На претседателката на Европската комисија треба да ѝ се предложи да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ на која ќе бидат отворени поглавјата, а внесувањето на Бугарите во Уставот да се одложи до третатата конференција на ЕУ и Македонија
Пишува: Ѓорѓи СПАСОВ
До декемврискиот самит на ЕУ, до кога во Македонија треба да биде извршена промената на Уставот, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ на која би се започнало со отворање на поглавјата, останува многу малку време.
Владата се обидува да го одржува оптимизмот дека ќе обезбеди до тогаш двотретинско мнозинство за промена на Уставот, но јавно не се гледаат причини за таков оптимизам, освен некоја надеж дека преку ноќ и без некоја посебна причина опозициските пратеници „ќе сфатат за што станува збор“ и ќе го сменат своето мислење за отпор кон промените.
Изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека тој не гледа можност за обезбедување двотретинско мнозинство за промена на Уставот во овој состав на Собранието, покрај сите оптимистички изјави ова прашање го става веќе надвор од актуелната дебата.
Македонија реално во овој момент се соочува со сериозна криза на довербата во власта, криза на довербата во нејзините преговарачки капацитети ,но и криза на довербата во ЕУ.
Промените се блокирани со барањето на опозицијата – „Избори, па потоа ќе видиме што ќе правиме“.
Во такви услови на неизвесност и блокади, можеби треба да се излезе надвор од досегашната рамка на размислување.
Зошто да не можно да биде одржана и втората конференција меѓу ЕУ и Македонија на која ќе отпочне отворањето на поглавјата во декември, без промена на Уставот сега и со обврска Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот пред одржувањето на третата конференција и отворањето на другите поглавја?
Преговарачката рамка сигурно не е библија која не трпи било какви промени и интерпретации. И зошто би се согласила Бугарија со тоа?
Иако се смета дека Бугарија ќе биде среќна ако сами се блокираме овој пат, и дека со непромената на Уставот сега, ќе добие можност да продолжи со тврдењетo за дискриминација на Бугарите во Македонија и за нашата антиевропска политика, факт е дека без внесување на Бугарите во Уставот и без отворање на поглавјата, таа го губи клучниот инструмeнт за остварување на своите јавни и скриени интереси во Македонија.
Со својата политика, Бугарија освен што направи граѓаните во Македонија да ја сметаат за нивен најлош сосед и непријател, таа ризикува да ја изгуби можноста за какви било разговори и за влијание во Македонија понатаму.
Во нејзин интерес би било, и во интерес на ЕУ, да се согласи на самитот на ЕУ во декември и без промена на Уставот да биде одржана втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ на која ќе бидат отворени поглавјата и ќе започнат преговорите за членство на Македонија во ЕУ, а внесувањето на Бугарите во Уставот да се одложи до третатата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.
Со прифаќање на оваа измена во преговарачката рамка Бугарија реално ништо не губи, Македонија продолжува со преговорите, ЕУ го продолжува проширувањето, а идната влада добива можност да покаже за што е способна во натамошниот тек на преговорите за членство во ЕУ.
Ова секако не може да се изнуди во билатерални разговори со Бугарија, бидејќи станува збор и за рамка од ЕУ.
Обидот може да биде направен преку Урсула фон дер Лајен која кон крајот на месецов доаѓа во Македонија, можеби преку Емануел Макрон кој побарал да ја посети Македонија и преку германскиот канцелар Олаф Шолц кој изјави дека „ЕУ мора да го награди напредокот на Македонија“. И тоа би бил успех на европската политика на Балканот.
Тоа би бил и компромис меѓу оние кои бараа внесувањето на Бугарите во Уставот да се случи непосредно пред приемот на Македонија во ЕУ и оние што прифатија тоа да биде услов за започнување на преговорите.
Само ваков вид тектонски промени би можеле да го решат овој проблем, освен ако има некои тајни формални или неформални разговори меѓу власта и опозициски пратеници кои одат во насока на решавање на овој проблем преку убедувања, помилувања и корупција.
Засега медимите само констатираат дека Фон дер Лајен доаѓа во Македонија во невозможна мисија и дека од неа не треба да се очекува дека со нешто што ќе ја убеди опозицијата да гласа за уставните промени.
Оттука, можеби треба да се оди со некој порадикален план или тој да се тестира. А тој би бил и во интерес на Бугарија.
На крајот на краиштата, ЕУ и Бугарија треба да се запрашаат дали тие ќе ги подржат проевропските сили на Македонија на наредните избори, или со својата ригидност ќе им дадат шанса на оние кои го блокираа процесот на интегрирање на Македонија во ЕУ и кои во Бугарија се оценети како антибугарски.
Ако со една ваква промена на европската рамка, која значи само одложување на преземената обврска на Македонија за внесување на Бугарите во Уставот, ЕУ ќе им даде шанса на проевропските сили во Македонија да формираат влада по следните избори, да можат значително да се подобрат и односите меѓу Македонија и Бугарија, да се избегнат сите неизвесности во однос на проширувањето и да се спречат националистичките и суверенистички партии во Македонија да го водат главниот збор во врска со проширувањето по изборите.
Тоа би бил доказ дека ЕУ не го сметала за залуден целиот напор на владата во овој период за обезбедување на двотретинско мнозинство и до одржувањето на изборите во Македонија ќе го направи ирелевантно противењето на опозицијата за промена на Уставот.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)
Извор: Независен