Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Организираа настан за пругата до Бељаковце како да го ископале Панамскиот канал

Николоски организираше непропорционално помпезен настан, на кој и од премиерот изнуди „салто мортале“ изјава која од „на памет не ми паѓа да инвестирам во пруга што завршува во слепа улица“ се трансформираше во „ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед. А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата“.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Има голема разлика меѓу изјавите и однесувањето на првите луѓе во власта од пред 4 дена кога ја пуштија делницата од железничката пруга од Коридорот 8 Куманово-Бељаковце со оние од периодот од првите 3-4 месеци од преземањето на нивните функции. Особено на оние на министерот за транспорт и врски Александар Николоски и премиерот Христијан Мицкоски.

Сега наеднаш пругата на Коридорот 8 испадна толку важен што за 30 километри колку што се завршени од Куманово до Бељаковце се организираше ПР настан како да го прокопаа Панамскиот канал.

За Николоски настанот бил „прекрасен ден да ја отвориме пругата од Куманово до Бељаковце, 31 километар кој се надевам дека ќе значат нов економски развој и напредок за целиот овој регион“.

„Завршувањето покажува не само посветеност и одговорност, туку дека во Македонија можат да се реализираат и големи инфраструктууни проекти и оваа е само поттик да се продолжи понатаму и за втортата фаза, а секако и за реализација и за третата фаза за која што ќе ни треба заеднички договор со соседна Бугарија. И како што често кажувам,  ова е за да се поврземе, а не да не се поврземе со Софија, бидејќи значењето на оваа пруга е доколку имаме целосно поврзување на Коридорот 8“, рече на перонот на железничката постојка Бељаковце министерот за транспорт и врски.

Премиерот, пак, рече дека е „убеден дека, наскоро од денеска и втората секција ќе се заврши, односно ќе се заврши во рокот којшто е предвиден во договорот“.

„Многу скоро од денеска, ќе заврши тендерската процедура и за третата секција, со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед. А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија, односно Коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското“, истакна претседателот на Владата, кој заедно со неговиот министер само 4 месеци претходно сакаше да стави рампа на пругата до Бугарија.

Прво сакаа да стават рампа за пругата кон Бугарија, а сега ја величаат

Голема е разликата меѓу изјавите на 17 јануари кога ја пуштаа делницата Куманово-Бељаковце со оние од првите месеци од нивното владеење. Толку е голема што можат да се оценат како несериозни.

Првите пораки дека пругата кон Буграија е прескапа и неисплатлива од власта стигнаа набрзо по изборот на новата Влада. По само три дена министерување, на 26 јуни, Николоски на прес-конференција го најави она што еден месец подоцна го искажа неговиот шеф, премиерот Мицкоски. На 22 јули, премиерот Мицкоски во интервју за Телма најави запирање на изградбата на пругата кон Бугарија и пренасочување на средствата за модернизација на пругата кон Грција – Коридор 10.

„На памет не ми паѓа како премиер на оваа влада да потрошам 550 милиони евра за пруга која завршува во слепа улица на половина тунел, без предвидлива иднина како ќе биде понатаму до Црното Море, на основа на црвен фидик, што значи со пенали може да дојде до 750 милиони евра“, беше категоричен тогаш Мицкоски и најави дека ќе бараат пренамена на парите на ЕУ за Коридорот 8 за да одат на проектите за Коридорот 10.

Синхронизацијата со Николоски беше како според однапред договорен план. Веќе наредниот ден (23 јули) министерот за трансорт и врски соопшти дека Владата ќе бара дел од средствата за изградба на пруга до Бугарија, да се пренаменат за брзата пруга на Коридорот 10.

„Бараме и од Европската банка за обнова и развој и од Европската инвестициска банка со кои потпишале договор претходната влада на СДСМ и ДУИ, тие средства да се пренаменат за изградба на брза пруга по Коридорот 10 и рехабилитација на постојниот Коридор 10“, рече тогаш Николоски, но одговорот за овие намери Брисел го испорача експресно и недвосмислено.

Скопје не може да ги менува транспортните политики на Брисел

Дека е невозможно да се пренасочуваат европски пари за проект кој е дел од Договорот за добрососедство со Бугарија јасно стави до знаење претходниот евроамбасадор Дејвид Гир.

Тој во интервју за „Слободен печат“, седум дена по изјавата на Мицкоски и на него и на Николоски им порача „Нашиот (европскиот) систем не функционира така“.

Гир им нагласил дека двата коридора во европската патна и железничка мрежа се важни и дека инвестираат во двата.

„Во случајов зборуваме за трансевропски мрежи. Низ оваа земја поминуваат два коридора. Едниот е запад-исток од Италија преку Албанија, овде, па до Бугарија, познат како Коридор 8, а другиот север-југ – Коридорот 10 оди кон Грција. Во случајот со Коридорот 8, планот е тој во делот од Скопје до Бугарија да заврши до 2030, а секцијата од Скопје низ Албанија да биде завршена до 2040 година. Коридорот 8 во однос на проектите е многу повеќе напреднат. Се согласивме и дека Коридорот 10 е важен, но, за него ќе треба повеќе време, бидејќи не е добро подготвен. На крајот веруваме дека двата може да се изградат и разговараме со Владата како да се постигне тоа“, рече тогаш Гир.

Наспроти уверувањето на Мицкоски дека партнерите од ЕУ имале разбирање и ги прифатиле неговите аргументи за пругата кон Бугарија, специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, неодамна порача дека не може Скопје да ги менува транспортните политики на Брисел. Според него, европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот. Сарацин за Бугарското национално радио (БНР) тогаш изјави:

„Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење“.

Се чини дека темата Коридор 8 или Коридор 10 ја затвори италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани кој на 10 септември 2024 на заедничката прес-конференција со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кога за Коридорот 8 рече дека е еден од клучните инфраструктурни проекти за регионот.

Тајани најави дека до крајот на годината (2024) ќе организира средба со Северна Македонија, Бугарија и Албанија за да се забрза развојот на Коридорот 8, со цел да се поттикне економскиот раст и да се подобри внатрешниот пазар.

И, тука некаде, заврши авантурата на двоецот Мицкоски/Николоски да го напуштат Коридорот 8 за сметка на десетката. Без разлика дали на иницијатива на Тајани или на било кој, друг, и Бугарија и Македонија ја сменија песната и кон крајот на годината.

Токму на 30 декември Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Северна Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“ и соопшти дека ќе се формира Мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за со јасни обврски и рокови за изградба на железничката врска меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Две недели подоцна, за да ја покаже „посветеноста“ што ја искажа во неговото обраќање на железничката станица Бељаковце на пругата, Николоски организираше непропорционално помпезен настан, на кој и од премиерот изнуди „салто мортале“ изјава која од „на памет не ми паѓа да инвестирам во пруга што завршува во слепа улица“ се трансформираше во „ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед. А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата“.

Зошто беше потребен целиот тој циркус од толку противречни изјави останува нејасно, иако некои оценуваат дека Мицкоски и Николоски се обидоа да изиграат една залудна политичка игра во полза на регионалните интереси на Унгарија и Србија, кои, под силно влијание на Кина, не го кријат делувањето во насока на интерсите на Пекинг за Коридорот 10.

Помалку важно, но не и за потценување е и дека помпезниот настан на Бељаковце беше и обид да се засени и фактот дека делницата од Куманово до Бељаковце, село кое има едвај 56 жители, беше околу 90% завршена од претходниот владин состав. Но, тоа сега веќе и не е толку важно.

Многу поважно е дека „заушките“ што ги добија Мицкоски и Николоски јасно им ставија до знаење дека во оваа „игра“ нема или/или, туку треба да се игра играта и/и.

Тоа значи дека и двата коридори се битни и дека и осумката и десетката се додадена вредност и за Северна Македонија и целиот регион и дека конечно треба да бидат завршени во интерес на граѓаните, а не како партиски придобивки.

Зачлени се на нашиот е-билтен