Наративи за уставни измени: Воскреснување на старите дезинформации и теории на заговори за „геноцид“ и „етноцид“ на македонскиот народ

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Дезинформациските наративи и теории на заговор за „поништување“, „исчезнување“, „уништување“, „разнебитување“, „етноцид“ и (идентитетски) „геноцид“ на македонскиот народ не се нешто ново во македонскиот медиумски простор. Ваквите теории на заговор периодично беа дисеминирани во кризни политички контексти од различни актери. Воскреснување на старо-новите дезинформациски наративи и теории на заговор за „етноцид“ и „геноцид“  врз македонскиот народ е забележливо и во контекст на предложените уставни измени во 2023 година, како услов за продолжување на преговорите со ЕУ.

Во оваа медиумска анализа ќе ја илустрираме сродноста и континуитетот на дезинформациските наративи и теории на заговор за „поништување“, „исчезнување“, „уништување“ или „разнебитување“, „етноцид“ и „геноцид“ на македонскиот народ по потпишувањето и спроведувањето на „Договорот од Преспа“ (2018), по усвојувањето на т.н. „француски предлог“ (2022), и во тековниот процес за уставни измени во 2023 година.

Ќе наведеме бројни медиумски примери како правните изрази „геноцид“ и „етноцид“ беа злоупотребувани за етно-националистичка и политичка мобилизација и во контекст на расправиите за уставни измени (слично како што беа злоупотребувани и во контекст на „Договорот од Преспа“ и „францускиот предлог“).

Дезинформации и теории на заговор за поништување и „геноцид врз македонскиот народ“ пред и по „Договорот од Преспа“

„Спорот за името“ со Грција беше максимално користeн за етно-националистичка и политичка мобилизација (особено по „грчкото вето“ во 2008 година) со злоупотреба на правните изрази „геноцид“ и „етноцид“. Радикалните националистички организации, како Светскиот македонски конгрес, уште тогаш обвинуваа за потенцијален „геноцид врз македонскиот народ“ со евентуална промена на „државното име Македонија“.[i] Провладината пропаганда тогаш заплашуваше со „разнебитување на македонскиот народ“ и „етноцид“ доколку опозицијата дојде на власт.[ii] Заплашувачките анти-западни наративи за „целосно уништување на македонскиот народ и држава“ и неосновани обвинувања за „геноцид“ беа пропагирани и за време на политичката криза 2015-2017.

Оттаму, воопшто не е изненадувачки што наративите за „геноцид“ воскреснаа по најавата за постигнување на конечно решение на „спорот за името“ со Грција во јуни 2018 година. Неколку дена пред потпишувањето на „Договорот од Преспа“, јавно реагираше групата проруски интелектуалци „Македонски манифест“, која со години водеше кампања „НЕ во ЕУ“[iii] и предупредуваше за „холокауст врз Македонците“, за „планот за наша идентитетска ликвидација“ и „планираниот идентитетски геноцид“ (на крајот од 2017 му упати и писмо премиерот на новата влада, Зоран Заев со порака „Ќе бидете одговорни за геноцид (етноцид) врз сопствениот народ“). „Македонски манифест“ во јуни 2018 експлицитно го обвини премиерот дека е „идентитетски убиец на Македонија и Македонците“ и дека врши „геноцид врз сопствениот народ“.[iv]  Писателот и редовен колумнист на „Нова Македонија“ Ефтим Клетников, обвинуваше ем за „идентитетски геноцид“ („се прави погребување на идентитетот на еден народ“)[v], ем за „геноцид на македонскиот народ“.[vi] Во медиумски настапи Клетников правеше неосновани „библиски“ споредби помеѓу Македонците и Евреите,[vii] а во една подоцнежна колумна, го опиша „западниот идентитетски геноцид врз Македонците во Преспа 2018“ како „ништење на еден  древен народ со неколкумилениумска длабока генеза, од Јафет најмалиот син на Ное по потопот па натаму…“.[viii]

Дезинформацискиот и потпалувачки наратив за „геноцид“ беше прифатен и од страна на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, која на прес конференции обвинуваше за „срамниот геноцид“[ix] и драматично тврдеше дека „овој таканаречен договор е акт на чистење на цела нација, ова е пострашно од геноцид, ова е геноцид врз цела една нација – ова е  етноцид“.[x] Потпалувачкиот наратив за „геноцид“ беше проследен со дезинформации во врска со „Договорот од Преспа“ (дека „именката Македонија ќе биде избришана во Уставот“, дека „се забранува секаква употреба на придавката македонска, македонско, македонски во сите форми од сите институции кои што имаат изданија и кои што добиваат пари од државата“) и со инсинуации за забрана на химната.[xi]

Дезинформациските наративи за „современ геноцид“ и „етнички геноцид на Македонскиот народ и бришење на сè што е македонско“[xii] беа зајакнати во кампањата „Бојкотирам“ пред Референдумот во 2018 година. Оваа кампања беше прилично активна и вирална на социјалните мрежи[xiii] со хаштазите „#Бојкотирам Уставни измени за бришење на Македонија и македонскиот народ од постоењето!“ и „#Бојкотирам #Геноцид“.[xiv]

Откако на 30 јули 2018 година Собранието донесе одлука за распишување консултативен референдум, над 30 проруски партии и здруженија повикаа на „Неизлегување и бојкот на референдумот, кој е геноциден проект врз македонскиот народ”.[xv] Како предводник на кампот „Македонија бојкотира“ беше проруската партија „Единствена Македонија“ (ребрендирана по урнек на Путиновата „Единствена Русија“), која уште во почетокот на 2018 предложи автопатот кон Грција да се нарекувал „геноцид“, наместо „пријателство“.[xvi] „Единствена Македонија“ повикуваше на „света борба на сите нас за опстанок на цел еден народ“, го обвинуваше НАТО како „геноцидна организација“, и се залагаше за стратешки сојуз со Русија кој „го обезбедува опстанокот и иднината на Македонија“, кои биле загрозени од „геноцидот што сакаат да го направат врз македонскиот народ“.[xvii] И проруските геополитичари се обидуваа да ги претстават уставните измени како геноциден процес („операција геноцид во живо“), а „преименувањето и бришењето на Македонија“ како „антибожји акт“ со кој му се помага на „Сатаната да воспостави антибожјо царство“.[xviii] 

И претставници на Македонците во соседните земји[xix] и на дијаспората (во различни периоди) обвинуваа за геноцид врз македонскиот народ, „идентитетски, историски и културен геноцид на македонскиот народ“, „културен и антрополошки геноцид“, „геноцид врз една култура“, итн.

Иако таборот #Бојкотирам беше хетерогена група, дел од гласноговорниците за бојкот беа многу блиски со водството на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. На пример, претседателката на Комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ, Тања Каракамишева, која седеше до Мицкоски на лидерската средба за референдумот, на денот на референдумот агитираше „НЕ ГЛАСАМ и не одговарам на геноцидно прашање“, а подоцна јавно се залагаше за влез во Евроазиската унија, затоа што „тоа е иднината на светот“. И членови на раководството на ВМРО-ДПМНЕ агитираа дека за референдумот „ќе се гласа за Северна Македонија, за создавање нов, вештачки народ, за уништување на македонскиот народ“.[xx] И партиското гласило на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ, „Македонска нација“  го прогласи референдумот за „геноциден“, тврдејќи дека со прифаќањето на промена на името Македонците „ќе ги снема од историската сцена“.[xxi]

Јавен притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да повика на бојкот на референдумот упати и великодостојникот на МПЦ, митрополитот Агантангел, кој верува дека „врз македонскиот народ, во последните сто години се врши планиран, континуиран и отворен геноцид“, и дека потпишувањето на договорот со грчката влада е „суптилен геноцид на еден народ“. Агатангел му упати експлицитна порака на Мицкоски – „повикајте на бојкот на наместениот референдум кој во блиска иднина ни се спрема за да ја оддува Македонија и македонскиот народ.“[xxii] Во 2019, Агатангел ја искористи дури и посетата на папата во Скопје, за да ги повтори обвинувањата за „тивок и специјален геноцид врз македонскиот народ“.[xxiii]

Дезинформации за „промена на името за македонскиот народ“ како „културен холокауст“ беа ширени и на „Централен Бојкотирам собир „Бојкотирам Северна, Секогаш Македонија!” – Скопје“. Организаторите „Млади за Македонија“ (кои се фалат како лансирачи на движењето „Бојкотирам“, и во својата платформа го отфрлаат „геноцидниот Преспански Договор“) правеа неосновани споредби помеѓу Македонците, Евреите и Мохиканците, ширејќи теории на заговор дека е загрозен опстанокот на Македонците како народ.[xxiv]

Постер од кампањата за бојкот на Референдумот во 2018 година, извор: Фб страница ВМРО
Постер од кампањата за бојкот на Референдумот во 2018 година, извор: Фб страница ВМРО

И по референдумот, ВМРО-ДПМНЕ продолжи со дискурсот за „етноцид врз македонскиот народ“, за „бришење на македонскиот идентитет“,[xxv] а и неговите раководни кадри јавно тврдеа дека „се случи и сеуште се случува економски колапс, етноцид и геноцид врз македонското население…“.[xxvi]

Слично како што проруските кампањи во 2015-2017 втеруваа страв од  кантонизација, федерализација, поделби на земјата и нејзино разнебитување, кампањите во 2018 создаваа светоглед од перцепции дека Договорот од Преспа и референдумот води кон „самоуништување“, „самоубиство“, „самоукинување“, „исчезнување“, „разнебитување“, „етноцид“, „геноцид на македонскиот народ“, итн. Ваквите потпалувачки и поларизирачки наративи со дезинформации, кои вклучуваа имагинарни закани не само за македонскиот идентитет, туку и за македонскиот народ, според експертите за дезинформации на ЕУ, беа клучни за „подривање на учеството во референдумот за промена на името“.[xxvii]

И претседателот на државата Иванов ширеше дезинформации и теории на заговор за „правно укинување“ и правно и историско поништување на Македонскиот народ

Иако пред референдумот се ширеше медиумска фама дека и претседателот Иванов во обраќањето пред ОН, ќе го разобличел „Договорот од Преспа“ како „обид за геноцид на македонскиот народ“,[xxviii] во своето обраќање Иванов посочи само на „автоцензура на колективната свест на македонскиот народ“ и „правното укинување на македонскиот народ“.[xxix]

Откако на крајот на 2018 „Македонски манифест“ побара од Иванов да почне процедура во ОН за одбрана на името, со тврдење дека „се врши идентитетски геноцид врз македонскиот народ“,[xxx] Иванов во годишното обраќање во собранието предупреди на „правно и историско поништување на Македонскиот народ“.[xxxi] Наративите за „поништување на македонскиот народ“ беа пропагирани и од проруските партии, од новоформираната „Родина“ (која зборуваше и за „идентитетски геноцид врз македонскиот народ“) и од „Единствена Македонија“ која подоцна во писмо до Макрон го поздрави неопределувањето  датум за преговори,  реферирајќи на „националното поништување на македонскиот народ од марионетската власт во Скопје“.[xxxii]

Што се однесува до барањето на „Македонски Манифест“ до Иванов, гласноговорникот Ефтим Клетников, во едно интервју од 2020 ќе тврди дека „ние сме убиен народ“, а дека Русија инсистирала проблемот со името да биде пак поднесен во ОН. Според Клетников, Ѓорге Иванов не го сторил тоа, иако биле собрани граѓански потписи за таква иницијатива, по што гласноговорникот на „Македонски манифест“ го обвини за „велепредавство“.[xxxiii]

„Македонски манифест“ на крајот на 2021 испрати и писмо до Путин во кое ги повтори обвинувањата за „идентитетски геноцид“, образложувајќи дека „намерата со ликвидација на меморијата на Македонците“ била „да се ликвидира и нивната генеричка свест за братство со словенството, и посебно со Русија и Русите, на нивната љубов кон нив“. Во писмото, потпишано од повеќе интелектуалци и од Митрополит повардарски Агатангел на МПЦ-ОА, се укажува и на „крвната родствена врска меѓу Македонците и Русите“, на „нивната сијамска близначка врска“.[xxxiv]

Дезинформации и теории на заговор за „поништување“ и „геноцид врз македонскиот народ“ по „францускиот предлог“

Наративите со дезинформации, манипулации, заплашувања и теории на заговори за македонскиот народ и Македонците беа централен дел од опозициската кампања против „францускиот предлог“ и преговарачката рамка во летото 2022.

Најрадикалните проруски опозициски партии и политичари ги истакнуваа „бугарските услови за бришење на македонската нација“ (Единствена Македонија), драматизираа дека „главата му се сече на македонскиот народ во протоколот“ (Јакимовски од ГРОМ), а проруската партијата Левица на еден од протестите донесе гилотина со опис „француски предлог“. Пораката „Францускиот предлог е гилотина за македонскиот народ!“ беше промовирана и од кандидатката за градоначалник на општина Центар од ВМРО-ДПМНЕ и „Глас за Македонија“.[xxxv]

Проруската пропагандистка Мирка Велиновска, која по 27 април 2017 тврдеше дека „врз Македонците се врши етапен геноцид од божем цивилизираниот дел од светот“,[xxxvi] како гостинка на прорускиот канал „Родински разговори“, ги обвини „нецивилизираните Европјани“ дека се обидувале да извршат геноцид и да прогласат „жив народ за мртов“.

Дезинформациите дека со т.н. „француски предлог“ се врши „етноцид, културоцид“, па дури и „геноцид кон цел еден народ“ беа препознатлив белег од опозициската кампања против преговарачката рамка на ЕУ.[xxxvii] Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно го обвини премиерот Димитар Ковачевски за „економски геноцид“[xxxviii] и дека го ништи македонскиот идентитет“,[xxxix] пратенички на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ширеа дезинформации дека „со францускиот предлог сведоци сме на страшен геноцид“,[xl] и теории на заговор дека „францускиот предлог“ ќе направел „геноцид врз македонскиот народ“[xli] и дека ќе сме си извршеле „етноцид“.

И интелектуалните гласноговорници против „францускиот предлог“ креваа јавна паника за „геноцид и етноцид“.[xlii] Поранешниот потпретседател на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ задолжен за евро-интеграции, Ивица Боцевски, при гостување во ТВ Алфа го искина „францускиот предлог“, а подоцна дезинформираше во колумна дека влезот во ЕУ „треба да биде платен со поништување на сè што е македонско и со бришење на Македонците од кругот на нациите и од друштвото на етникумите.“[xliii]

Злоупотреба на МАНУ за ширење на дезинформации и теории на заговор

Еден од главните генератори на дезинформации и теории на заговори за „Договорот од Преспа“ и „Францускиот предлог“ е претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, кој тврдеше дека „…со францускиот предлог, Владата на Македонија ќе посведочи дека во државата Македонија, во границите на денешна Македонија, нема Македонци“.“[xliv] Во една своја колумна, Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформираше и дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, изведувајќи погрешен заклучок од еден документ за упис на факултет.[xlv]

За време на кампањата против „францускиот предлог“ во 2022, Коцарев неосновано обвинуваше за „геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин“, наводно извршен со договорите со Грција и Бугарија, и ширеше теории на заговор дека „Македонците ќе исчезнат“ и дека немало да влезат во ЕУ.[xlvi]

Љупчо Коцарев продолжи да ја злоупотребува МАНУ и неговата функција како претседател и на денот на МАНУ во октомври 2022, ширејќи дезинформации и неосновани обвинувања дека „се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава“ и насекаде каде што живеат.[xlvii] Ивица Боцевски, во пропагандната колумна каде што го промовира Коцарев како единствен претседател на Македонија, го опишува како дел од „македонската интелигенција против културниот геноцид врз македонскиот народ и обидите за бришење на македонската државност“.[xlviii] Како претседател на МАНУ, Коцарев продолжи да шири дезинформации и неосновани аналогии дека Македонците биле на работ на истребување како и балканскиот рис.[xlix]

Може да се каже дека во февруари 2023, токму Коцарев ја започна кампањата против уставни измени на годишното собрание на МАНУ, кога дезинформираше дека на 17 јуни 2018 г. „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“.[l] Притоа, Коцарев тврдеше и дека договорите со Грција и со Бугарија „претставуваат културен геноцид на Македонците“, и предлагаше „во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст““ и „надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст“.[li] И покрај критиките за ненаучност[lii] и за „антибугарски ставови“, Коцарев продолжи да го користи изразот „македонски холокауст во кој се најде македонскиот народ денес“ и при комеморација во Париз за негов предок, при што ширеше и етно-националистички мит за „милениумска традиција“ на „македонското име, македонскиот јазик, македонската култура, македонскиот идентитет, македонската историја“.[liii] Иако изразот „македонски холокауст“ не е нов во македонската етно-националистичка литература, неговото воскреснување во контекст на „Преспанскиот договор, Тиранската платформа и Договорот со Бугарија“ е дело на путинистот Ефтим Клетников, во пропагандна функција на сатанизација[liv] и нацификација на Западот.[lv]

Кампањата против промена на уставот Коцарев ја продолжи со ширење на веќе познатите теории на заговор за исчезнување на Македонците во ЕУ. Во едно интервју, Коцарев како прво сценарио ја скицираше можноста Македонија во наредните дваесетина години да стане полноправна членка на ЕУ, но „притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат“. Според Коцарев, со прифаќање на бугарските и грчки барања во текот на преговорите со ЕУ, „македонскиот идентитет, Македонија и Македонците постепено ќе исчезнат како никогаш и да не постоеле“.[lvi]

Коцарев продолжи со обвинувањата за „културен геноцид“[lvii] и во контекст на уставните измени, обвинувајќи дека „културен геноцид“ се врши од „сите документи“ во кои од Македонците се бара „да се откажат од македонството“.[lviii] Наспроти обидите за релативизацијата на поимот идентитет (кои според Коцарев, се направени „со единствена цел да се разнебити, да се уништи и да се понижи македонскиот народ, неговиот идентитет и неговиот јазик“), претседателот на МАНУ во секоја своја колумна ги пропагира етно-националистичките митови за „милениумски континуитет на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонскиот народ“.

Дезинформации и теории на заговор за „поништување“, „етноцид“ и „геноцид врз македонскиот народ“ во контекст на уставните измени

Во пресрет на процесот на уставни измени, проруските пропагандисти од „Македонски манифест“ продолжија со кампањата против „идентитетскиот геноцид“ и „идентитетската ликвидација на македонскиот народ“, која требало да заврши со „бришење на името МПЦ – ОА.“[lix] Во почетокот на 2023 година, во гостување на ТВ Алфа, Клетников обвини дека владејачката партија со „нацифашистички капацитет“ го „ликвидира идентитетски, буквално го закла, му ја отсече колективната идентитетска глава“ на македонскиот народ, а Западот имал план за „бугаризирање“ на Македонците, „да нема воопшто Македонец“.

„Македонски манифест“ формираше и „морален суд“ во мај 2023 година, а неговите правници и обвинители јавно осудуваа за „идентитетски геноцид на Македонците“,[lx] меѓу другото и за „…геноцидната по Македонците предлог-рамка за договор со Бугарија на Емануел Макрон…“. Гласноговорникот Ефтим Клетников, кој заговараше формирање на морален суд уште во 2019 година,[lxi] по повод 15 години „Македонски манифест“, потсети дека „манифестот прв говореше и предупредуваше на опасноста од идентитетскиот геноцид“, „смислен од Брисел и Вашингтон“. Клетников на националната ТВ Алфа ја обвинуваше „геноцидната влада“ за „геноцидот во Македонија“, а во „Отворено писмо до Емануел Макрон“, го обвини дека бил вклучен во „идентитетскиот геноцид сега над Македонците од бриселска Европа“. Како продолжение на кампањата против уставни измени, Клетников пропагираше морбидни теории на заговор дека „сме новите Евреи (од Третиот рајх) и Индијанците на оваа цивилизација“ кои биле „одбрани за ништење“, заклучувајќи – „многу подобро БРИКС отколку ЕУ што нè убива идентитетски“. И еден од проруските членови на „Македонски манифест“ во своите колумни инсинуираше дека САД, ЕУ и НАТО се нервирале што не можеле да спроведат и физички геноцид, и пропагираше дека „ЕУ е ќорсокак“ и „единствена алтернатива е БРИКС“.[lxii] „Македонски манифест“ дури даде и јавна поддршка и на протестот против рудникот Иловица, со слоганот „Стоп за ништење на Mакедонија и Mакедонците“, тврдејќи дека и тој рудник е „дел од идентитетскиот геноциден план кој оваа ненародна власт веќе подолго време свесно или несвесно го спроведува.“

И весникот „Нова Македонија“ во 2023 година ја продолжи кампањата против „агресивната и етноцидна политика од страна на Софија кон македонскиот народ“, против „крајно геноцидни и етноцидни политики на земја-членка на ЕУ“. „Нова Македонија“ во своите анализи го зајакнуваше наративот за „културоцид или етноцид“, притоа прогласувајќи го Договорот со Бугарија за „етноциден или културоциден“, и обвинувајќи ја Европа како „соучесник во геноцидните и етноцидните политики на двете соседни земји“.

На Денот на независноста, „Нова Македонија“ објави интервју со претседателот на СМК Тодор Петров, во кое тој обвинуваше дека „врз македонскиот народ во сопствената држава Македонија е извршен геноцид од марионетска влада“ и „Македонија е под режим на фашизам, Македонците се под режим на геноцид!“.[lxiii] Претходно, во колумна во „Нова Македонија“ Тодор Петров обвинуваше за „велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува“, сугерирајќи смртна казна за такво дело.[lxiv]

И проруските партии, како Левица, обвинуваа дека „преку уставни измени се случува идентитетски геноцид на Македонците“ или „идентитетски геноцид на македонската нација“. Проруската партија Родина беше дел од анти-западната кампања против „родовата идеологија“,[lxv] и во првите редови на протестот на МПЦ со повик „Да излеземе во што поголем број и силно да покажеме дека нема да им помине културолошкиот геноцид и етноцид“. Во „вонредната“ партиска емисија, „Родова еднаквост или загрозување на се македонско: Род, Народ, Општество“, член на претседателството на Родина Македонија обвини дека Западот сакал да го убие не само семејството како клетка, туку и „сакаат да го убијат македонскиот организам и македонштината во целост“. Проруската партија „Единствена Македонија“, пак, излезе со „иницијатива за влез на Русите, Белорусите, Украинците, Чесите, Словаците, Полјаците и Словенците во македонскиот Устав“, со „научно“ образложение дека „Македонија е Мајка на сите словенски народи кои тргнале од Македонија“ и дека станува збор за народи „кои основата ја имаат во македонскиот народ“.

Лидерот на проруската партија ГРОМ Стевчо Јакимовски, во гостување на ТВ24 ширеше теорија на заговор дека целта на дел од соседите била да не постојат Македонците во уставот: „Целта на сите нив е, и на Бугари и на овие од Албанија и на Грци, во македонскиот устав да не постојат Македонците, ова да биде граѓанска држава, а да ги нема Македонците, тоа е целта на сите околу нас“.  Во дебатни емисии на национална телевизија се ширеа и дезинформации дека со најавените уставни измени ќе нема македонски народ, а дека со вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе имало три конститутивни народи – „Албанци, Бугари и граѓани на Република Северна Македонија“.[lxvi]

Накусо, и во 2023 година продолжија да се шират дезинформации и теории на заговори за „геноцид и етноцид врз Македонскиот народ“ – главно од страна на проруски политичари, аналитичари, јавни личности, интелектуалци, колумнисти, па и од страна на етно-националистички здруженија на граѓани на културни настани. На пример, во покана за фестивалот на патриотски и родољубиви рефрени „Македонија 2023“ организиран од Здружението на граѓани „Македон“ за 2.08.2023, се споменува дека се врши „анти цивилизациски геноцид и етноцид врз македонскиот народ“, а фестивалот се легитимира како чин на одбрана на македонскиот идентитет, и од обидите за „уништување на Македонија и македонскиот народ“.[lxvii] И овој пример покажува како правните изрази „геноцид“ и „етноцид“ беа злоупотребувани за етно-националистичка мобилизација во контекст на расправиите за уставни измени.

Иако злоупотребата на изразите „геноцид“ и „етноцид“ не беше препознатлива во медиумските настапи на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ (како во 2022 година и претходно), и оваа партија продолжи со теории на заговори и ширење на дезинформации и медиумски манипулации во врска со македонскиот народ, македонскиот идентитет, и македонската држава (кои ќе бидат проследени во следните делови од оваа анализа на главните дезинформациски наративи во контекст на уставните измени 2023).

(продолжува: Теории на заговор за „бугаризација“ и дезинформации за македонскиот јазик во контекст на уставните измени)

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА

Референци:

[i] Видете, на пример, Иднината на Македонија не зависи од ЕУ и НАТО, Македонска нација, 27.04.2010: „И Владата и парламентарната опозиција мора да знаат дека секој разговор и договор за промена на државното име Македонија претставува велепредавство, капитулација, злосторство против човештвото и геноцид врз македонскиот народ“.

[ii] Видете, на пример, Што ќе се случи ако дојде на власт СДСМ со своите измеќари?, Македонска нација, 28.05.2011. За теории на заговор за „етноцид од страна на оската Брисел-Атина“ видете На оската Атина-Брисел и треба СДСМ на власт за да ја збрише Македонија!, Дневник, 28.10.2011.

[iii] Видете, Отворено писмо на Македонски манифест : Не во ЕУ по најновото игнорирање за Македонија!, 22.12.2013

[iv] Видете Отворено писмо до премиерот Зоран Заев, Нова Македонија, 14.06.2018.

[v] Видете Ефтим Клетников, Идиотизам и идиоти, Нова Македонија, 20.06.2018 и Клетников: Освестениот македонски народ да не излезе на референдум и да го бојкотира, затоа што оваа Влада е геноцидна, Република, 03.09.2018

[vi] Видете Македонскиот парадокс (Референдум што нѐ прави малоумни), Нова Македонија, 05.09.2018.

[vii] Видете, луциден коментар на медиумскиот настап на Клетников: „Писателот вели Македонците се новите Евреи. Потстанав од место. Брзо се штипнав да не сонувам… Не е сон, на јаве е. Клетников во живо зборува како Мојсеј пред Евреите. Европа и светот се фашистите кои сакаат да го уништат македонскиот народ. Геноцидот на идентитетот кој се подготвува врз Македонците бил пострашен од физичкиот геноцид…“ Ерол Ризаов, Македонците се новите Евреи, Независен, 05.09.2018.

[viii] Северна: Проект на Европскиот Фашизам – Ефтим Клетников!, Коложег.Инфо, 19.09.2022.

[ix] ВМРО-ДПМНЕ: Капитулантскиот договор на Заев нема да донесе подобар живот, државата повеќе ќе тоне поради неспособната влада, а срамниот геноцид ќе се памети, Курир, 20.06.2018.

[x] Видете Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет од химната, учебниците, традицијата и културата, Курир, 21.06.2018.

[xi] Видете (Видео) Стоилковски: Дали сега граѓаните ќе може да ја пеат химната „Денес над Македонија се раѓа“?, Макфакс, 21.06.2018.

[xii] Видете Дружината Македонци и Македонки која го создаде #Бојкотирам го објавија Етичкиот кодекс!, Опсервер, 04.08.2018.

[xiii] Видете, Гоце Трпковски, Факти, парафакти и контрафакти во кампањата за бојкот на референдумот, Призма, 20.08.2018: „Во голем број објави, клучниот збор е „геноцид“, односно пораката е дека македонскиот народ ќе се самоуништи со спроведувањето на договорот.“

[xiv] Подоцна, една од страниците на „Бојкотирам“ ќе обвини и за „целосно уништување на македонскиот народ и спроведување на насилен генетски инжинеринг за создавање на нова северџанска нација.“ На истата страница, која пред Референдумот во 2018 година обвинуваше за „модерен геноцид врз нашиот народ“, се среќаваат и обвинувања за „геноцид од страна на наонацистичкиот режим врз Русите во Украина“, а Путин се глорификува како „единствениот чувар на Православниот свет.“

[xv] Видете Руската пропаганда со дезинформации во Македонија пред референдумот во 2018, ima.mk, 26.04.2022.

[xvi] Видете Единствена Македонија предлага автопатот да се нарекува „Геноцид“ наместо „Пријателство“, Фокус, 25.01.2018.

[xvii] Видете Бачев: Да го спречиме геноцидот што сакаат да го направат врз македонскиот народ, centar.mk, 23.10.2018: „Меѓутоа, денеска сведоци сме дека Републиката е исправена пред сериозен предизвик, бидејќи, актуелната марионетска власт и нејзините странски газди сакаат да избришат се што е македонско. Затоа, останува сега на оваа генерација Македоцни да го спречиме овој геноцид што сакаат да се направи врз македонскиот народ, да се избрише вековното македонско име, идентитет, историја, традиција, јазик и култура.“

[xviii] Видете Референдум во Mакедонија: геноцидниот процес за менување на името без легитимитет, poligrozd.org, 02.10.2018 и Емилија Гелева, Антибожји акт, poligrozd.org, 28.11.2018.

[xix] Видете, на пример, Македонско друштво “Илинден”-Тирана ги повикува Македонци да го бојкотираат референдумот, 27.09.2018: „Македонците во Република Албанија отфрлаат промена на името на државата Македонија и името на Македонскиот народ и тоа го сметаат за геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото.“

[xx] Видете ВМРО-ДПМНЕ сврте накај бојкот, Независен, 27.09.2018.

[xxi] Видете Самиот референдум е геноциден, Македонска нација, 22.08.2018.

[xxii] Агатангел до Мицкоски: Не ви велам со пушка во рака да појдете во планина, туку да повикате на бојкот на референдумот, Фокус, 30.07.2018.

[xxiii] Видете, Агатангел: Папата во Македонија, 06.05.2019: „оваа посета, е симболично смирување на совеста на сите оние што спроведоа тивок и специјален геноцид врз македонскиот народ“.

[xxiv] „Централен Бојкотирам собир „Бојкотирам Северна, Секогаш Македонија!” – Скопје 27ми септември во 19:00“: „Бојкотот мора да победи бидејќи тоа што за Евреите беше холокаустот, тоа за Македонците е промената на името. За нас Македонците ова е битка како битката на последниот Мохиканец – ова е битка за опстанокот! Или ќе опстанеме како народ, или ние Македонците ќе изумреме и ќе исчезнеме.“

[xxv] (ВИДЕО) Стоилковски: Креиран е чин кој води кон етноцид, кон бришење на цел еден народ и неговите одлики, А1ОН, 21.10.2018.

[xxvi] Видете Димовски: Пред една година Мицкоски беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, за брзо време ќе ја води и државата мудро, храбро и чесно, Курир, 23.12.2018.

[xxvii] Видете Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them, Policy Department for External Relations Directorate General for External Policies of the Union, February 2021, стр. 7.

[xxviii] Видете Власта во паника – Иванов 7 дена пред референдумот ќе се обрати пред ОН, magazine.mk, 27.08.2018.

[xxix] Иванов во ОН: Јас нема да гласам, со промена на името ќе имаме нова полусуверена држава (ВИДЕО), mkd.mk, 27.09.2018: „Од Република Македонија сега се бара да изврши правно и историско самоубиство, за да може правното укинувањето на македонскиот народ да се протолкува како негова сопствена волја.“

[xxx] „Македонски манифест“: Иванов да почне правна процедура пред ООН за одбрана на името, Макфакс, 26.12.2018.

[xxxi] Видете ИВАНОВ: Договорот од Преспа е правно и историско поништување на Македонскиот народ!, Infomax, 28.12.2018.

[xxxii] Видете Бачев му пиша на Макрон: Очекувам да останете на вашата храбра одлука – нема членство во ЕУ преку национално предавство, Единствена Македонија, 16.10.2019.

[xxxiii] Видете „Во Центар“, Како Ѓорге Иванов ги „излажа“ Русите?, 9.02.2020. „Кога беше он во Русија, го примија како крал. Путин го прими на највисоко ниво… но, на крајот, тој го откачи и Путин, и Русија, и „Македонски манифест“, и македонскиот народ, најбезобразно. Јас сум многу лут. Тоа е за мене велепредавство…“.

[xxxiv] „Македонски манифест“ испрати отворено писмо до Владимир Путин, Република, 27.12.2021.

[xxxv] За подетален приказ, видете Наративи со дезинформации, заплашувања и теории на заговори за македонскиот идентитет и македонскиот народ, ima.mk, 20.09.2022.

[xxxvi] Велиновска и подоцна во повеќе наврати обвинуваше за монструозен геноцид и „геноцид над македонскиот народ“.

[xxxvii] „Над 800 интелектуалци го потпишаа „Манифестот на македонските учители“- НЕ за понижувачкиот француски предлог“, ТВ Алфа, 12.07.2022.

[xxxviii] Видете Мери Јордановска, Контраспин: Непостоечки економски геноцид и наводни спасувачки блокади на институциите – спин до спин во говорот на Мицкоски, Вистиномер, 20.06.2022.

[xxxix] Видете, Мицкоски: Ковачевски тајно преговарал 6 месеци, сега се прави дека не знае за предлогот со кој би се бугаризирала Македонија, Република, 23.06.2022.

[xl] Видете Пратениците на ВМРО ДПМНЕ децидни: Францускиот предлог за македонскиот народ е неевропски, нехуман, нечовечки, скандалозен и дискриминирачки, Нова Македонија, 15.07.2022.

[xli] Видете Стојаноска: Францускиот предлог ќе направи невиден геноцид врз македонскиот народ, Сител, 15.07.2022.

[xlii] Видете: Каракамишева брутална: Пред наши очи се случува културен геноцид на Македонците, меѓународното право е мртво!, Infomax 24.06.2022: Сведоци сме на геноцид и етноцид од најмизерен вид!“ и Андовска: Изродите на власт се подготвени да потпишат. Етноцид. „За наше добро“, expres.mk, 21.06.2022. Видете и Перчо Божиновски, потпишан како член на ВМРО-ДПМНЕ: „Не – во македонско име, ултиматум – не, благодарам!“, Нова Македонија, 06.07.2022: „За геноцид врз цела нација – гласно НЕ! За етноцид – силно НЕ!“

[xliii] Ивица Боцевски, Најголемите замки за Македонија во „францускиот предлог“, Нова Македонија, 02.07.2022.

[xliv] Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Македонизмот ќе опстои, Нова Македонија, 5.07.2022.

[xlv] Видете Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека „Македонците веќе уште денес ги нема“, ИМА, 13.09.2022.

[xlvi] Љупчо Коцарев, „Две илјади осумдесет и четврта“ или „Последниот Македонец во Европа“ , Нова Македонија, 22.07.2022: „со двата документа, Договорот и Спогодбата, Македонија, всушност, свесно или несвесно, изврши геноцид на Македонците во Егеј и во Пирин … ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците“.

[xlvii] Видете „Само среброљупците што погрешно се нарекуваат политичари се слепи и глуви на културниот геноцид врз Македонците“, Нова Македонија, 07.10.2022: „Само македонските недостоинственици, понизници, среброљупци и властољупци, кои себеси погрешно се нарекуваат политичари, и нивните апологети, се слепи и глуви дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија се одвива културен геноцид врз Македонците во нивната држава, Македонија, како и врз Македонците во соседните држави Грција, Бугарија и Албанија, и насекаде кадe што Македонците живеат и опстојуваат како народ.“

[xlviii] Ивица Боцевски, Македонија има само еден претседател – академик Љупчо Коцарев, Нова Македонија, 10.10.2022

[xlix] Видете „Коцарев: Македонците, иако се на работ на истребување, сепак, ќе опстојат за навек!“, „Вечер“, 28.10.2022 и Полиграф: Невистинити се тврдењата на претседателот на МАНУ дека „Македонците се на работ на истребување“ и „Македонците веќе уште денес ги нема!“, ima.mk, 17.11.2022.

[l] За дебанкирање на оваа дезинформација на Коцарев видете Полиграф: Претседателот на МАНУ Коцарев дезинформира дека „македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена“, ima.mk, 01.03.2023.

[li] Коцарев: Договорите со Грција и Бугарија се македонски холокауст и културен геноцид на Македонците, Слободен Печат, 22.02.2023: „…Договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“, а надлежните институции во Македонија да предложат ден за комеморативно одбележување на македонскиот холокауст…“.

[lii] Ерол Ризаов, „Холокаустот на Македонците“, DW 28.02.2023.

[liii] Видете „Во Париз одбележани 92 години од смртта на д-р Анастас Коцарев, голем македонски онколог и научник“, Нетпрес, 27.03.2023.

[liv] Видете Ефтим Клетников, „Меморијален центар на македонскиот холокауст“, Нова Македонија, 24.04.2019, каде што Клетников ги опиша како „сатански проекти на Пентагон и неговите полтрони од Брисел, смртоносните чекани за целосно распарчување на темето на македонскиот идентитет и државен и национален суверенитет.“

[lv] Во колумната каде што ја елаборира идејата за „Меморијален центар на македонскиот холокауст“, Клетников го зајакнува наративот за „идентитетскиот геноцид“ како „вампирски проект на будење од смртта во чие траурно платно нè завитка сега западната нацифашистичка цивилизација.“ Притоа, Клетников ја опишува Ангела Меркел како „внуката на Фирерот на Третиот Рајх“ што кореспондира со дезинформациите против Меркел, разобличени од проверувачите на факти како дезинформации од страна на Кремљ.

[lvi] Коцарев: Да не дозволиме да се промени Уставот и Македонија да исчезне! – ЕУ ја разнебитува преку ревидирање на изразот „бугарски фашистички окупатор“!, expres.mk, 19.04.2023

[lvii] Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Да не заборавиме, да паметиме и да дејствуваме, Нова Македонија, 20.06.2023: „Но, денес не треба да се заборави ниту Договорот со Грција, со којшто се изврши културен геноцид над Македонците од Егејот. Откажувајќи се од Македонците од Егејска Македонија, Македонија како држава, всушност, се откажа и од Македонците во Република Македонија.“

[lviii] Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Северна Македонија е мртва, да живее Македонија!, Нова Македонија, 18.08.2023: „За Македонците, културен геноцид се сите документи во кои не научно, туку со политички притисок, се бара од нив самите да се откажат од македонството, од своите македонски корени, да се откажеме самите од себеси, од Македонците во Пирин и во Егеј, да се откажеме од македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците.“

[lix] Видете Автокефалниот статус на нашата црква веќе е решен, Нова Македонија, 20.01.2023.

[lx] Моралниот суд на „Македонски Манифест“ ги осуди Заев и Димитров за идентитетски геноцид врз Македонија, alfa.mk, 10.05.2023.

[lxi] Видете Ефтим Клетников, „Морален суд и нов нирнбершки процес (оти тоа е фашизам)“, Нова Македонија, 10.07.2019, каде што Клетников ја обвини „вавилонската дама“ Европа за фашизам: „Со идентитетскиот геноцид врз Македонците таа силно ги обнови сенките на Третиот рајх, на фашизмот“. Клетников ја обвини и Меркел која „толку многу притискаше за да се оствари македонската ликвидација“,  асоцирајќи ја со „фашизоидниот ген на германскиот фирер“. Клетников се залагаше за „морален суд што ќе ги обвини новите пофашизени европски, но и домашни злосторници кај нас на чело со Заев и Димитров за идентитетскиот геноцид врз Македонците“.

[lxii] Видете Александар Русјаков, Се нервирате што не може да спроведете и физички геноцид, така? , Нова Македонија, 17.06.2023 и Александар Русјаков, ЕУ е ќор-сокак, немаме друга алтернатива освен БРИКС, Нова Македонија, 15.07.2023. Исто така, и Александар Русјаков, „Јас сум Америка, Навахо од Македонија, не сум Европа“, Нова Македонија, 26.08.2023: „Ма кој нормален сака евроинтеграции, по триесетгодишна ЕУ-тортура врз нас, од Лисабонска декларација до денес, со намера да ни спроведат идентитетски геноцид?“.

[lxiii] Видете Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема!, Нова Македонија, 08.09.2023.

[lxiv] Тодор Петров во интервју за Вечер, за досегашните договори со Грција и Бугарија тврдеше дека имале „намера Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја или да се редефинира како држава на национални малцинства, како Швајцарија на Балканот, како земја на делови од народите на соседните држави“. Видете Тодор Петров: Македонија или ќе биде држава или нема да ја има!, Вечер, 08.09.2023.

[lxv] Видете Жарко Трајаноски, Анти-родовите дезинформации и протестот на МПЦ-ОА, ima.mk, 11.08.2023.

[lxvi] Видете Полиграф: Кој дезинформира дека со внесување на Бугарите во Уставот, ќе станеме „втора Босна“?,  ima.mk, 16.03.2023.

[lxvii] Видете Покана за фестивалот Македонија 2023 кој на 2 август 2023 ќе се одржи во Делчево, delcevo365.mk, 01.08.2023.

Извор: СМК

Треба да знаете
Moже да ве интересира