Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ПАЛЧО КАКО КОНТИНУИРАН ПРОЕКТ НА ДЕСНИЦАТА: Сопрете го времето!

  • Десницата, од денот на исчезнувањето на малата Вања, почна да му „ги одбројува“ на Спасовски деновите, а додека траеше потрагата, се однесуваше како да е публика во театар каде што се одигрува трагедија.
  • За народот беше тешка првата ноќ по киднапирањето – како да се спие кога никој не знае каде е девојчето!?
  • Промената – во форма на откривање на убијците – предизвика нокаут на плановите на опозицијата, а нивната одбрана, бидејќи се работи за луѓе од нивниот двор, сега се сведува на обид да се спречи екстрадицијата на клучниот извршител и организатор од притворот во Турција.
  • Каков жив песок за било чие чувство за моралност!

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Случаите на убиствата што ја потресоа јавноста минатиот месец станува сериозен политички проект за опозицијата. Посебно затоа што уште веднаш, по веста дека едно девојче тргнало на училиште и не стигнало до таму, беше иницирана една форма на спонтана потера по грабнувачите, некој вид на непредвиден, народен систем познат и под името „Пронајди ме“.

Трагедија е трагедија, но политички профит си е политички профит

Опозицијата, пред сè, ВМРО-ДПМНЕ, со својата комесарска инфраструктура веднаш почувствува дека тоа треба да се искористи за свој бенефит, да се „залепи“ за масовно движење, особено затоа што на оваа партија никако не ѝ успева да постигне масовност после 2017 година. Енергијата која одеше главно преку социјалните мрежи, а која беше хранета преку ентузијазмот на граѓаните, целосно лишена од политички емоции, требаше да се претвори во антивладина критика, сеење на дефетизам кон органите задолжени за потерата по киднаперот /киднаперите, а како евентуален потенцијал за сериозен бунт. Притоа, нели, се поаѓаше и од тоа дека на грото од населението не им е јасна промената во кривичната постапка, каде што обвинителството е одговорно за истрагите на кривичните дела, а полицијата е само главен асистент.

Мотивите во екипата на Мицковски за таков пристап беа засилени со фактот дека државата станува домаќин на еден значаен меѓународен собир, како што беше Министерскиот состанок на ОБСЕ, што го фрли главниот опозиционер на политичките маргини, нешто што тој тешко го поднесува, дури и на сон. И второ, затоа што стануваше јасно дека притисокот на власта за добивање на доволно гласови за уставните измени папсува.

Последните денови од ноември беа и крај за рокот кој требаше да нѐ определи, дали ние мирно ќе останеме на бродот кој плови кон Унијата или ќе го доживееме својот Титаник на тој пат, со јасна вина кој тоа нам ни ги дава погрешните координати. Во политиката и кај медиумите.

Напротив, спокојно донесената одлука да се оди на избори во периодот април-мај, во Палатата Татарчев ја видоа низ призмата на големата загриженост на јавноста за животот на малата Вања (случајот со убиениот Жежовски сè уште не беше излезен на виделина), како некаква ненадејна поддршка од јавното мислење, која лесно би се поставила како недвосмислена констатација за нечија неспособност, „без изговор“ за власта.

Масовното исчекување и помагање на истрагата воедно ги билдаше очекувањата во поволниот исход, а минувањето на времето од исчезнувањето беше високо во приоритетот на разговорите на луѓето.

Како да се заспие првата ноќ по исчезнувањето на Вања? Немаше тогаш многу прозорци со изгаснати светилки. Немаше згаснати светилки ниту во ноќта кога, после шест дена од истрагата, се објавија имињата на злосторниците. Како те испуштивме Вања, прости ни, пишуваше на социјалните мрежи.

КОГА СИТЕ БЕВМЕ ЕДНО … или речиси сите – потпишување во книгата на жалоста во училиштето на Вања

Запалени светилки и кај опозициските штабови, но со други мотиви

Сосема сум сигурен дека веста за одредувањето на притвор на тројца од сторителите донела запалени светилки и во штабовите на партиите на десницата. За партиските стратези на десницата, ова откритие беше еден вид салто мортале – ја потрошија целата енергија на стратегијата за обвинување на МВР, а сега треба да најдат бариера која ќе ги одвои од нивниот хранет бојовник Палчо и неговите преторијанци.

Јасно е дека одеднаш се појавил страв дека можеби само по некој час или веќе утредента, истата таа јавност ќе ја истури жедта за освета во нивниот двор.

Нема сомнение, да се одвоиме за час од политичкиот профит на десницата, дека солидарноста на голем дел од јавноста со потрагата по исчезнатата Вања малку личеше на примена на системот познат во САД и поголем дел од Западна Европа како Амбер алерт а во соседна Србија како „Пронајди ме“. Кај соседите е во официјална употреба од пред два месеци.

Да не губиме простор. Се работи за истиот AMBER Alert: Years of Progress in Recovering Abducted Children, кој теоретски потсетува на нашиот некогашен систем на ОНО/ОСЗ, само сега со помош на многу електронски инструменти. Користењето на тој систем во САД до 30 септември 2023 година спасил 1.146 киднапирани деца, а 138 деца се спасени од грабнување со помош на предупредувања за итни случаи (види: https://amberalert.ojp.gov/statistics).

Името на системот доаѓа од реакцијата на јавноста после грабнувањето на 9-годишната Амбер Хагерман од Тексас додека возела велосипед и потоа брутално усмртена. Системот е официјално активиран од 1996 година.

Киднапирањето на деца, секако, за ниту една полиција во светот не е лесен случај. Во ВМРО-ДПМНЕ никогаш не посакаа да се сетат на таа вистина. Таму реалноста никогаш не се мешала со желбата за политички профит! А токму деновиве се потсетивме за исчезнувањето на 9-годишната Билјана Србиновска во декември 1989 година, чие тело е најдено во каменоломот до селото Бразда (!) повеќе од месец дена потоа.

Се испостави дека жртвата е сексуално малтретирана, а бабите и дедовците по парковите со месеци потоа, дури пролетта и раното лето 1990 година, пазеа некои типови налик на „такви манијаци“ да не се приближат до нивните внуци.

Неуспешната истрага јасно покажа колку е тоа процес со непознат и многу често несреќен исход.

Инаку, на интернет страницата на МВР за исчезнати лица вкупно десет деца помлади од 18 години се водат како исчезнати. Некои од нив се бараат и повеќе од една деценија, но за ниту едно од нив нема никаква трага и покрај сите напори на полицијата.

СПОЈ Кога Палчо ќе го вратат дома, тој во Шутка ќе го комплетира тимот на убијците

Народот создаде точка на обединување

Кај нас, масовната потрага по девојчето започна, пред сè, преку пребарување на камерите во Дебар маало после апелот на мајката на Вања, дадена на Фејсбук, со објавување на нејзината фотографија.

Тоа се случи практично три и пол часа откако мајката телефонски ѝ јавила на полицијата за исчезнувањето и еден час откако таткото тоа го сторил во ПС „Центар“, околу 11 часот. Вања била мртва, според истрагата, околу 10 часот, така што системот би помогнал евентуално да се дознае некој податок околу киднаперот/киднаперите!

Вредни моменти од ваквите акции се самоорганизираните потраги на ловечките здруженија по околината на градот, посебно онаму каде што има осамени куќи или празни верски објекти. Или потрагата на коритото на реката Вардар низ скопско… Народот доживеа некаква точка на обединување, а такви нема многу во реалноста.

Ова дури беше пофалено во некои од дебатите што се водеа во Србија, каде што сметаат дека ова спонтано мобилизирање на македонската јавност во овој случај (види: Амбер алерт у Србији), претставува своевидна промоција на системот Амбер алерт за чие воведување во таа земја се потроши речиси една деценија.

На една утринска дебата на програмата на ТВ Нова С, беше коментирано прашањето дали жртвата би била пронајдена толку брзо, ако истата е ликвидирана само два и пол часа по киднапирањето, односно час и половина после пријавувањето на исчезнувањето на Вања во полицијата. А масовната потрага веќе би била неуспешна, дури и да имала земјава таков систем каков што е Амбер алерт.

ПАТОТ НА ЗЛОСТОРСТВОТО Информации за бегалецот постоеле цело време, тоа е несомнено

Злосторниците не ни мислеле да го вратат девојчето на мајката

– Не сум сигурен дека вака сурови типови кои го извршиле злосторството воопшто и би го вратиле живо девојчето на семејството и кога мајката не би го пријавила злосторството и би ја исплатила откупнината – смета новинарот кој ги следи позначајните настани од аспект на криминалистиката, Жика Лазиќ од порталот Нова.рс.

Според него, портретот на исчезнатата не укажува дека таа имала историја на изостаноци од школо или од домот, па логично е акцијата да се покрене брзо. Таа проценка секако македонската полиција ја имала, вели Лазиќ и можеби тогаш би го имала како помош системот Амбер алерт. Тоа го немало, најпрвин затоа што тој мора да биде инаугуриран и од техничка страна – остварлив!

– Битни се првите минути за почнување на потрага по исчезнато дете. Врз основа на првите информации треба да се добие впечаток дека детето е во непосредна опасност. Бидејќи статистиките недвосмислено покажуваат дека во криминогени киднапирања девојчињата се убиваат во првите час или два, вели Олгица Чекиќ од Центарот за исчезнати деца на Србија.

КОНТАКТИ Односите меѓу Северна Македонија и Турција се дел од потенцијалното забрзување на екстрадицијата. На фотографијата: Пендаровски и Ердоган.

Статистиката за киднапирањата ја демантираат Шампитата

Ова секако е битно за да се замислат оние кои тврдат дека убиството на Вања е чудно, дека е енигма зошто до него дошло брзо и слично, или тоа се прави низ призмата на наводната полициска немоќ.

Споменатите  двајца експерти проценуваат дека нашата полиција добро ја завршила истрагата врз основа на немањето никакви значајни појдовни податоци (нема снимки од камерите ни за киднаперите, ниту за автомобилите, мобилниот телефон на жртвата е исклучен веднаш и слично).

Се чини дека немало ниту појдовни информации за односите во семејството што би се покажало како клучно (мајката варира со изјавите во описот на односите со разведениот сопруг) иако, по зборовите на горе споменатата Чекиќ, злосторствата врз децата, каде спаѓаат и  киднапирањата, може да имаат корен најнапред во поширокото семејство. Тоа го покажуваат статистиките, вели таа, а многу помалку се резултати на она што значи бегство од она што, пак, ние го опишуваме како ризична средба со чичковци што нудат бомбони.

Опозицијата како публика која од театарска ложа гледа трагедија

Зошто е потребно ова малку подолго излегување од освртот за политичкиот наратив на опозицијата. Затоа што опозицијата цело време, додека траеше потрагата, се однесуваше како да е публика во театар каде што се одигрува трагедија. Буквално чекаше на грешка во истрагата и ги определуваше своите чекори врз основа на „изгледаното“. Во ниту еден момент, иако имаше акција која беше масовна во потрагата, не видовме обид да даде придонес, па макар и во форма на недвосмислен и јасен апел за вклучување во потрагата на своите членови!?

Впрочем, изостанокот на сега покојниот Жежовски требало најнапред да го забележат во круговите на десницата! Како во Палатата Татарчев умеат да ги користат членовите на малите партии како „потрошен материјал“  во остварување на нивни планови, така требало и тие да се растрчаат околу Жежовски. Впрочем, Жежовски беше еден од лидерите на т.н. пензионерски бунтови и ги водеше групите од Велес. Како некому не му недостасувал?

Утрото после сознанието дека групата е фатена, најден е мотивот и помагачите, опсерверите од десницата се решаваат да се концентрираат на оној што го нема! Палчо е идеално покритие за трансформација на црвено-црните од симбиозата со партиите како „Десна“, во партија која сака одново да профитира, па да го претвори побегнатиот организатор и постојан забавувач во политичките денско-ноќни сеанси во нова можност да продолжат да ја критикуваат власта.

За таа цел им требаше нова, неистрошена армада, по можност замолчена во многуте афери што ДПМНЕ ги правеше како власт на сите нивоа. Како веројатен селектор, Мицковски секако одобрил да се користат ликови извлечени од длабока илегала, како поединци од кои вмровците имаат само штета од сојузите со нив.

Симболите на самобендисаноста Латас и Талевска, на пример, требаше малку да ја затемнат сликата за македонските полиција што речиси унисоно беше оценето во регионот и тоа со највисоки оценки. Медиумските полтрони, чиниш како комарци во летна ноќ, веднаш влегоа во тој филм дека наводно некој во власта му дошепнал на Палчо да побегне.

Ова беше изговор Палчо, од опозициски забавувач и нескриен русофилски стручњак за меѓународни релации на нивната антизападна политика, да се поистоветува со бегалецот Груевски. Оваа релација е дел од дневната политика, угодување на шефот на партијата Мицковски, во неговото лично дистанцирање од оној кој него го донесе на актуелната позиција и кој, откако Груевски е опишан како „политичар-изгнаник“, за наеднаш да стане човек кој само сака да се врати и да му го одземе тронот на кој седи.

Тоа свртување се случи по сознанието дека Палчо побегнал од земјата на 30 ноември, неколку денови пред фаќањето на конецот од клопчето на злосторствата од страна на истрагата. Во мигот на минувањето на Палчо на границата кај Табановце, не постоело сознание за него и групата која би ги врзувала за истрагата за исчезнатите две лица!?

ПУБЛИКА ВО ТЕАТАР Опозицијата буквално чекаше на грешка во истрагата и ги определуваше своите чекори врз основа на „изгледаното“.

Измислена приказна за „внатрешниот дошепнувач“

Но, тоа не е важно за актерите од Шампитата, добро е кога се склопуваат некаква слика која дава основ, макар и целосно измислен, за да се продолжи со кампањата против власта, а посебно против министерот Спасовски, во кого некои гледаат следен претседателски кандидат! Како додатен и битен мотив гледано од вмровски ракурс.

Хронологијата на настаните воопшто не одговараше на тезата „некој му шепнал“ на Палчо, бидејќи сосема е веројатно дека нему два часа после грабнувањето на жртвата сѐ му станало јасно, ја видел бесмислата на целата операција од негов ракурс, ги видел како се губат замислените милиони…

Веќе тогаш се виде дека на чело на оваа хорска изведба за бегалецот во вмровскиот фронт се појави и професорот на нескриените надежи во подобра иднина за себе (а јас мислев дека и сега не му е лошо) кој на една емисија на идеолошки телетабиси со ноншаланција потврди дека имало дошепнување, одново според сценариото за случајот со егзилот на Груевски!

Ако оваа теза веќе можеше да се претвори во јавна дилема, преку постојано повторување (гебелсовски манир) стигна нов пресврт: Тој, лесно пуштениот на граница е фатен во Турција.

Зошто би бил бркан и би се пуштала меѓународна потерница, ако некој го пуштил надвор од границата? Потерата по Палчо не била фингирана?! Што правиме сега?

– Дилема за Шампитата?

Па како може судбината да им носи толку промени на дневно ниво, кога тие се понадеваа дека Палчо нема да се врати, има тој некакви врски таму надвор и дека квалитетот на истрагата затоа нема да биде валиден!

Дајте бргу нова теза за утеха на десницата

После таквата пропаст на тезата за Палчо „побегуља“ мораше сакале-нејќеле во „Татарчев“ да најдат нова стратегија, веднаш, брзо и по можност – уверлива. И сето тоа во атмосфера на очевиден страв за опозицијата – Палчо да не се врати во земјата во полициска придружба, по што може да ги отвори тефтерите за своите планови и контакти. Умее и да измислува, секако, ама тој нема да се жали на прогонителите, туку на оние кои „навреме“ го оставија сам да се спасува.

Значи, најновата и веројатно последна шема која вмровските папагали ќе ја повторуваат секој ден, ако не и секој час, со отворени студија на мејнстрим телевизиите, е дека Палчо нема шанси да дојде бргу назад.

Дека, велат тие партиски репетитори, процедурите во Турција биле толку сложени и долги што Палчо и не мора да биде испорачан!? Вистина или само нечија желба? Па суфлирани од еден професор по кривична постапка, во функција на невидлив адвокат на Палчо, кој клечи пред вратите на екстрадициониот затвор – му „дошепнува“ што да стори за да остане што подолго на товар на турските власти…

Човек не може, а да не праша: Па каде е тука, дами и господа, осудата на убијците на малата Вања и старецот Панче? Ја имаше ли кај вас и на самиот почеток? Или се гледате само низ изборниот дурбин и шансата за дограбување на власта? Како успеавте, вие од Шампитата, за само една недела да побегнете од смислата на овој настан, онаа што остана по откривањето на безживотните тела?

И како што вели Тијана Дапчевиќ за малата Вања, цитирајќи ги стиховите на Марко Виденовиќ: „Гази ги облаците, меко и чисто, овде е лигаво, валкано и калливо“…

(ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново