„Пендаровски беше кандидат поддржан од ДУИ на претходните избори. Веројатно нема подобар кандидат за албанскиот електорат во државата од Стево Пендаровски, бидејќи веќе еднаш бил, се покажал дека не ги дели граѓаните“, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Петров во утринската програма на Слободен печат.
Тој додаде дека не може да се очекува претседателот да биде марионета, контролирана од било која партија, туку треба да има интегритет и став.
„Затоа се бира на директни избори, за да може да носи и одлуки со кои не се согласува владејачкото мнозинство. Законодаваецот неслучајно ја ставил можноста за вето, за да може да се размисли, да се види дали е исправно. Ова не е прв пат Пендаровски да не потпише некој закон“, рече Петров.
Тој додаде дека прекрупна е претседателската функција за да се сведе на ултиматум за една одлука.
„Донтовиот модел е немилосрден. Оној што е прв добива и повеќе од тоа што и реално го заслужува, таков е системот. Тие количници што се делат, таа листа што има најмногу гласови, најмногу пати ќе биде свртена во системот“, рече Петров.
Тој додаде дека дури и според опозициските анкети, партиите од владината коалиција би освоиле педесетина пратеници, но со Донтовиот модел, ако одат заедно и според тие анкети, може да се освојат уште 5-6 пратеници.
„Тоа е така поради тоа што дел од партиите ќе се под прагот, нема да имаат пратеници. Некоја партија ќе има 5000 гласа, што не се доволно за пратеник. Тие гласови се поништуваат. А во количниците, ако ги споите сите гласови заедно, овозможуваат да се освојат повеќе пратеници“, рече Петров.
Според него, веќе 20 години се разговара за широки предизборни коалиции и дека сега е веќе дојдено времето кога ни е потребна брза интеграција во ЕУ и да не се губат 10 години со истите муабети.