Само неколку слободарски медиумски енклави се издигнаа над ситуацијата и одлучија да го маргинализираат напасникот од Русија
Пишува: Јане ЃОРЃИОСКИ
Ме изеде невиден срам од „медиумските ловорики“ што ги читам и гледам по пресот на Лавров. После гротескната тепачка за место повеќе на пресот на Самитот на ОБСЕ во Скопје, на претставникот на земјата агресор – министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, вчерашната моја сатира со наслов „Македонски медиуми снесле јајце со ликот на Лавров“, може да се рече дека е млакичка за описот на македонскиот медиумски отровен амбиент.
И тука не станува збор само за платените со руски пари медиуми, туку повеќе за оние кои нели важат за „етаблирани и независни“ телевизиски куќи, медиумски агенции и интернет портали.
Наместо да покажат јасна порака: да го бојкотираат, да ги симнат камерите, да ги тргнат микрофоните, да го остават сам со отровната кокона што го придржува и да му покажат каде му е местото на еден таков висок претставник на држава бескрупулозен агресор, тие, со самото бројно присуство, а потоа и со извесувањата го дигнаа „коњот на Путин“ на пиедестал.
Колкумина, еве не мораа да застанат со поддршка, туку барем да го пренесеа соопштението на невладината ЦИВИЛ, во кое јасно се истакнува „ЦИВИЛ нема да присуствува на настаните на самитот на ОБСЕ во знак на протест против руската геноцидна агресија и учеството на високиот претставник на државата-терорист. Шефот на дипломатијата на државата терорист не е добредојден!“?
Само неколку слободарски медиумски енклави се издигнаа над ситуацијата и одлучија да го маргинализираат напасникот од Русија.
Другите, ете ви ги на агрегаторите за вести, слика и прилика на медиумската беда. Се испотепаа за клик повеќе а можеби и за да му се додворат на првиот вазал на деспотот од Москва. Кој ќе ти ги знае, си оставаат луфта за секој случај. Инаку, си имаат тие јадни оправдувања, нели, дека „тоа им е работа“, „објективност“, „покривање на двете страни“…
Да им се плукнам во таквата објективност и интегрите им медиумски!
Со здравје да си ги читате. (Frontline)