Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Намалените даноци наместо профит, ќе донесат сомнителни инвеститори во Северна Македонија

Соња ТАНЕСКА

Северна Македонија наместо да се адаптира на глобалниот минимален данок на добивка од 15 отсто, новиот премиер Христијан Мицкоски најавува помал данок за најпрофитните компании иако земјава е во фаза на синхронизација на даночните законодавства со ЕУ.

Исто така земјава е една од 140 земји потписнички на иницијативата на Меѓународната организација за економска соработка и развој ОЕЦД која сака да стави крај на меѓудржавната трка со даночни ослободувања или олеснувања во привлекувањето инвестиции, но и да ги искорени даночните раеви. Нејзините ефекти ќе ги почувствуват 8.000 светски мултинационални компании.

Од друга страна пак Мицкоски убедува дека ако стапката за корпоративен данок се намали од 10  на 5 проценти за компаниите што ќе консолидираат добивка во Македонија и ќе остваруваат профит поголем од 50 милиони евра, во земјава ќе дојдат големи светски мултинационални компании, кои би се преселиле привлечени од ниските давачки.

Сепак, земјите од ЕУ, како и многу други држави во светот, на почетокот од годинава ги воведоа правилата за глобален минимален данок од 15 проценти. Тоа значи дека ако некоја фирма во Македонија плаќа данок од 5 отсто, матичната компанија ќе ги доплати останатите 10 отсто во земјата во која е сместена.

Според досегашните предвидувања на економистите триесет милиони евра годишно од даноци може да загуби државата, ако не се адаптира на новиот глобален минимален данок на добивка од 15 отсто.

Првите плаќања на овој данок ќе се случат во 2026-та, а ќе се однесуваат на 2024 година. Овој данок веќе е имплементиран во Бугарија и Хрватска кои се членки на ЕУ. Земјите од Западен Балкан тоа се уште не го сториле.

Педесетина компании кои работат во земјава и кои во најголем дел се странски, ќе бидат опфатени од оваа нова глобална давачка, покажале симулациите на една од најголемите сметководствени фирми во светот „Прајс вотерхаус куперс“ која беше презентирана уште во март годинава.

Северна Македонија единствено би имала бенефит само од компаниите што ќе отворат фирма во земјата и таа ќе биде мајка на други подружници, со што корпоративниот данок за сите нив би се плаќал во Македонија. 

-Глобалниот минимален данок е прифатен  практично сите најважни економии во светот, вклучувајќи ја и ЕУ, и САД каде не е целосно имплементира. Во земјава сè уште не се донесени домашните закони, што значи дека за да може да функционира таа намера на владата да привлече компании коишто тука ќе плаќаат ниска стапка на данок на добивка, треба таа компанија да не оперира во ниедна од овие 140 економии, ниту во која било друга позначајна економија. Такви мултинационални компании скоро и да нема во светот, или ако има тоа се сигурно некои сомнителни компании коишто перат пари од криминални активности или нешто такво“, вели економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во врска со најавата за намалување на даноците.

Тој појаснува дека ако се намалат даноците, а не се испочитува оваа обврска за глобален данок , тоа е на штета на Северна Македонија, а ќе го наполни буџетот на матичната земја од каде е странската инвестиција.

Само пет фирми во Македонија минатата година оствариле добивка по оданочување од над 50 милиони евра – Јавното претпријатие за државни патишта, Џонсон Мети, и трите најголеми банки – Комерцијална, Стопанска и НЛБ Тутунска банка.

Министерката Димитриеска – Кочоска, минатата недела рече дека одлуките за даноците уште не се прецизирани, а измените во висината на даноците не се планира за на постојните фирми да им се намалат даноците, туку да се привлечат нови, богати компании.

Што значи глобален данок?

Идејата за минимален глобален данок од 15 отсто за големите мултинационални компании прво ја иницираа САД, односно претседателот Џо Бајден, со цел да се спречи таканаречената трка до дното и настојувањето државите да привлекуваат големи компании со ниски даноци, но и поради практиката мултинационалните компании успешно да избегнуваат да плаќаат даноци во земјите каде што се присутни и нудат одредени услуги или производи.

Оваа иницијатива ја поддржаа и другите најразвиени земји во светот во рамки на Г7 и Г20, а помасовна поддршка доби во ОЕЦД, со значајно зголемување на држави и територии кои што се залагаат за воведување ваква минимална даночна стапка на глобално ниво.

ОЕЦД со години ги координира даночните преговори меѓу 140 земји за правилата за оданочување на прекуграничните дигитални услуги и за ограничување на ерозијата на даночната основа, вклучувајќи го и глобалниот минимален данок на компаниите.

-Правилата за минимален глобален данок од 15% ќе се применуваат на мултинационална групација која во најмалку две од четирите години кои непосредно и претходат на тестираната фискална година, има годишен приход од најмалку 750 милиони евра во консолидираните финансиски извештаи на ултимативната мајка компанија. Врз основа на овие правила, мултинационалната групација ќе треба да доплати данок на добивка за своите компании кои работат во други јурисдикции, доколку ефективната даночна стапка на компаниите во државите кадешто работат е пониска од минималната глобална стапка од 15%, се вели во симулацијата на „Прајс вотерхаус куперс“.

Основно правило е дополнителниот данок да се плаќа во државата кадешто е лоцирана крајната мајка компанија на групацијата, доколку оваа држава ги вовела GloBE правилата. Ако тоа не е случај, данокот може да се наплати од пониската мајка компанија која е следна во сопственичката структура на групацијата (top-down approach). Доколку и ова не е можно, се применува резервно правило согласно кое, дополнителен данок може да се засмета на ниво на друга членка на групацијата лоцирана во држава која ги применува GloBE правилата. Резервното правило е со одложена примена од 2025 натаму.

Даночната заштеда во Северна  Македонија веќе не би имала ефект на групациско ниво

Имајќи ја предвид ниската стапка на данок на добивка (од 10%) во Северна Македонија, особено ослободувањето од плаќање на данок на добивка за компаниите во Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), како и другите индивидуални мерки на државна помош поврзани со данокот на добивка, очекувано е правилата за глобален минимален данок да ги засегнат македонските компании кои се членки на најголемите мултинационални групации. Во засегнатите случаи, даночната заштеда остварена од работењето во Северна  Македонија веќе не би имала ефект на групациско ниво, бидејќи данокот кој е заштеден локално, би се доплатил во државата на мајката компанија до стапка од 15%.

„Прајс вотерхаус куперс“ укажува дека поради овие причини, меѓународните групации кои се присутни во Северна Македонија и се квалификуваат за глобален минимален данок, треба да направат сериозна анализа на неговите даночни последици на локално ниво. За таа цел, потребно е да ја утврдат ефективната даночна стапка на својата компанија во Македонија, применувајќи ги посебните GloBE правила. Притоа, ќе треба да ги земат предвид и потенцијално применливите ослободувања од глобален минимален данок, како на пример:

-Даночното ослободување за локални компании со ниски приходи и добивка (согласно критериумите на GloBЕ);

-Даночното ослободување за делот од добивката на локалната компанија кој произлегува од вршење на суштински економски активности во земјата (т.н. substance-based carve-out).

-Од друга страна, со цел државата и понатаму да остане атрактивна за инвестирање, учесниците во создавањето на даночната стратегија ќе треба да анализираат каков вид даночни поволности да вклучат во домашната регулатива и да преговараат со потенцијалните инвеститори. Во спротивно, некои од постоечките шеми за поддршка на инвестициите ќе престанат да бидат примамливи за инвеститорите, бидејќи ослободувањата поврзани со данокот на добивка и мерките на државна помош кои се нудат локално, може да предизвикаат зголемени даночни обврски за инвеститорите во странство, се вели во анализата на Прајс вотерхаус куперс“

Исто така, очекувано е креаторите на даночната политика да го анализираат ефектот од новиот глобален минимален данок од перспектива на приходите во локалниот буџет и да одлучат дали Северна Македонија треба да имплементира домашни правила за наплата на дополнителниот данок во локалниот буџет.

Зачлени се на нашиот е-билтен