Без разлика дали сте ги гледале повеќето или само мал дел од филмовите кои овде се издвоени како најдобри остварувања во 2023 година, несомнено ова беше многу добра година за филмската уметност
Со неколкуте големи хитови публиката повторно се врати во кино салите, а филмските фестивали и стриминг платформите имаа многу причини да бидат задоволни.
Ова е изборот на најдобрите 50 филмови во 2023 година на филмскиот критичар Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
50. БАРБИ (Режија: Грета Гетвиг) САД
Филм за широките народни маси кој ги оправда високите очекувања во однос на дизајнот, сценографските и костимографските решенија, додека останатите авторски решенија останаа на ниво на предвидливи изненадувања.
49. ДОМАЌИНСТВО ЗА ПОЧЕТНИЦИ (Режија: Горан Столевски) Македонија
Има некаква интуитивна едноставност во натуралистичкиот пристап на режисерот Столевски, со кој создаде уште едно дело чија енергија и емоции се доживуваат непосредно, емпатично и хуманистично.
48. ЈАС КАПЕТАНОТ/IO CAPITANO (Режија: Матео Гароне) Италија
Режисерот кој го потпиша филмот „Гомора“ во 2008 г., во својот најнов филм претставува мигрантска драма, инспирирана од вистински настани поврзани со луѓето од Африка кои сакаат да заминат во Италија. Умешната режија и талентираниот непрофесионален актер Сејду Сар ја пренесуваат одисејата на младиот мигрант од Сенегал директно под кожа на гледачот.
47. НАСТАВНИЧКИ КАБИНЕТ/The Teacher’s Lounge (Режија: Илкер Чатак) Германија
Возбудлив трилер со многу неочекувани пресврти во сторија за неискусната учителка која ќе се обиде да истражи кој краде во училиштето во кое таа предава.
46. СЛАТКИОТ ИСТОК/THE SWEET EAST (Режија: Шон Прајс Вилијамс), САД
Дебитантскиот филм на докажаниот кинематографер од американската независна сцена Шон Прајс Вилијамс ги следи авантурите на средношколка (Талија Рајдер) која одлично се снаоѓа во менувањето на своите идентитети.
45. ДЕЛИКВЕНТИ/THE DELINQUENTS (Режија: Родриго Морено) Аргентина
Надреалистична комедија во која среќаваме банкарски службеник кој се обидува да ја замени бирократската монотонија со тоа што ќе ја ограби банката во која работи.
44. НАПОЛЕОН (Режија: Ридли Скот), САД
Филмот кој ги изнервира историчарите (особено француските) и добар дел од гледачите (особено тие што не сакаат долги филмови). Ридли Скот е, секако, докажан мајстор за историска фикција, жанр во кој Холивуд е, секако, неприкосновен, а Холивуд е, секако, индустрија за забава.
43. АМЕРИКАНЦИ/AMERIKATSI (Режија: Михаел А. Горџијан), Ерменија
Американец со ерменско потекло заминува во Ерменија во времето на советскиот режим и завршува во затвор, каде што, покрај својата истрајност, ја открива и надежта за неговата татковина.
42. ЗАТВОРИ ГИ ОЧИТЕ (Режија: Виктор Ерисе), Шпанија
Шпанскиот мајстор Виктор Ерисе, препознатлив по својата филмска поетика, во овој интимен филм повторно се враќа на една од неговите главни творечка инспирации – љубовта кон киното.
41. ВРЕМЕ ЗА СЕМЕЈСТВОТО/ Mummola/ Family Time (режија: Тиа Коуво) Финска
Споровозна комедија на апсурдот снимена во манирот на Рој Андерсон, со долги кадри и со статична камера.
40. САМО РЕКАТА СИ ТЕЧЕ (Режија: Вен Шуџун), Кина
Храбра кинеска верзија на ноар жанрот во која секој кадар е уметничка студија.
39. РИАЛИТИ/ REALITY (Режија: Тина Сатер) САД
Филм кој е прилично оригинален во формата, бидејќи ги гради сцените прилично кохерентно со извештаите на ФБИ за апсењето на главниот лик, претставен како „внатрешен пријавувач“ (whistle-blower) на дело кое е многу релевантно во американската политика.
38. ЛЕКЦИИТЕ НА БЛАГА (Режија: Стефан Командарев) Бугарија
Победникот на годинешното издание на филмскиот фестивал во Карлови Вари прикажува типична драма во типична средина: жртва на измама ги погазува сите принципи врз кои го градела својот живот и станува соучесничка во злосторства за кои често читаме во нашите црни хроники. Командарев, како еден од најистакнатите источноевропски режисери, ни подари уште едно солидно дело, секако, со голема заслуга и на извонредната актерка Ели Скорчева.
37. ПРЕМИНИ / PASSAGES (Режија: Ајра Сакс) Франција
Во морето квир филмови кои се појавија годинава, ова е филм кој највнимателно придонесува кон детабуизирање на геј љубовта.
36. УБИЕЦ/THE KILLER (Режија: Дејвид Финчер) САД
Перфекционистот Дејвид Финчер потпишува уште еден трилер во кој главниот лик (елегантно одигран од страна на Мајкл Фасбендер) е навидум ладнокрвен платен убиец – прилично често филмувана професија, во која не се дозволуваат грешки и во која работите се прават со стоицизам, трпение и со ефикасност.
35. ГРАЃАНИНОТ СВЕТЕЦ/CITIZEN SAINT (режија: Тинатин Кајришвили), Грузија
Уште еден визуелно маестрален грузиски артхаус филм. Тинатин Кајришвили е позната по нејзините претходни прилично медитативни, но на ниво на драматика доволно комуникативни приказни, а со овој филм филм кој прави комбинација на соц-реалистички, дистописки и религиозни естетики во кои се мешаат алузии на античките драми и библиските чуда.
34. ФЕР ПЛЕЈ/FAIR PLAY (Режија: Клои Домон) САД
Корпоративен трилер во кој покрај односите на моќта извонредно се прикажани и односите меѓу половите кога финансиската и менаџерската позиција ја нарушуваат рамнотежата во љубовната врска. Иако дејството се случува во митскиот Њујорк, најголем дел од филмот е снимен во Србија.
33. ОПСТАНОКОТ НА ДОБРИНАТА /The Survival of Kindness (Режија: Ролф де Хеер) Австралија
Режисерот на „Бед Бој Баби“ се врати годинава со извонредно визуелно достигнување. „Опстанокот на добрината“ е антрополошка студија преку дистописка проекција во која главниот лик е жена оставена во кафез среде пустина од страна на насилници кои носат гас маски.
32. НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ (Режија: Раду Жуде)
И годинава најавтентичниот источноевропски филм доаѓа од Романија, со препознатливиот стил на Жуде во кој се помешани хуморот, апсурдот и острата критика на современото романско општество.
31. СОВРШЕНИ ДЕНОВИ (Режија: Вим Вендерс), Јапонија
Веројатно најрелевантниот филм на Вендерс последниве две децении, филм за убавината на живеењето во склад со природата и умереноста.
30. ГРОФОТ/EL CONDE/THE COUNT (Режија: Пабло Лараин), Чиле
Иако храбар, но неуверлив во однос на драмското сиже (бесмртниот Пиноче како вампир кој продолжува со злосторствата), овој филм нуди високо естетско доживување благодарение на совршената фотографија на маестро Ед Лахман, која ја враќа атмосферата и контрастите на некои од ремек делата на источноевропската кинематографија.
29. МИНАТИ ЖИВОТИ/PAST LIVES (режија: Селин Сонг), САД
Авторката Селин Сонг во својот дебитантски филм успева да понуди пристојна мелодрама базирана на романса на две јужнокорејски деца кои се разделуваат токму кога ќе се засакаат и кои созреваат оддалечени илјадници километри, а потоа пак се среќаваат благодарение на онлајн можностите.
28. АСТЕРОИД СИТИ (Режија: Вес Андерсон), САД
Филм кој во најголема мера ги задржа симпатиите на љубителите на особените филмови на Вес Андерсон, но предизвика и напади за маниризмот и замор на материјалот.
27. ИНГЕБОРГ БАХМАН – ПАТУВАЊЕ ВО ПУСТИНАТА /Ingeborg Bachmann – Journey into the Desert (Режија: Маргарете фон Трота)
Биографската драма за една од најрадикалните поетеси на 20 век (со извонредната Вики Крепс во главната улога) дава шармантна претстава за инспиративниот творечки и емотивен свет на една фасцинантна личност.
26. ЛИМБО/ Limbo (Режија: Ајван Сен), Австралија
Еден од најдобрите филм-ноари направени последниве години. Во него главниот лик (изненадувачки трансформираниот актер Сајмон Бејкер, кој ни е познат од серијата „Менталист“) е полицаец зависник од хероин кој истражува неразрешено убиство на домородна Австралијанка кое се случило пред 20 години.
(продолжува)