Аргументот на Европскиот фронт е дека тие ги застапуваат интересите на немнозинските заедници во државата и затоа треба да бидат дел од власта, смета политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во интервју за Слободен печат.
„Европскиот фронт има мнозинство од немнозинските заедници и тоа е во суштина Бадентер. Се сеќавате дека тоа се случи и во 2006 година, тогаш разликата меѓу ДУИ и ДПА беше само три пратеника, сега е малку поголема“ рече Муслиу.
Според него, почетокот на функционирањето на новата власт не дава многу простор за оптимизам.
„Ќе видиме што ќе се случи утре на прегласувањето, но тоа што се случи во ДИК, дава малку лош вкус за тоа што ние очекуваме да се случи. Ние сме бомбардирани со владеење на право, независни инситуции, економски развој, но гледаме дека почетоците не се добри, трансфери на пратеници, поништувања, тоа не се добри сигнали. Ние имавме еден случај во 2016 година кога ДИК беше блокирана, имавме протести, кои не беа баш мирни и тивки, такво нешто сега немавме. Сега имаме кривични пројави и тоа е еден вид на напредување“, посочи Муслиу.
Тој не верува дека ВМРО-ДПМНЕ се откажала од можноста да го добие тој пратеник во ИЕ 5 на утрешното прегласување, затоа што таму не е голема разлика во бројките што се потребни, мислам дека на ВМРО-ДПМНЕ им требаат околу 400 гласа, на СДСМ околу 150, а гласаат 3.000 луѓе, така што тоа не е нешто.
Муслиу смета дека начинот на поништување на гласањето во седумте избирачки места може да се гледа и како обид да се изигра волјата на граѓаните.
„Начинот на кој се направи поништувањето на гласањето на избирачки места во кои процесот на гласање е завршен, гласовите се изборјани, потпишани се записници од сите учесници, нема ниту еден приговор, сега изненадно се поништуваат тоа е лошо чувство и секако дека Фронтот ќе се потруди да го искористи. Ова е дополнителен политички капитал на Европски фронт за политичката борба што ќе ја водат“, рече Муслиу.
Според него, ако имало какви било злоупотреби и прекршување на изборната волја, тогаш тоа треба да се лоцира и одговорните да се соочат со законот.
„Ако имало некакви изборни нерегуларности, тогаш треба се идентификува кој е виновен со тоа да се покаже дека навистина сме за правна држава и владеење на правото“, порача Муслиу.