Веќе 15-тина и повеќе години, откако говорот на омраза и поларизирачкиот говор се препознаени како системски проблем, наместо да ја видиме кривата на нивниот интензитет како опаѓа, напротив, таа прогресира. Наместо да учествуваат во поларизацијата медиумите, медиумските работници, и експертите од граѓанските организациии и тинк-тенкови, треба бидат „силата“ која што ќе укажува и ќе повикува дебатата да се води во рамките на прифатените стандарди на една напредна и прогресивна политичка култура и да се почитува различното мислење.
Зоран БОЈАРОВСКИ
„Се обидов да придонесам во дебатата за измените во КЗ со укажувањето дека строгоста на казната не е толку функционална во борбата со корупцијата колку што е битно казната редовно да ве стигне и имотната корист да се конфискува! Ова не се мои туку се општоприфатени тези во правната наука! Наместо аргументиран одговор добив само навреди, закани, пцости и обиди за лична дискредитација! Што е најстрашно, сите овие напади доаѓаат од поединци кои себеси се сметаат за авангарда и шампиони на јавното мислење! Ни нема спас!, Не мислам тука на обичните луѓе, туку на правниците и новинарите“, објави на социјалнмите мрежи професорот на Правниот факултет на УКИМ Гордан Калајџиев, откако во јавноста жестоко беа пречекани неговите ставови за измените на Кривичниот закон со кој се намалуваат казните за делата злоупотреба на службената должност и овластување, конкретно членот 353 и злосторничко здружување, односно членот 394 од КЗ.
Со слични непримерни коментари беше проследен и ставот на професорката на истиот факултет Ана Чупеска за нејзиното мислење за овие измени на КЗ за кои напиша „…и условни нека бидат казните, не само намалени, ама да се гарантира и одземање на имот и принудни општестевно корисни ангажмани (одржување јавни тоалети, чистење улици… итд)“.
Во случајот на Ан Чупеска коментарите на некои од новинарите/новинарките отиде и во несоодветно, односно неточно контекстуализирање на нејзиниот став дека таа со својот став застанува во одбрана на аменстијата што воопшто не е точно, бидејќи професорката воопшто не ја споменува, ниту пак од нејзината објава може да се извлече таков заклучок.
Професорот Гордан Калајџиев дава и една друга димензија која произлегува од јавната дебата на оваа тема која донекаде ја објаснува нејзината поларизација
„Изненаден сум како многумина се впуштаат во жустра расправа за измените на КЗ а очигледно не ги прочитале прописно. Оттука сите се фаќаат само за казните иако има и други измени кои се интересни“, укажува Калајџиев.
Калајџиев за да го образложи своето мислење објаснува дека „ние одиме нагоре со казните, воведуваме повисоки затворски казни, а ефикасноста на казнената политика не ја постигнува целта и работи под притисок на јавноста“.
„Не се постигнува ефект со строги и долги затворски казни, туку со редовни казни, со осигураност дека до казната ќе дојде. Треба да е извесно дека ќе бидат фатени и казнети, како што е извесно дека пајакот ќе ви го собере неправилно паркираниот автомобил. Значи, за лукратвни, коруптивни дела против службената должност поважно е да има олеснет пристап до конфискација на имотот отколку висока затворска казна. Стравот од строга казна не го дава посакуваниот ефект, затоа што ако се казнува еден од 100 функционери, другите пак ќе ризикуваат во вакви околности, си велат зошто да не, голема е можноста да профитираат, а мала да ги казнат. Многу е подобро да имаме почесто казнување и олеснет пристап до проширена конфискација на имот“, изјави професорот Калајџиев за „Слободен печат“.
Тој вели дека со овие измени на Кривичниот законик се олеснува проширената конфискација на имот, што е добро. Според професорот без промените на КЗ што беа направени, тешко се докажуваше дека конкретен имот е стекнат од кривично дело, а со измените се олеснува товарот на докажувањето.
За жал, и во овој случај се покажа дека зборовите и дека социјалните мрежи се акцелератори на поларизацијата во општеството.
Веќе 15-тина и повеќе години, откако говорот на омраза и поларизирачкиот говор се препознаени како системски проблем, се организираат истражувања, анализи, се изготвуваат препораки како да се препознае, како да се обележи и како да се намали омразата и поларизацијата во јавниот дискурс.
И наместо да ја видиме кривата на нивниот интензитет како опаѓа, напротив, таа прогресира. Наместо да учествуваат во поларизацијата медиумите, медиумските работници, и експертите од граѓанските организациии и тинк-тенкови, треба бидат „силата“ која што ќе укажува и ќе повикува дебатата да се води во рамките на прифатените стандарди на една напредна и прогресивна политичка култура и да се почитува различното мислење. А не обратно, секако.
И на крајот, дали навистина ќе има амнестија како резултат токму на овие измени на КЗ останува да се види.
Дотогаш еве ја изјавата на премиерот на која секогаш може да се повикаме доколку во блиска иднина видиме амнестирани според овие измени.
Ковачевски е дециден дека со измените на Кривичниот законик се конкретизираат кривичните дела, се овозможува поголема ефикасност и ефективност на судските постапки, се зголемува бројот на казнивите дела и на фреквенцијата на казните, а не само на нивната должина, но и се предвидува проширена конфискација.
„Ако имало амнестија денеска веројатно некој ќе биде амнестиран, бидејќи Законот е веќе потпишан од претседателот на државата. Прво, ова не значи никакво помилување и не значи никаква амнестија за никого. Ако го прочитате Законот тогаш ќе видите дека нема никакво помилување и никаква амнестија за никого, туку напротив, има конкретизација на кривичните дела кои некој ги направил. Некој сака да претстави дека со овие измени немало да се казнуваат дела што се однесуваат на јавни набавки, а има конкретно кривично дело во Кривичниот закон – казнивост за злоупотреба при организирање на јавни набавки. Што се правеше во минатото? Сите случаи се водеа под еден општ член – злоупотреба на службена положба. Сега се конкретизира што точно лицето направило. Кај нас се случуваше во минатото да имате еден случај со 10 обвинети по исти член и потоа 10 години некој им докажува кој што направил“, објасни Ковачевски и повтори дека донесените измени значат усогласување со ЕУ директивата 42 – 2014 во која се предвидува проширена конфискација во дела казниви согласно Кривичниот законик.