Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пензиите не се социјална давачка, но со нив се купува социјален мир, по висока цена која го руши системот

Соња ТАНЕСКА

Растот на пензиите надвор од законските рамки, а особено линеарни зголемување се секогаш проследени со загрижувачки предупредувања од економистите. Без нови работни места кои ќе ја полнат касата на ПИОМ и на другите фондови, новите финансиски оптоварувања можат да бидат ризични за финансиската состојба на државата.

Според сегашната методологија, корекција на пензиите се прави по два основи, во однос на пораст на трошоци на живот во висина од 50 отсто и порастот на просечната плата во висина од 50 отсто, а усогласувањето се врши два пати годишно, на 1 март и на 1 септември. Сепак овојпат ќе биде поинаку, по вчерашното гласање на ребалансот на Буџетот, секој пензионер треба да добие 2.500 денари во септември и ветување дека истата сума ќе ја добие и во март.

Со 337 илјади приматели на пензии на 687 илјади вработени, сегашниот сооднос меѓу вработени и пензионери е 2 спрема 1, според официјалните статистички податоци на Државниот завод за статистика и на Министерството за труд и социјална политика.

Со други зборови на секој пензионер има 2,04 вработени. Соодносот може да се зголеми ако се намалува невработеноста или, пак, во јавниот сектор да добијат решенија за вработување оние кои се вработени со договор на дело.

За редовна исплата на пензиите, важно е да се искорени и сивата економија, но и да се зголеми процентот што се уплаќа за пензиски придонес, препорачуваат експертите.

Во моментов старосната граница за пензионирање е 62 години за жени и 64 години за мажи и најмалку 15 години стаж. Просечната пензија изнесува 21.287 денари, што е 346 евра и е помала од минималната плата од 367 евра.

ВМРО-ДПМНЕ во програмата за парламентарните избори кои се одржаа на 8 мај вети зголемување на пензиите од 5.000 денари, но откако формираше влада донесе одлука пензиите да бидат зголемени само за 2.500 денари од септември оваа година, а од март идната година да има уште едно покачување од 2.500 денари.

Пензискиот фонд (ФПИОМ) делумно се полни преку трансфер на средства од централниот буџет кои се предвидени и планирани со воведувањето на двостолбниот пензиски систем во 2003 година.

Тогаш државата се обврза да го дополнува буџетот на Фондот, бидејќи 6 проценти од пензискиот придонес ПИОМ го префрла на приватните фондови, а тие се уште немаат обврска да исплаќаат пензии.

Кој колку заслужил, толку треба да добива пензија

Професорот на Виенскиот институт Бранимир Јовановиќ гледа „големо ретерирање“ на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ветувањето од 5.000 денари за покачување на пензиите, бидејќи како што вели „2500 денари покачување се само малку повеќе од редовното септемвриско прилагодување за растот на платите и за инфлацијата и носи трошок од околу 14 милиони евра месечно.

-Растот на пензиите вкупно чини околу 40 милиони евра, а буџетот е зголемен за 300 милиони евра. И тоа е проблемот со овој буџет, што Владата се расфрла со народните пари, вели Јовановиќ.

Според професорот Ванчо Узунов не треба линеарно да се зголемуваат пензиите бидејќи таа ставка во буџетот не е социјална категорија.

-Системот на пензија не е систем на социјални давачки или социјална помош., за да биде линеарен туку тој е солидарен меѓугенерациски договор, поточно тие што се активно вработени ги плаќаат пензиите на повозрасните, но секој добива пензија толку колку што уплаќал преку своите придонеси на работното место во Пензискиот фонд. Не е тоа еден човек еден глас или еден човек сите имаме ист стомак, туку кој колку заслужил да добива пензија. И сега во таков систем ако ти уфрлиш ваква давачка, тоа најпросто изгледа вака: Ако во возило кое користи гориво на безнин, да наточиш дизел гориво и да се чудиш зошто се расипал моторот. Значи тотално со еден потег го рушиш, го поништуваш системот пензиски кој толку години постоел, не дека е одличен но од него има , очекувања, тек луѓе треба да заминат во пензија, појаснува Узунов.

Тој додава дека токму затоа се смислени и препорачани од ЕУ и социјалните пакети, за оние со најниски пензии, за да се помогнат и тоа е сосема легитимно, но не смее да се оптовари буџетот на државата со тоа што ќе му порефрла пари на ПИОМ за нешто што и не му следува како финансии на овој Фонд.

-Ако сака да им помогне на сиромашните за тоа постојат социјални давачки има разни видови, ако сака да воведе некоја нова постојат студии како тоа треба да се направи. Пензија не е социјална давачка иако кај нас секогаш се купува социјален мир, ама не може на тој начин да се уништува системот бидејќи цената е висок, вели Узунов.

Од Партијата на пензионери не се против инцидентно нивелирање на пензиите, но да се внимава и на системот.

– Линеарно зголемување на пензиите не е праведно, а не е ни законски, но секако, законот може да се промени. Сепак, би кажал дека е добро едно вакво инцидентно линеарно зголемување на пензиите за да има едно нивелирање меѓу оние со најниските и највисоките пензии и да им се подобри животниот стандард на пензионерите со пониски примања. Но, ако вакво нешто се случува постојано, тогаш ќе се приближат пензиите на еден земјоделец со еден универзитетски професор – ни изјави Илија Николовски, претседател на Партијата на пензионери.

Според закон усогласувањето е два пати годишно

Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, усогласувањето на пензиите се врши двапати годишно, на први март и на први септември.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека според овој модел пензиите од септември би требало да се зголемат за 9,35 проценти. Сегашната месечна сума што се издвојува за пензиите е 7,1 милијарди денари, и според неа најдобар модел е линеарно зголемување.

– Со усогласувањето според закон, месечно за пензионерите би требало да се издвојат дополнителни 664 милиони денари. А за линеарното зголемување од 2.500 денари за секој пензионер, треба да се издвојат 845 милиони денари на месечно ново – ја откри математиката Димитриеска-Кочоска.

Со ребалансот на Буџетот што беше изгласан вчера се обезбедуваат дополнителни 5 милијарди денари што се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување за исплата на пензиите до крајот на 2024 година.

Тоа значи дека од Централниот буџет до буџетот на ПИОМ се трансферираат по сите основи 34,5% од вкупниот буџет на ПИОМ, останатите средства ПИОМ ги обезбедува од сопствени извори на приходи, односно социјални придонеси на плати.

Фискалниот совет, на чело со претседателот Глигор Бишев уште во јули за време на расправата на собраниската комисија за финансирање и буџет посочи дека поради фактот што и сега еден значаен дел од пензиите не може да се покрие со пензискиот придонес, зголемување на пензиите од 5.000 денари може значајно да го продлабочи минусот во пензискиот фонд.

Тој рече дека оваа мерка мора да биде придружена со други мерки како што се зголемување на возраста за пензионирање, подобра наплата на придонесите и нивен раст, намалување на сивата економија итн, се со цел да се наполни буџетот на ПИОМ.

Македонија нема најниска просечна пензија

Според податоците од Фондот на ПИОМ, најниските лични пензии се 13.152 денари и тие се за постарите пензионери што своето пензиско право го имаат остварено од 1 јануари 1997 година.
Тогаш се смениле процентите за пресметка, па така оние што отишле во пензија во годината пред нив, имаат најповолна најниска пензија од 16.144 денари. За пензионерите што го остваруваат своето право од 1 јануари 2002 година, најниската пензија е 13.852 денари.

Бидејќи постојат и семејни пензии, каде што се наследува пензијата од починатиот, како и инвалидски, во државава има дури 22.972 корисници, или 6,8 од пензионерите со пензии до 13.192 денари!

Сепак, со просекот од 22.187 денари, не заостануваме зад земјите во регионот.

Според податоците од Евростат, македонската просечна пензија е 342 евра, бугарската 226, во Албанија просекот е 131, во БиХ 237, во Србија 383, а во Црна Гора 291 евра.

Најново