Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Од каде ќе дојде милијардата на Мицкоски? Дали е тоа Унгарија?

Виктор Орбан, Христијан Мицкоски и Александар Николоски на средбата во октомври 2023 во Будумпешта

Нема да биде прв пат Унгарија да даде финансиска поддршка на друга влада. Такво нешто доби и Република Српска во 2021

Пишува: Мирче ЈОВАНОВСКИ

Која држава ќе ѝ даде на Македонија финансиска инјекција од една милијарда евра, е прашањето кое деновиве ја преокупира јавноста, покрај преговорите за формирање влада кои што се водат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“. По демантирањето дека тоа е Кина, Русија или Турција, и недемантираната можност дека тоа се Обединетите Арапски Емирати, сега погледите сѐ повеќе се вртат кон Унгарија, која е пријателска држава со Македонија, а со премиерот Виктор Орбан лидерството на ВМРО-ДПМНЕ одржува најблиски контакти.

Од ВМРО-ДПМНЕ упорно одбиваат да одговорат на прашањата кои им ги упатуваат новинарите на дебатни емисии на кои учествуваат високи функционери од партијата. Така, вчера во емисијата „360 степени“ на МТВ, на прашањето на уредникот Васко Попетрески дали станува збор за унгарската Ексим банка, која што е во државна сопственост, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, остави информацијата да ја соопшти наскоро Христијан Мицкоски.

„Набрзо ќе ги знаете сите детали, ќе оставам да ги каже мандатарот, односно новиот премиер и ќе бидете запознаени“, рече Мисајловски.

Инаку, тој потврди дека парите ќе дојдат од пријателска држава со која ВМРО-ДПМНЕ одржува пријателски односи.

„Додека бевме напаѓани од сите партии по икс причини изминатиот период, особено Христијан Мицкоски и ние како раководство, на сите можни начини од СДСМ и ДУИ, ние разговаравме и преговаравме за програмата со многу влијателни држави, разговаравме со различни влади, разменувавме искуство и го стававме во програмата. И она што Христијан Мицкоски го правеше како лидер на опозиција, разговараше со различни влади за да направиме плус нешто за Македонија, да дојдат нови инвестиции (нема да ги спомнам, но во најава се неколку), и од друга страна како да имаме дополнителни средства како држава, влада со влада, со пријателски држави каде што негуваме односи од секогаш и да се покаже дека ВМРО-ДПМНЕ има пријатели“, рече Мисајловски.

Инаку, на крајот на октомври минатата година Мицкоски во Будимпешта беше примен од унгарскиот премиер Виктор Орбан со кој, според партиското соопштение од средбата, меѓу другото „станало збор за реализација на стратешките цели на Македонија“, имајќи го предвид фактот дека Унгарија во јули годинава го презема претседателствувањето со ЕУ.

На средбата бил направен пресек на соработката и работата на двете партии (Орбан е лидер на владејачката Фидес) „во насока на размена на искуствата што се користат при изработка на програмата на ВМРО-ДПМНЕ за наредните избори“. Воедно, како што беше посочено во соопштението, било разговарано „за идни проекти и планови за развој, кои би се реализирале веднаш по промената на власта во Македонија“.

Еден месец подоцна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше средба и со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто. Средбата меѓу Мицкоски и Сијарто се случила пред почетокот на Министерскиот самит на ОБСЕ и таа била единствена средба на некој од европските министри, кои учествуваат на самитот, со партиски претставници од земјава. Интересно е што во Унгарија во ресорот за надворешни работи е вклучена и трговијата (официјалниот назив е Министерство за надворешни работи и трговија), а во плановите на ВМРО-ДПМНЕ за рекомпонирање на министерствата е надворешната трговија исто така да се префрли во МНР.

Познавачи на состојбите велат дека нема да биде прв пат Унгарија да даде финансиска поддршка на друга влада. Такво нешто доби и Република Српска на крајот на 2021 година. Тогаш Унгарија им даде финансиска поддршка на босанските Срби и се спротивстави на санкциите против нивниот лидер Милорад Додик.

Медиумите известија дека Орбан потврдил дека унгарската влада обезбедува финансиска помош од 100 милиони евра за Република Српска како дел од политиката за одговорно соседство на Унгарија за зајакнување на стабилноста во регионот.

Парите, како што беше образложено, беа наменети за финансирање на мали и средни компании во Република Српска. Радио Слободна Европа објави дека аналитичарите во регионот стравуваат дека парите ќе бидат искористени за помош на политичките цели на Додик.

Дали сличен финансиски пакет, но значително поголем, ќе има и за Македонија, и дали таквата финансиска инјекција ќе дојде преку државната Ексим банка, ќе се знае наскоро. За сега, потеклото на мистериозната милијарда евра и патот на парите е во сферата на шпекулациите.

За Ексим банка, од она што може да се дознае од официјалната страница и од Википедија, станува збор за агенција за извозни кредити, односно банкарски и осигурителен играч специјализиран за меѓународна трговија, инвестиции на странски пазари и странски инвестиции, која е всушност комбинација на две правни лица, државната Маѓар експорт-импорт банка и Magyar Exporthitel Biztosító Zrt.

Мисијата на ЕКСИМ Унгарија е да ги поддржи унгарските бизниси и да им помогне да постигнат успех на странските пазари со финансиски решенија, како и да го зајакне нивното присуство и проширување на странските пазари. ЕКСИМ Унгарија првенствено ги финансира компаниите преку унгарските комерцијални банки во шемите за рефинансирање. Покрај капиталот обезбеден од сопственикот (државата), финансирањето доаѓа од поширокиот пазар на пари, домашните и меѓународните емисии на обврзници и билатералните заеми. (Независен)

Треба да знаете
Moже да ве интересира