Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Освојувајќи функции, жените го освојуваат и јазичниот простор со сè поголемата употреба на феминативите

Феминативите полека, но сигурно си го добиваат своето место во македонскиот јазик. Па, често, речиси секојдневно, забележуваме именки, кои означуваат професија/функција и се употребуваат во женски род. Така, освојувајќи функции, жените полека го освојуваат и јазичниот простор преку сè поголемата употреба на феминативите, а со тоа се привлекува и вниманието и на јавноста, но и на научната фела. 

Темата за употребата на феминативите, проследена со длабока анализа на написи и коментари од познатиот македонист Благоја Корубин, повторно ја актуелизираше проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на годинешните „Денови на Благоја Корубин“, кои се одржаа во Делчево. Проф. Тантуровска потенцираше дека употребата на феминативите во македонскиот јазик е актуелно уште од средината на 20-тиот век и зависи како од процесот на развојот на јазикот, кој не може да се сопре, така и од општествено-политичките промени.     

„Нашата претседателка“  

Република Северна Македонија прв пат од своето постоење доби жена за претседател, па сега се поставува прашањето дали добивме претседател или претседателка во Македонија?  

– Најпрво мило ми е што го издвоивте прашањето што го поставивме и во нашето истражување: „Дали добивме претседател или добивме претседателка во Македонија?“ За да одговориме на ова прашање, ќе се обидеме да се навратиме наназад во истражувањата на македониситката, каде што можеме да потврдиме дека прашањето за феминативите има свое место, што може да се види од објавените трудови досега. Од нив ќе ги издвоиме оние првите, на Благоја Корубин, објавени во петтата негова книга „Јазикот наш денешен, 5“ од 2000 година во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Според нив, прашањето за женската јазична форма на професиите, Корубин почнува да го анализира уште кон средината на дваесеттиот век. Причина за тоа е екстралингвистичката појава, односно појавата на девојки/жени „на доброволна воена обука во ЈНА“. Благоја Корубин се зафаќа поинтензивно со анализа, како што вели тој, на „едно актуелно прашање, прашање на денот, така да се каже, кое се однесува на една нова појава во нашиот општествен живот, односно на именувањето на таа појава.“ Дотогаш оваа појава била „надвор од секојдневиот живот“, како што објаснува Корубин, ја имало „во некоја далечна земја“ и поминувала некако, речиси, и незабележително зашто потребата за тој израз се појавувала многу ретко. Но, кога оваа појава сме ја добиле во секојдневјето, самото именување си го добило и своето место во јазикот, според „законитости[те] на овој наш јазик“, појаснува Тантуровска.     

Проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков

„Жена војник или војничка“ – појавата на жената војник ја отвора и полемиката дали да се употребува војничка или само неутрална форма за жена војник, и тука професор д-р Тантуровска ја посочува  статијата на Корубин.

– За маркираната употреба на граматичкиот род кај именките за лица“, во која  Корубин се зафаќа со изразот жената војник (жената-војник), при што анализира дека „во нашиот јазик има ред такви случаи кога именката со која се именува некоја професија, титула, некое занимање, звање и слично е во машки род (барем во неутрaлниот официјален стил и текст), и кога се однесува на лице од женски пол: тој е адвокат – и таа е адвокат, тој е судија – и таа е судија, тој е професор – и таа е професор“ … итн., па заклучува дека: „и во случајот: тој е војник, но и таа е војник (жена-војник, би бил изразот во неутрална, стилска необоена и прецизна употреба)“.  За нас е особено важно тоа што иако, со овој заклучок, Бл. Корубин го искажува совоето мислење, тој го нуди и решението војничка, но го определува само во разговорниот стил. Во следното навраќање на Благоја Корубин, доаѓаме до неговото прашањето: „Каков е карактерот, функцијата и статусот на таа именка (форма за женски род) во јазикот“ имајќи ја предвид именката претседателка. Впрочем, во својот напис со наслов „Нашата претседателка“ веќе, формата за женски род од именката претседател, која „се однесувала на претседателот на Извршниот совет на Собранието на СФРЈ Милка Планинц …“, почнала да се употребува и надвор од разговорниот стил, односно се јавило „двојство“ во печатот – „еднаш ’претседателʻ другпат ̕ претседателкаʻ“. На прашањето дали може да се допушти именката претседателка во јазикот на печатот, Корубин одговара потврдно, со образложение „… ако ѝ се најде местото – ако тоа го дозволува ситуацијата и контекстот… “, но сепак, смета дека станува збор за „стилски обоена, модална, маркирана употреба“. Насловот на следната Корубинова статија „До каде со – претседателката, професорката, директорката итн.?“ покажува дека проблемот останува актуелен, при што Корубин ја истакнува предноста на машкиот граматички род, како што вели тој „– да се изразиме фигуративно – привилигиран“ зашто „во прв ред нему му паднала тука улогата да го означува и општиот поим без оглед на полот, т.е. да биде неутрален“, посочува проф.д-р Тантуровска.     

Почитување на нормата на македонскиот јазик     

Проф. д-р Тантуровска посочува дека за „привилегијата“ на машкиот граматички род, Корубин пишува и подоцна во својата статија „Машкиот граматички род во однос на човечкиот род“, но за нас е важна неговата препорака во споменатава статија „До каде со – претседателката … “, во која наведува дека „треба да се бара решение, помош и од науката: ̕кај што ќе се појави колебање или некоја пречкаʻ“ од типот на граматичко несогласување по род, како во случајот: „Претседателот на индиската влада е погодена со 16 куршуми“, при што подвлекува дека ваквите ситуации се сметаат за некореткни. Во таа насока е и нашето размислување кога станува збор за почитување на нормата на македонскиот јазик.        

Ткајачка, везачка, но и министерка и градоначалничка     

За феминативите се пишувало и децении подоцна. Се разработувале феминативите и од поновите генерации македонисти, јазичари, од различни аспекти, меѓутоа и од социолози, културолози итн.  

– За професијата на жените, односно за феминативите, сме дале свој прилог и ние, во рамките на оваа манифестација „Денови на Благоја Корубин“ во 2001 година, почнувајќи од називите познати во традицијата (со именките: везилка, ткајачка … итн., па преку: партизанка, офицерка, младинка, граѓанка итн., до пофреквентивните, во тоа време: професорка, учителка, манекенка, правничка, докторка/лекарка итн.).  Повод ни беше една телевизиска емисија за деца „Сакам да бидам …“. При прашањето на водителот „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“, децата (учениците) кажуваа најразлични професии. Момчињата одговараа: „Сакам да бидам правник/лекар/машиновозач/археолог/инженер…“ итн., додека девојчињата одговараа, од една страна: „Сакам да бидам учителка/стујардеса/манекенка/правничка лекарка/докторка“ … , а од друга страна: „… лектор/инженер…“ итн. Но, кога се слушна одговорот од едно девојче: „Сакам да правам грнци“, водителот го продолжи дијалогот: „Значи ти сакаш да бидеш лице што прави грнци“, при што не се осмели да каже: грнчарка. Во понатамошната наша анализа причината ја бара(в)ме во традицијата, во која грнчар обично било лице од машки пол. Од друга страна, исто така во традицијата, се јавуваат: везилка, ткајачка итн., кои се поврзуваат со лице од женски пол. Во тој прилог се обидовме да направиме пресек и да ги наведеме најфрекветните именки од женски род што означуваат професија, до тој период.     

Феминативите во правописниот речник  

Со употребата на феминативи се збогатува јазикот, но и го правиме поинклузивен ги  вклучуваме и мажите и жените во нашата комуникација. Употребата на феминативите во сите функционални стилови со сигурност ќе биде предмет на интерес на науката, но дали овие феминативи ќе си го најдат своето место во правописниот речник?     

– Секако дека во правописниот речник на македонскиот јазик треба да влезат и формите на феминативите. За ова има поткрепа, како јазична, лингвистичка (во зборообразувачкиот систем на македонскиот јазик тие си имаат свое место), така и екстралингвистичка (со промените во општествено-политичкиот живот тие стануваат неминовна реалност). Со самото тоа што жените сѐ повеќе се вклучени, меѓу другото, и во општествено-политичкиот живот, е потребно и нивното именување, за што имаат свое место во зборообразувачкиот систем на македонскиот јазик. Меѓутоа, треба се внимава на нивната употреба, заклучува проф. Тантуровска.     

Од денешна перспектива     

Од денешна перспектива, и по толку децении, можеме да кажеме дека оваа појава сѐ уште се смета за „актуелна“ и за „нова“ ако се има предвид дека пред два месеци, една новинарка, во подготвувањето на својот новинарски прилог, сакаше да дознае дали таа може да каже дека е новинарка, додава проф.Тантуровска.  

– Од тие причини, сакавме уште еднаш да го актуализираме прашањето во овој наш прилог, чиј наслов го позајмивме од Благоја Корубин „Нашата претседателка“, а кој се поколопува, случајно, со последните претседателски избори во Македонија.  Анализата ја направивме врз примери од дневниот печат, од различни новинарски портали. Од примерите може да се забележи дека именката претседателка се среќава членувана (претседателката), но и во именска група – исто така членувана, чија определба можат да бидат придавките: нов, новоизбран, македонски (односно со формите: новата, новоизбраната, македонската … итн. претседателка).  Она што паѓа в очи е употребата на именската група: новата претседателка,  за чија нормативност треба да реагираат лекторите. Од друга страна, се оди до таму што во иста именска група, покрај именката жена (прва жена), се употребува и именката претседателка, што сметаме дека претставува тавтологија: прва жена претседателка.  За коректен го сметаме примерот: „првата жена и шести претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година“, во кој, се подразбира дека станува збор за именски групи, чиј центар е именката претседател (првата жена што е претседател и шести претседател), односно ако станува збор за една именска група со две определби.  Она што сакаме да истакнеме овде е дека низ новинарските портали „ги ловевме“ различните примери што се јавуваат, а се предмет на нашата анализа, па, сумирано, може да се добие впечаток дека се наоѓаме во некаков „јазичен хаос“. Наспроти ова треба да се истакне дека во многу написи, според нормата, гореспоменатите феминативи си го имаат своето место, без разлика дали за тоа имаат заслуга новинарите со својот јазичен усет (како што би рекол Корубин) или, пак, си ја завршиле работата нашите колеги – лектори, нагласи проф. Тантуровска.     

Иднината на феминативите во научни рамки     

Според проф. Тантуровска, сè повеќе созрева прашањето за анализирање на феминативите во секој функционален стил од македонскиот јазик одделно, што го оставивме за следниот наш научноистражувачки чекор, каде што сметаме дека ќе се заокружи сликата за нивната функција и употреба во македонскиот јазик. 

 – Можеме да кажеме дека општествено-политичките услови ја овозможија фреквентноста на феминативите и во оваа сфера, но од друга страна, како што сугерираше Корубин, треба да се биде внимателен, а ние би додале: внимателен во друга насока – во насока на семантичката заднина на феминативите во рамките на нивното, пред сè, синтаксичко опкружување, односно во насока на почитување на јазичната норма при нивната употреба. Дозволете на крајот да Ви одговорам на горепоставеното прашање: Дали добивме претседател или претседателка?  – Да, добивме и претседател, но добивме и претседателка, заклучи проф. Лидија Тантуровска. 

На оваа тема професорката имаше свој реферат во рамки на 28-те Денови на Благоја Корубин како дел од Меѓународната научна конференција Македонскиот јазик во светлината на семантичките проучувања.

Валери Спасевски     

Фото: МИА 

Зачлени се на нашиот е-билтен