Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Може ли да се спасиме од интернет загадувањето?

Пишува: Атанас КИРОВСКИ

При големи трагедии општествата имаат проблем соодветно да реагираат. Кога 13-годишно дете зема пиштол и почнува плански да убива соученици, потоа смирено се предава на полицијата, а според српските медиуми, воопшто не се кае за масакрот што го извршило, туку му е жал што не го комплетирал списокот на зацртани убиства, имаме шокантен проблем.

Психијатрите треба да утврдат дали станува збор за психопат роден без чувство на емпатија, или социопат, кој е продукт на општествено и медиумско милје кое промовира насилство и изопачени вредности? Има проблем и во семејството – таткото го учел седмоодделенецот како да ракува и да пука со огнено оружје?!

Луѓето во Србија бараат да се затворат телевизиите Хепи и Пинк, кои промовираат насилство, воајерство, кич и кои создаваат „херои“ и општествени модели за децата од мафијаши и осудени криминалци. Приватните телевизии работат за профит, ама мора некаде да има граница, мора да се наметне и обврска за некаква општествена одговорност. Наместо „Опстанок“, „Коцка , коцка коцкичка“ и „Не ме прашувајте мене“ децата се „образуваат и воспитуваат“ со гледање „Фарми“ „Големиот брат“ и разни други брутални риалити шоуа преполни со секс и насилство.

Социјалните мрежи се посебна приказна. Речиси целиот контент што го има е буквално токсичен. Сега се отвораат дискусии за забрана за Тик-Ток, а можеби и Јутјуб. Такви дискусии почнаа да се водат и во Македонија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, очигледно длабоко потресен и исфрустриран од двете последователни трагедии во неговата земја, во немоќ и бес од злосторствата во основното училиште „Владислав Рибникар“ и селото Дубона близу Младеновац, предлага да се воведе смртна казна. Бара симнување на границата за кривична одговорност од 14 на 12 години. Јавно се заканува дека двајцата извршители на масакри доживотно ќе останат во затвор и, како што рече, „нема повеќе да видат бел ден“. Неговата реакција е човечка, за да ги смири луѓето кои се потресени, вџашени, исплашени и немоќни, но општествата не може да се справуваат со насилството и криминалот преку нивна брутализација, а извршната власт да станува и судска.

Десетици студии во Америка покажаа дека извршувањето на смртни казни во Америка не придонесува за намалување на насилството и криминалот, туку имаат сосема спротивен ефект. Политичарите во демократски општества треба да остават на стручњаците да предложат мерки за запирање на врсничкото насилство, криминалот, справување со штетите што несомнено ги прават социјалните мрежи, но мерките не треба да се носат во афект и бес, преку ноќ, зошто може да предизвикаат контраефекти.

Одамна се води дискусија како да се регулираат интернет порталите, кои статистички генерираат над 95% од севкупниот говор на омраза на медиумите. Едноставно мора да се стави крај на тоа грозно, штетно и многу опасно поведение. Хушкачките портали, кои без никаква контрола и задршка буквално повикуваат на линч, мора да се зауздаат, пред да видиме многу помасовни трагедии од онаа во Србија.

И големите социјални мрежи мора да создадат механизам за превенција на говор на омраза. Не по пријава од оштетени, туку самите. Ако го искористија развојот на технологијата за да прават милијарди долари дневно, нека вложат нешто од тој невиден профит во изградба на механизми за заштита од такви појави. Со денешната технологија, убеден сум, проблемот може драстично да се ублажи.

Но тука имаме друг проблем. Како што вели Јанис Варуфакис, технокапиталот во облак (cloud) стимулира такво поведение на социјалните мрежи, бидејќи токму преку тоа го генерира најголемиот рентиерски профит. Ова е ера на „технофеудализам“, на бескрупулозно технолошко рентиерство, и веќе немаат простор фразите дека „интернет зоната не смее да биде регулирана“ заради слободата на изразување. Таа е станата канцер на општествата која метастазира во сите пори, а главна мета и се децата.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека на една од социјалните платформи убиството во основното училиште во Белград било постирано од почеток до крај, а дека 13-годишното момче во реалниот живот го префрлил она што го видел на некоја социјална мрежа. Можеме само да претпоставуваме дали детето било „инспирирано“ од некоја социјална мрежа да убие 8 соученици и чуварот во училиштето, а да рани уште седум. Има и таканаречен „даркнет“ каде што има разни работи што мора итно да се забранат. Од инструкции како ефикасно да извршат самоубиство луѓето кои се мачат со депресии и суицидални мисли, до упатства како едноставно да направите убиствено оружје! Очигледно дека не е доволна мерка само да се одземе нелегалното оружје, и да се заостри легислативата за легално поседување огнено оружје.

Посебна приказна е што сега на социјалните мрежи се појавуваат луѓе, кои со восхит ги слават двајцата масовни убијци во Србија, и се закануваат дека ќе направат исти такви масакри. Само последните три дена српската полиција испоапси десетици тинејџери во повеќе од десет градови во Србија, кои се закануваа со масакри. И досега имаше такви закани, но никој не ги третираше сериозно.

Ако се анализира дискурсот на полемиката на порталите и социјалните мрежи ќе забележите тешки навреди, сериозни закани, создавање цели од луѓе, хушкачка атмосфера која се пумпа од ден во ден, а особено во време на политички кризи. Општествата мора да најдат начин да стават крај на тоа.

Прво и основно, оваа сфера мора да почне да се регулира, затоа што интернетот речиси и воопшто не е регулиран. Второ, судството мора да се приспособи на ерата на дигиталната технологија и медиуми, и да се извешти да постапува во такви случаи. Трето – како последна мерка е забраната и цензурата на некои особено токсични социјални платформи, на кои 80 проценти од содржините се лажни вести и лажни видеа, смислена пропаганда и промоција на насилството. На Тик-Ток во моментов има над 200 000 лажни видеа за војната во Украина. Не може луѓето да стануваат експерти за дипфејк технологии, и да знаат кога да си веруваат, а кога да не си веруваат на сопствените очи. Општествата и законодавците ќе мора да најдат начин да ги заштитат граѓаните.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира