Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Последната „оскаровска ноќ“ ги потврди предвидувањата за најновите трендови во филмската индустрија

Доделувањето на „Оскарите“ одамна е „паралелна“ геополитика, во која понудата на американските филмови веќе нескриено е детерминирана од очекувањата за заработка на глобалниот пазар

СТОЈАН СИНАДИНОВ

Триумфот на филмот „Сè во исто време“ на доделувањето на „Оскарите“ по 95. пат ги потврди предвидувањата. „Сè во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) на Дан Кван и Дениел Шнејнерт (Dan Kwan, Daniel Scheinert), со Мишел Јео, Џејми Ли Кертис, Стефани Хсу, Ке Хуј Кван, Џејмс Хонг (Michelle Yeoh, Jamie Lee Curtis, Stephanie Hsu, Ke Huy Quan, James Hong) во главните улоги, пред месец и половина освои најмногу номинации – 11, а освои статуетки во седум категории – најдобар филм, најдобра режија, најдобра актерка во главна улога, најдобар актер во споредна улога, најдобра актерка во споредна улога, најдобро оригинално сценарио и најдобра монтажа.

Сцена од филмот „Сè во исто време“

Сторијата на научно-фантастичната акциона комедија се случува во мултиверзум – што подразбира дека постојат повеќе наши верзии богати со неочекувани својства – и е фокусирана на возраснатата емигрантка од Кина, Евелин (Јео), која се затекнува во луда авантура. Во овој драматуршки ролеркостер Евелин е обична домаќинка, обременета со низа егзистенцијални проблеми во „земскиот“ живот. Иако Евелин е најлошата од сите нејзини милиони верзии во мултиверзумот, спознава дека има неискористен потенцијал што може да биде пресуден во битката со големото Зло -Јобу Тупаки… Како актерка што ја испиша историјата и стана првата актерка со потекло од Азија која освоила „Оскар“, Мишел Јео на доделувањето на „Оскарите“ доби друштво во нејзиниот партнер од филмот, Ке Хуј Куан, кој со неговата награда за најдобра машка споредна улога стана првиот актер со потекло од Виетнам кој освоил Оскар.

Доделувањето на „Оскарите“ одамна е „паралелна“ геополитика, во која понудата на американските филмови веќе нескриено е детерминирана од очекувањата за заработка на глобалниот пазар. Аналитичарите на филмскиот бизнис наведуваат дека пред 30 години најголемите холивудски студија инкасирале 30 отсто од заработката на интернационалниот box office, додека, пак, во 2016 година заработката надвор од американските киносали е дуплирана – 60 отсто.

Заработката на шесте најголеми холивудски студија (сина боја – САД; жолта боја – интернационален пазар)

Истата анализа вака ги поедноставува работите. Кина како најголемото парче од глобалниот пазар во 1994 година дозволувала само по 10 американски филмови во нејзините киносали. Кога Кина во 2001 година влегла во Светската трговска организација (World Trade Organization WTO), странските компании добиле влез за инвестиции на нејзината територија, а во тој пакет се и холивудските наслови. Но, и обратно, Кина во последниве две децении доби подотворена врата за пласман на нејзината економија и – филмови на американскиот пазар.

Сепак, разбирливо, во „борбата на титаните“ никогаш ништо не одело мазно.

Во 2007 година, СТО пресуди дека Кина ги крши меѓународните трговски правила бидејќи го ограничува увозот на филмови од САД. Но, до 2012 година, двете земји ги решија своите разлики и постигнаа договор со кој се воспостави нова квота, или додаток, од 34 странски филмови годишно и се поставени конкретни насоки за копродукција.

Вкупната заработка на американските филмови во кинеските киносали

„Случајот Кина“ е само мал дел од таа глобална сложувалка на интереси која постојано и постојано се пресложува. Достапните информации за заработките на странските (главно американски) филмови на кинескиот пазар ги потврдуваат споменатите трендови. На листата на 50-те најголеми заработки на сите времиња на кинеските киноблагајни веќе се изедначуваат домашните и американските филмови. Така, насловот „Avengers: Endgame“ (2019), филмуван стрип од групацијата „Марвел“, е на врвот на листата со заработка од 620 милиони долари. И не е многу далеку од досегашниот апсолутен рекордер, домашниот (кинескиот) воен еп „Битката кај езерото Чанџин“ (The Battle at Lake Changjin) со заработка од 840 милиони долари.

20 американски филмови со најголема заработка на сите времиња во Кина (приходите се изразени во кинески јуани)

Кога на доделување на „Оскарите“ во 2020 година победи „Паразит“ на Бонг Џун-Хо, обединувајќи ги за прв пат во историјата „титулите“ во категориите најдобар филм и најдобар странски филм, на некој начин беше етаблирана траекторијата по која се движат актуелните трендови. „Паразит“ со продукциски буџет од 11,4 милиони долари заработи близу 263 милини долари на глобално ниво, од кои на американските и канадските киноблагајни отпаѓаат околу една четвртина (54 милиони долари). Во случајот со „Сè во исто време“, работите стојат поинаку: со буџет од 25 милиони долари филмот до сега заработи 74 милиони долари во САД и Канада, и нешто над 100 милиони долари на светско ниво. Секако дека овие бројки ќе претрпат корекции, бидејќи печатот на „Оскарите“ секогаш носи екстра заработка.

Годинешното доделување на „Оскарите“ содржеше уште две прилично предвидливи награди. Антивоената драма „Сѐ е тивко на Западниот фронт“ („All Quiet on the Western Front“, според романот „На запад ништо ново“ од Ерих Марија Ремарк) на Едвард Бергер (Edward Berger) победи во четири категории – најдобар интернационален филм, најдобра музика, најдобра сценографија и најдобра кинематографија – што беше очекувано поради глобалниот фон на војната во Украина.

Вториот „фикс“ на годинешните „Оскари“ беше во категоријата најдобар долгометражен документарен филм: тоа е „Навални“ на режисерот Даниел Роер, филм за водачот на руската опозиција кој моментално се наоѓа во затвор во Русија.

Сè на сè, мултиверзумот од победничкиот филм на 95. „Оскари“ е сосем доволна парафраза на економскиот универзум, во кој сè уште доминира Холивуд. Кој, инаку, би можел да ги креира сите тие „милиони верзии“ на единката во која ќе се препознаат сите?

Зачлени се на нашиот е-билтен