Докмановиќ е потребно потемелно истражување.
Со оглед на тоа што привршува времето по секоја цена секој да има универзитетска диплома и на пазарот на трудот се повеќе се бараат работници со пониско или стручно образование, можеби е вистински момент за реформирање на суштината на високото образование без купени дипломи, без монополски такси на секој факултет на еден ист универзитет, без задолжително купување учебници за оценка и со обрска за користење на литература и знаење од универзитети, кои се на Шангајската листа. Потребно е реформирање во насока на образовни пракси и научна понуда, на државните и приватните универзитети и воопшто политики во образованието, кои нема да остават голем простор за корупција, а ќе отворат голема можност за образување на високостручни кадри кои треба со својата стручност да го понесат товарот на реформирање на државата.
Ана Цветковска
Фото: МИА
Видео и монтажа: Борис Куноски