Наместо четиривалентна, како досега, во Македонија од пролетва ќе стане достапна деветвалентна вакцина, која штити од седум типови на хуман-папилома вирусот (ХПВ)
Билјана БОГДАНОВСКА
Двете баби на Соња починале од рак на грлото на матката. Затоа таа редовно прави контроли, а досега не се најдени никакви приомени кај неа.
„Мајка ми поретко оди на контрола. Стара е, па не успевам да ја убедам почесто да се проверува, но затоа јас, на неколку години, правам детални проверки“, вели Соња од Скопје, која има 35 години и родила две деца.
Двете нејзини баби починале на околу 60-годишна возраст, а кога се јавиле на преглед, лекарот констатирал дека се во поодмината фаза на болеста.
„Ги лекуваа. Се надевавме дека операцијата и лековите ќе помогнат, но почнаа метастази на лимфните жлезди и тука беше крајот“, додава Соња за „Независен“.
Жените на преглед доаѓаат доцна, кога болеста е во напредна фаза
Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во Македонија во последните 10 години, со инциденца од 17.57/100.000 и просек од 51 смртни случаи годишно.
„Смртноста е директно поврзана со напреднатоста на болеста. Во Македонија високи 70-80% од пациентките со цервикален карцином се јавуваат по прв пат во клиниката за радиотерапија и онкологија. Согласно тоа и морталитетот ќе биде повисок од земјите каде болеста се открива и лекува во рана фаза, очекувано таму морталитетот ќе биде далеку помал. Има примери (Словенија, Австралија) каде цервикалниот карцином е речиси искоренет, благодарение на добриот скрининг и превенција“, вели д-р Виолета Клисарова од Клиниката за онкологија и радиотерапија.
Смртноста, односно морталитетот, е повисока во слабо развиените земји, поради слабост на здравствените системи (неспроведување на скрининг, тешко достапни современи методи на лекување), низок социо-економски статус. Поради ваквите пропусти се дозволува комплетно излечива болест во рана фаза, да се развие во напредната инвазивна болест во која фаза може само да се постигне залекување и кратко преживување, смета д-р Клисарова.
Ракот на грлото на матката полека напредува, местото е достапно при рутински преглед и болеста лесно се дијагностицира.
„Најчесто засегнатата популација со верифициран карцином на грло на матката се на возраст од 45-50 години, но со високи 37% се појавува и кај помлади од 35 години. И најголем процент се со силно напредната болест. Најмладата пациентка во моето клиничко искуство е на 22 години“, вели д-р Клисарова.
„Не ми паѓа на памет да си играм со здравјето на моето дете“
Јана Марковска нема дилема дали да ја вакцинира својата 12-годишна ќерка. Разговарала со педијатарот, а потоа и со ќерката.
„Ѝ кажав дека тоа е за нејзино добро и дека ќе ја заштити од опасна болест. Важно ми е да е заштитена“, вели Марковска.
Таа познава многу мајки кои сѐ уште се двоумат дали да ги вакцинираат ќерките.
„Се плашат од некакви последици, а не знаат ни што точно да кажат. Се изначитале секакви искуства, а не веруваат на вакцината затоа што била нова. Дополнително ги плаши повеќевалентноста, не разбирајќи дека токму таа може да ги заштит од повеќе типови на вирусот“, заклучува Јана.
Тринаесетгодишната ќерка на Наташа од Прилеп веќе е вакцинирана.
„Верувам во наука и не ми паѓа на памет да си играм со здравјето на детето. Таа ја прими секоја задолжителна вакцина, па и оваа кога ѝ дојде ред. Ги носеа од училиште, а забележав дека повеќето од нејзините другарки не дојдоа на вакцинацијата со некое објаснување дека оваа вакцина ја примале само девојчињата и било `ако сакаш` “, изјави Наташа за „Независен“.
Вакцината во Европа постои од 2006 година, во Македонија од 2007
ХПВ вакцината е регистрирана и се користи во Европа од 2006 година, а во Македонија стана достапна на пазарот од 2007 година.
Наместо четиривалентна, како досега, во Македонија од пролетва ќе стане достапна деветвалентна вакцина, која штити од седум типови на хуман-папилома вирусот (ХПВ), кој е главен предизвикувач на канцер на грло на матка кај жените.
„Профилактичката вакцинација против ХПВ и скринингот и третманот на преканцерозните лезии се ефикасни начини за спречување на ракот на грлото на матката и се многу ефективни. Ракот на грлото на матката може да се излекува ако се дијагностицира во рана фаза и брзо се лекува. ХПВ вакцината штити од типовите на ХПВ кои најчесто предизвикуваат срамни брадавици (кондиломи) како и рак на грлото на матката, вагината, вулвата и анусот кај жените, но и кондиломи и карцином на пенисот и анусот кај мажите. ХПВ вакцинацијата се препорачува за девојчиња и момчиња на возраст од 11 до 12 години, но може да се даде почнувајќи од 9-годишна возраст. ХПВ вакцината, исто така, се препорачува за сите на возраст до 26 години, ако веќе не се вакцинирани“, вели д-р Игор Алулоски од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Лекарите напоменуваат дека вакцините се високо ефективни, но бидејки постојат повеќе високоризични типови кои не се опфатени во вакцината, вакцинирањето не го отстранува целосно ризикот од инфекција со ХПВ и развој на болест, иако значително го намалува тој ризик.
„Се смета дека 99% од вакцинираните после еден месец од завршената имунизација ќе развијат антитела на ХПВ типовите кои се наоѓаат во вакцината. Заштитата е долготрајна и не губи ефикасност. Една студија од јануари 2023 година објавува дека дури 10 години по вакцинирање само со една доза вакцина имуниот одговор е висок и стабилен. Секако тој одговор е уште поквалитетен кај применети три дози“, рече спесијалистот гинеколог-акушер д-р Елма Абдула-Хасанаговски за „Независен“.
Опфатот со вакцината против ХПВ во државава е 52 отсто. Оваа вакцина е во редовниот календар за имунизација и девојчињата од 12 до 19 години ја примаат бесплатно во вакциналните пунктови.
Студијата спроведена во Австралија покажа дека кај девојчињата на возраст од 18 до 24 години, стапката на ХПВ инфекции се намалила од 22,7 отсто на 1,5 отсто, по спроведена вакцинација.
И девојки на 22-23 години се лекуваат од рак на матка
„Болеста има тенденција на зголемена инциденца (околу 10% пораст), со поместување на возрасната граница кон помладата популација. Треба да нѐ загрижува трендот на продолжување на ниска здравствена култура, нередовни гинеколошки прегледи“, вели д-р Клисарова.
Една од причините за зголемениот број на новооткриени случаи на инвазивен карцином на грлото на матката, секако претставува и задоцнетото јавување на гинеколошки преглед, поточно неодењето на редовен преглед, невакцинирањето, неодѕивањето на повикот за скрининг. Сето тоа е причина за задоцнето превенирање и дијагностицирање на болеста во фаза кога е процесот напреднат.
„На Универзитетската Клиниката за гинекологија и акушерство, колку што ми е мене познато, најмладата пациентка која била третирана од инвазивен карцином на грлото на матката е со 23 годишна возраст, но секако оставам простор и за грешка бидејќи, за жал, во државава немаме прецизна статистика“, вели д-р Алуловски.
Овој вирус е исклучително распространет. Лекарите велат дека што речиси секој сексуално активен човек ќе добие ХПВ во некој момент ако не се вакцинира.
Во речиси сите европски земји, ХПВ распространетоста (преваленца) е ниска (<30%), посебно во Западна Европа (3,7%). Сепак, распространетоста е прилично висока во Источна Европа (21,4%) и ниска во Северна Африка (9,2%) и Западна Азија (2,2%), без оглед на развојот на земјите.
Треба да се вакциниираат и момчињата
Вакцината во Македонија е препорачна за девојчиња на возраст од 9-26 години. Во Македонија воведена е во редовниот календар како задолжителна вакцина за девојчиња на 12-годишна возраст и ја вршат службите за вакцинација од Здравствените домови, кои го спроведуваат и вакцинирањето со останатите вакцини. За разлика од другите кои се задолжителни, родителите кои одбиваат да го вакцинираат своето дете со ХПВ вакцината не подлежат на законски казни.
„Препорака е да се вакцинираат и момчињата за да се создаде „имунитет на стадо“ и да се спречи ширењето на вирусот“, рече Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација, на прес-конференцијата по повод одбележувањето на неделата на превенција за канцер од грлото на матката (22-28 јануари).
Лекарите објаснуваат дека вакцината е најефикасна кога се прима на рана возраст, пред да се добие вирусот. Вакцината штити и кога ќе се прими подоцна, но заштитата е помала.
Секој човек со започнат полов живот може да се зарази со ХПВ за време на половиот акт. Многу луѓе заразени со ХПВ може да не покажуваат никакви знаци или симптоми. Тоа значи дека тие можат да го пренесуваат вирусот на други без да знаат за тоа. Се пренесува преку полов пат најчесто при вагинален, анален и орален контакт и многу ретко по неполов пат од мајка на новородено или преку облека.
ХПВ типовите 16 и 18 се најчести причинители на ракот на грлото на матката.
„Ако се анализира најновата светска статистика од Globocan 2020 година, инциденцата во Македонија е прикажана со 113 ново дијагностифицирани случаи годишно, а 62 смртни случаи годишно. Според нашата клиничка пракса просекот е нешто повисок околу 130 нови случаи годишно“, додава д-р Клисарова.
Податоците на СЗО за распространетоста на ракот на грлото на матката на светско ниво покажуваат дека со околу 604.000 нови случаи и околу 342.000 смртни случаи секоја година, тој е меѓу водечките малигни заболувања кај жените, веднаш зад ракот на дојка.
Ракот на грлото на матката во Македонија кај жените на возраст од 15 до 44 години е на второ место веднаш после ракот на дојката, како и во Европската унија. Секоја година во ЕУ се регистрираат околу 33.000 случаи на рак на грлото на матката и 15.000 смртни случаи.
Со овој текст Независен весник се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.