Невозможно е да се демилитаризира оваа зона со едноставно одземање на оружјето. За такво нешто потребно е да се смени политиката од темел, а тоа значи и културата – две клучни сфери во кои е депонирано целото тоа оружје од магацините на ЈНА.
Саша ИЛИЌ
Поседувањето оружје ја менува психата на неговиот сопственик. Употребата на оружје трајно го деформира човекот. За жал, јас припаѓам на генерација која директно учествуваше во бруталното разбивање и вооружување на нова држава, парадржава и мафија. Тоа беше време кога Кристијан Голубовиќ штотуку ја започнуваше својата кариера на домашен терен, а Вучиќ учеше за испити на Правниот факултет, се восхитуваше на интелигенцијата на Драгош Калајиќ, подемот на радикалите и силата на навивачките групи.
Како морнар од последната класа на Југословенската воена морнарица, учествував во целосната евакуација на персоналот и оружјето од касарните долж Јадранскиот брег. Таа операција траеше од септември 1991 година до крајот на мај 1992 година. Во неа учествуваше цела единица помошни бродови на ЈРМ, додека за некои касарни, како онаа во Лора, беа ангажирани странски товарни бродови со неколку палуби кои беа преполни со оружје. Сето ова оружје – од тенкови и подводни мини, преку рачни фрлачи до автоматски пушки, рачни гранати, снајпери, пиштили „тетејци“ и „скорпиони“ – беше истоварено во Црна Гора, пред се во Поморско-ремонтниот завод „Сава Ковачевиќ“ во Тиват, од каде било пренесено во непознат правец. Се зборуваше дека сето тоа оди во Крагуевац на поправка, мините на демонтирање, пиштолите и пушките во депо. Меѓутоа, воените настани на теренот веќе тогаш ги демантираа овие тврдења. Впрочем, тоа оружје, кое го имаше во изобилство, веќе беше искористено во Вуковар до тој степен што никогаш не беа објавени точните информации со колку проектили, колку куршуми, од колку цевки бил нападнат градот и срамнет со земја. Изгледаше како некој пијаница да влегол во винарска визба без чувар, а потоа се уништил пиејќи огромни количества разни алкохолни пијалоци и на крајот скокнал во буре со ракија, но наместо да се удави во него, го испил целото, и преживеал. Она што излезе од тоа буре е човек кој го имаше на располагање целосно евакуираното оружје на поранешната ЈНА.
Оружјето на бродот беше предизвик за сите. Од една страна, за старешинскиот кадар, меѓу кои имаше и најмалку колекционери. Главните предатори беа оние на највисоките позиции, кои почнаа, користејќи морнари, да ги одделуваат сандаците со избрани цевки, снајпери или „скорпиони“. Се сеќавам дека некои од тие цевки беа во специјални кутии, потопени во тиркизна маст за машини, некористени, па мораа прво да се одмастуваат и полираат со часови за да се подготват за употреба. Таквото оружје испушта зашеметувачки мирис на метал, дрво и се друго што може да се опише како лажлив мирис на моќ. Еднаш, кога ќе биде испукан првиот куршум од него, тоа ветување засекогаш ќе исчезне и ќе остане само мирисот на барут, што доведува до состојба на амок, кога пукањето ќе излезе од контрола.
Како што некои старешини ја презедоа на себе понатамошната „грижа“ за дел од транспортираното оружје, така и меѓу морнарите имаше поединци кои тоа го гледаа како можен „животен позив“, па во меѓувреме си набавија одреден број од долги и кратки цевки, кои ги ставија во морнарските патни торби, а потоа ги изнесуваа ноќе со чамец до брегот и ги криеја во боровата шума над Тиват. Познавав некои кои по отслужувањето на воениот рок се вратија во Црна Гора за да го најдат своето „закопано богатство“ и со него се вратија во Србија за да започнат бизнис.
Третиот и најважен предатор беше државата во раѓање. Односно, највисоките функционери во неа, кои раководеа со процесот на прераспределба на имотот на ЈНА, кој врз основа на идеите на Милошевиќ, Кадијевиќ, Аџиќ, Ќосиќ и Шешељ, треба да ѝ припадне исклучиво на Република Србија, нејзините вооружени сили, т.е. паравоени формации и сите оние учесници во војната, која беше поведена надвор од границите на оваа република, што го препознаа својот интерес. Тоа беше главниот предуслов, а дистрибуцијата одеше понатаму преку официјалните канали со кои беше вооружувана парадржавата.
Мафијата исто така се вооружуваше на црниот пазар на оружје, секако под контрола на државата, како што беше и на девизниот пазар – на улица. Еден од интервјуираните мафијаши од филмот „Се гледаме во некролог“ – Бата Трлаја, вакла го опишува подемот на оваа социјална група, која била тесно поврзана со пренесувањето на оружјето од ЈНА во Војската на Југославија, односно Војската на Србија: „Сите се без пари. Најевтината забава е да купиш „тетеец“ или да купиш „скорпион“ за 300-400 германски марки и да почнеш да пукаш, едноставно да излезеш од тој мрак, на кој било начин, да влезеш во весниците“. Сигурен пат до тој подем на медиумската сцена беше преку поврзувањето на оружјето со патриотскиот дискурс патентиран од Жељко Ражнатовиќ Аркан, господарот на животот и смртта во Славонија и источна Босна. Истовремено, и миленик на српските медиуми, особено на магазинот „Дуга“. Близок соработник и пријател на елитата која подоцна ќе го започне процесот на алтернативно образование во Белград, пред се во областа на изведувачките уметности, но и трговијата со уметност и книги, украдени од приватни и јавни збирки ширум разурнатата Југославија.
Оружјето стана оска на режимот на Милошевиќ. Околу него се формираа ритуали на смрт. Тие започнаа во деновите кога оружјето стана Бог – есента 1991 година – кога гледав како некои резервисти „мезат“ куршуми од пиштол со ракија вечерта пред да одат на фронтот. Оваа форма на магиско причесување со телото на Богот на војната требаше да обезбеди имунитет од смртта на оние што сееја смрт. Слични пораки испраќаа и медиумите во Србија – оружјето од ден на ден стануваше својствено за новиот национален идентитет во настанување. А предизборните ветувања на Милошевиќ дека „ќе знаеме да се бориме“ и дека „вооружените битки не се исклучени“ го добија своето целосно значење, бидејќи сето тоа се реализираше, но не дома, туку кај соседите. Тој парадокс создаде розова мембрана околу српското општество, кое наводно е изземено од војна, но може добро да се забавува со ТВ-програма што ги трансформираше ритуалите на смртта од бојното поле во мутантна форма на забава.
По војната во Југославија, оружјето се најде на светскиот пазар – во воени или терористички зони. Еден дел остана во приватна сопственост. Како што се виде во изминатите трагични денови во Белград и Младеновац, кај поединци беа пронајдени цели арсенали. Во тек е кампања за разоружување на Србија, но има еден парадокс што произлезе од парадоксот на Милошевиќ за неучеството во војната што ја водевме. Имено, невозможно е да се демилитаризира оваа зона со едноставно одземање на оружјето. За такво нешто потребно е да се смени политиката од темел, а тоа значи и културата – две клучни сфери во кои е депонирано целото тоа оружје од магацините на ЈНА.
Саша Илиќ, роден 1972 година во Јагодина, дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград. Има објавени 3 книги раскази: Претчувство на граѓанска војна (2000), Душановац. Пошта (2015), Лов на ежови (2015) и 3 романи: Берлинско окно (2005), Падот на Колумбија (2010) и Кучето и контрабасот (2019), за кој ја доби престижната награда на НИН за роман на годината.
Илиќ е еден од иницијаторите и уредник на литературниот подлисток „Бетон“ во дневниот весник „Данас“ од неговото основање во 2006 година до октомври 2013 година. Потоа со Алида Бремер го основаше „Бетон Интернационал“ на германски јазик, како подлисток на Tageszeitung и Frankfurter Rundschau. Тој е еден од уредниците на Меѓународниот литературен фестивал ПОЛИП во Приштина. Неговата проза е достапна во преводи на албански, француски, македонски и германски јазик.
(Извор: Пешчаник)