Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ни коалициски, ниту кадровски потенцијал, ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада со контроверзни кадри од времето на Груевски

Кадровските решенија предложени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада се од блискиот круг на Христијан Мицкоски, додека предлогот за технички министер за внатрешни работи – Панче Тошковски, е критикуван во јавноста поради милионските договори со ЕСМ (поранешна ЕЛЕМ) во време кога шефот на опозицијата Мицкоски беше директор на Никола Груевски во ова државно претпријатие.

„Мицкоски како директор на ЕЛЕМ потпишал два договори за правни услуги со адвокатот Панче Тошковски. Првиот договор на 27.10.2016 год. со број 11-6388/8 во износ од 1.600.000 денари, а вториот на 14.03.2017 година со број 11-182/7 за петкратен износ и тоа 8.850.000 денари. Мицкоски за иста услуга му платил различни суми на Тошковски, со што директно ја оштетил ЕЛЕМ“, се неведува во неколку реакции на социјалните мрежи.

Панче Тошковски е адвокат по професија, доаѓа од Велес и во минатото го има застапувано и ЕСМ (Електрани) во период кога со компанијата директоруваше Мицкоски. Краток период мина на функцијата Генерален секретар во Град Скопје, пред да биде разрешен од градоначалничката Данела Арсовска, како што соопштија тогаш од Градот Скопје, поради негово влијание во спорна тендерска постапка за изградба на пречистителната станица во вредност од 136 милиони евра, средства обезбедени од ЕБОР и ЕИБ.

Панче Тошковски е и претседател на Комисијата за правни прашања на ВМРО-ДПМНЕ. Како адвокат, тој можеше да се види во судниците како бранител на дел од обвинетите во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Освен во Кривичниот, Тошковски често беше и во Граѓанскиот суд каде што застапуваше членови и функционери на партијата во повеќе парнични постапки. Една од нив е и онаа во која министерката за одбрана Славјанка Петровска го тужеше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Од СДСМ велат дека опозициската ВМРО ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри.

– ВМРО ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри. Дел од предложените кандидати за во техничката влада се лични пријатели на Христијан Мицкоски, дел се поранешни функционери во град Скопје а дел се кадри од времето на Груевски. Но, ниту еден нема зад себе некаков резултат. Напротив. Ѓоко Велковски е претседател на Општинскиот комитет на ДПМНЕ во Чаир и советник во општината. Беше назначен за генерален секретар на Град Скопје а потоа и разрешен. Стефан Андоновски е исто така советник во Советот на Град Скопје. Хаосот што се случува во Скопје најавува што може да се очекува од ваквите кадри на Мицкоски во техничката Влада. Елена Петрова е вработена во УЈП, позната е меѓу колегите по тоа што додека била на раководно место се вработила во УЈП и нејзината сестра. Панче Тошковски е личен пријател на Мицкоски, негов долгогодишен соработник, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Таа додаде дека, во отуство на професинален кадар, кој ја познава работата на МВР, очигледно личните релации се единствен критериум за неговиот избор.

– Цветан Трипуновски е олицетворение на режимската матрица во ДПМНЕ и доказ дека во оваа партија ништо не се менува. Трипуновски како кадар на Груевски ги поддржуваше погубните политики на ДПМНЕ во земјоделството. Беше организатор на лажните протести а има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност, нагласи Кузеска.

Според СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема никаква програмска понуда а сега уште еднаш потврди дека нема ниту кадровски потенцијал.

– Бидејќи Мицкоски најави вчера дека работата на техничката Влада планира да биде хорор му порачуваме: Неговиот обид за хорор ќе биде поразен а на 8-ми мај заедно со граѓаните ќе го поразиме целиот хорор на ДПМНЕ, изјави Кузеска.

И политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, за предложените кадровски решенија на ВМРО ДПМНЕ за техничката влада смета дека се лица кои се најлојални кадри на Мицкоски.

– Очигледно станува збор за лица кои се најлојални кадри на актуелниот претседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,кои му се послушни и предани на лидерот Христијан Мицкоски. Од наведените личности, по тоа што можам да го видам политички капацитет има единствено предложениот заменик министер за информатичко општество и јавна администрација Стефан Андоновски, но не знам дали оваа техничка функција од цели 100 дена, може да даде простор некому да го искаже и презентира својот политички потенцијал. Станува збор за проформа функции без реална извршна моќ на само малку повеќе од три месеци до изборите и изборот на нова политичка влада, изјави Атансоски за „Фронтлајн“.

Вториот министер по предлог на опозицијата во техничката влада ќе биде Ѓоко Велковски во ресорот труд и социјална политика. Стефан Андоновски ќе биде предлог на опозициската партија за министерството за информатичко општество и администрација, а Цветан Трипуновски во министерството за земјоделство.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен