Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Њујорк Тајмс: „Чиј е Александар Велики? Тоа е дипломатско минско поле“

Полемиката (на грчки зборот – полемика, Πόλεμος, значи – војна) меѓу Грција и Северна Македонија околу употребата на името на новите претставници на власта, го сврте медиумското вимание и во САД. Влијателниот Њујорк Тајмс, објави сторија на таа тема која корените за актуелната дебата ги влече од Скопје 2014 и од процесот на антиквизација кој беше поттикнат во 2010 година.

Автор на сторијата е Ендрју Хигинс, шеф на канцеларијата на Њујорк Тајмс за централна и источна Европа во Вашингтон, Сторијата беше објавена на 18 јуни со наслов „Чиј е Александар Велики? Тоа е дипломатско минско поле

Текстот во продолжение го објавуваме во целост:  

Центарот на Скопје, главниот град на Северна Македонија, балканска земја родена пред само 33 години како независна држава, е преплавен во историјата.

Над централниот плоштад се издига статуа на Александар Македонски. Има и една за неговиот татко, Филип II Македонски, којашто се издига на соседниот плоштад на преголем постамент. Градот е исто така преполн со споменици во бронза, камен и гипс на генерации други херои коишто земјата ги гледа како своја славна и многу долга историја.

Меѓутоа, проблемот е што на поголемиот дел од прикажаната историја се повикуваат други земји. Денешна Северна Македонија, родена со распадот на Југославија во 90-тите, нема вистинска врска со Александар Велики, кој живеел пред 2.000 години на југ, во денешна Грција, а за многу други историски личности се вели дека се бугарски.

Славица Бабамова, директорката на националниот археолошки музеј, својата кариера ја помина во ископување и изложување на антички артефакти и нема проблем да се фокусира на минатото. Но, таа рече дека е вознемирена од плејадата статуи, поставени од нејзината земја во обид да изгради државен и национален идентитет.

„Ние имаме толку богата историја – и толку многу работи да кажеме. Но, не гледам потреба да го туркаме целиот овој претеран маркетинг“, рече таа, гестикулирајќи кон статуата на Александар Велики за време на интервјуто.

Поважни за Северна Македонија и неоспорно дел од нејзината историја, додаде таа, се Златната погребна маска и другите зачудувачки артефакти кои му претходеле на Александар и биле пронајдени во античка некропола во близина на селото Требениште во Северна Македонија.

Градењето идентитет на Северна Македонија долго време ја разбеснува Грција, која тврди дека античка Македонија е дел од нејзиното наследство и има регион именуван по неа. Исто така, лута е и Бугарија, другиот сосед кој е многу посесивен за некои историски личности, особено за Самуил кој го сметаат за бугарски владетел од 10 век, чија статуа сега исто така го краси центарот на Скопје.

Кавгите за тоа кој го поседува минатото не само што ги вознемириле научниците, туку имаа и сериозни последици, блокирајќи го влезот на Северна Македонија во Европската Унија. Тие, исто така, го заматија амбициозниот проект за градење нација заснован на историјата за која другите инсистираат дека им припаѓа – особено Александар Велики.

Победничкиот херој, чија империја се протегала од Балканот до Индија во четвртиот век п.н.е., Александар, е роден во град кој сега е во Грција. Тој не живеел на територијата на она што е денес Северна Македонија, генерално се согласуваат историчарите, ниту го зборува нејзиниот словенски јазик. Словените пристигнале во областа стотици години подоцна.

Но, дел од територијата на Северна Македонија всушност била дел од античкото Кралство Македонија и е расфрлана со археолошки локалитети кои содржат артефакти од тоа време.

Проблемот, рече Бабамова, не е во тоа што Северна Македонија нема врска со времето на Александар Македонски, туку што ги пренагласи своите тврдења. Тоа, додаде таа, започна по распадот на Југославија, бидејќи националистите почнаа да бараат начини да ја зајакнат својата кревка нова држава.

„На крајот на 90-тите, имаше еден вид хистерија на оваа тема“, рече таа.

Грција, бесна кога нејзиниот сосед прогласи независност во 1991 година користејќи го името Македонија, најави дека ќе го блокира нејзиниот влез во НАТО и во Европската унија.

Како дел од Преспанскиот договор со Грција во 2018 година, државата се согласи себеси да се нарекува Северна Македонија, име што грчката влада го прифати..

Но, само што се реши конфликтот со Грција, Бугарија ги покрена своите историски поплаки, при што тамошните националисти инсистираа дека Македонија е вештачка нација создадена од комунистичките антинацистички партизани, кои прогласија држава во 1944 година и зборуваа на бугарски дијалект. Бугарија, сојузник на нацистичка Германија за време на Втората светска војна, постави блокади на патот кон членството во Европската унија.

„Со Бугарија го имаме истиот проблем што го има Украина со Русија. Тие велат: „Вие не постоите“, вели Никола Минов, професор по историја на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Украина се бореше да наметне посебен идентитет само против Руската империја. Но, земјата сега наречена Северна Македонија мораше да се справи со Римската империја, чиј дел беше пет века, со Отоманската империја, која управуваше со овие делови до почетокот на 20 век, и со наизменичното владеење од други надворешни сили, вклучително и Србите и Бугарите.

Во потрага по историско сидро со кое ќе обезбеди нова земја чие единствено претходно искуство како независна држава траеше само 10 дена во 1903 година, централната власт пред една деценија истури стотици милиони евра во огромниот проект за обнова на Скопје.

Го наполни центарот на градот со статуи и ги претвори мрачните владини и комерцијални згради во палати со колонади кои личат на кичест холивудски сет за филм за античките времиња.

Немирното етничко албанско малцинство во земјата, исто така, влезе во историјата бидејќи го потврди својот посебен идентитет, подигајќи голема статуа во чест на Скендербег, албански воен командант кој во 15 век водеше бунт против Отоманската империја.

„Ми недостига старо Скопје“, рече Бабамова, со носталгија за тоа како изгледал нејзиниот град пред инвазијата на статуи и колони во грчки стил. „Ја изгуби душата“.

Столбовите се претежно шупливи, а некои од античките украси веќе почнуваат да се рушат. Премиерот кој го нареди преуредувањето, Никола Груевски, побегна во Унгарија во 2018 година за да избега од пресудата за корупција.

Но, неговата партија обоена со национализам се врати на власт по победата на претседателските и парламентарните избори на 8 мај.

Нејзиното актуелно раководство се чини дека го олади својот жар за Александар Велики, но не гледа причина да ги отстрани неговите или другите статуи. „Ова не е лажна историја што ние штотуку ја создадовме“, инсистираше заменик-претседателот на партијата, Тимчо Муцунски. „Има историчари кои велат дека имаме реални врски“ со античка Македонија.

Решена да се држи до таа врска, новата влада ја налути Грција со тоа што сигнализираше дека сака да отфрли „Северна“ од името на земјата. На церемонијата на положување заклетва во мај, новоизбраната претседателка изгорови само Македонија, што предизвика грчкиот амбасадор да ја напушти церемонијата во знак на протест.

Муцунски, заменик-претседателот на новата владејачка партија, рече дека според договорот од 2018 година новото име на земјата ќе биде почитувано како „политичка и правна реалност“, но додаде: „Дали ни се допаѓа? Не!“

Далибор Јовановски, истакнат скопски историчар, рече дека и нему не му се допаѓа името „Северна Македонија“, но го гледа како несреќната цена што треба да се плати за влез во Европската унија.

„Сите секогаш мислат дека историјата им припаѓа само нив, дека нема заедничка историја“, рече тој. „Но, во овој дел од светот, сè е флуидно. Сè е измешано“.

Некои скопјани велат дека не им се допаѓа нередот со толку многу статуи, но, други, се гордеат со тоа и го гледаат како почит на гордата, долга историја. „Грците го бараат“, рече Љупчо Ефремов, шетајќи покрај Александар Македонски. „Но, тој беше Александар Македонски, а не Александар грчки“.

Бисера Костадинов-Стојчевска, поранешна министерка за култура, рече дека планирала да го исчисти градот од барем од некои од статуите и да ги премести во парк надвор од градот. Но, таа се откажала од тоа откако нејзините советници во министерството ѝ рекле дека „за жал, сè е легално“.

Таа рече дека е особено желна да се ослободи од големата претстава на цар Самуил, бугарскиот крал од 10 век. Статуата, која е свртена кон Александар, не само што е грда и го попречува погледот, рече таа, туку и „навистина ги нервира Бугарите“.

Таа не е ниту голем обожавател на Александар Македонски. „Воопшто не се чувствувам поврзана со него. Ниту јазично, ниту културно, ниту емотивно“.

Зачлени се на нашиот е-билтен