Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Планот „Б“ на ВМРО-ДПМНЕ: Хибернација на нашите европски соништа

Досегашното сценарио за создавање на анархија функционираше со повеќе од видлива апстиненцијална криза за партијата на Мицковски, сите овие години наназад

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Во редовите на симпатизерите на опозицијата, чии претставници влегоа во неделата во техничката влада на РСМ, како дел од подготовките на парламентарните избори, владее своевидна „шампањизација“. Овој пат со некои домашни видови на пијалак.

Седнати по парковите истите до пладне оваа „пржинска промена“ на владините редови, последица на постоењето на 11–годишниот режим на Груевски и на обидот на надворешниот фактор да внесе каков-таков ред во одвивање на изборите, ја доживуваат како некаков „уриет“. Барем до пладне, кога „шампањското“ очевидно предизвикува и поинакви реакции, често во форма и на меѓусебни кавги.

Нови влошувања, нови влошувања…

Додуша, битно влошување на состојбите во земјата до самите избори, значи во 100-те наредни денови, по кој знае кој пат, најави и првиот човек на опозицијата, Христијан Мицковски. Тој секако знае за тоа бидејќи не е само прогнозер, туку и креатор на дневната политика во стилот „што полошо – толку подобро“, што се гледа цело време, откога тој ја презеде штафетната палка од својот претходник Груевски. И секако, не само како разни форми на покачување на притисокот на неговите најверни фанови, пензионерите (!), после нивните редовни дневни активности по парковите на скржавото зимско сонце.

Имено, досегашното сценарио за создавање на анархија функционираше со повеќе од видлива апстиненцијална криза за партијата на Мицковски, сите овие години наназад. Посебно откако ги поведоа пензионерите кон високо поставената американска амбасада на Калето, што за „регрутите“ даде посебно лоши последици по состојбата на колениците, па и здравјето, за време на симнувањето од Тетовска трошарина. Во автобусите потоа, бесплатно достапни тој петок, имаше колнење во стилот – мене никогаш повеќе нема да ме видите…

Ако нашите гласачи и пошироката јавност имаа проблем со енигмата на Мицковски од типот – имам план за ЕУ, ама ќе го кажам кога ќе победам, се чини дека сега сѐ да е појасно. Како во онаа песна на Балашевиќ – „Патувај Европо и немој да чекаш на нас“…

Партија која верува во постоењето на перпетуум мобиле

Затоа, во Палата „Татарчев“ сметаат дека присуството на нивни избраници во Владата што треба да ги подготви изборите, треба да се процени како додатна шанса на нивното перпетуум мобиле во правење на бељи против државата. Иако не гласаа да учествуваат во Владата за која не гласаа ниту воздржано, тие си направиле план како ќе ги билдаат своите изборни потенцијали. На демагошка основа, секако. Но и со деструкции од поголем вид, како што е најавениот штрајк на вработените во ФЗО, под раководство на Ахиловата петица во синдикалното движење – УПОЗ.

Најгласен во таа тактика беше актуелниот ве-де министер за внатрешни работи – Панче Тошковски, кој процени дека турканиците пред шалтерите за промена на личните и патни документи тој лесно ќе ги среди. И на стартот доби јасна корпа, дека најпрвин си ги надминува надлежностите,  а потоа и во однос на она што значат обврските преземени со меѓународните договори, овој пат, со Преспанскиот договор.

МИНИСТЕР НАДВОР ОД ИНГЕРЕНЦИИТЕ Понудата до амбасадорката на Грција се врати како бумеранг

Споменатиот одмолча како бил примен кај дипломаската претставничка на Грција во земјава – Софија Филипиду на која, како што информираа од МВР, ѝ го презентирал проблемот со недостиг на обрасци за пасошите и предложил мерки за негово решавање. Предложил одложување на рокот на важење на пасошите за одреден рок. Во вторникот, по посетата, времениот министер, инаку личен адвокат на Мицковски (!), не даде коментар за ефектот на пиењето кафе во грчката амбасада, а во средата веќе го добивме сознанието за очекуваниот одговор од Софија Филипиду. Тој одговор треба уште во стартот да го направи пореален во одмерувањето на своите обврски. Поука!?

Одговорот на Софија Филипиду инаку е – нема можност за продолжување на рокот за промена на старите документи, бидејќи грчката страна опстојува на ставот да се почитуваат роковите за примена на договореното.

Добро, како омекнување на ефектот од неуспешната визита, Тошковски си даде задачи од неговиот ареал. И рече дека проблемот со обрасците за пасошите не е кај добавувачот, туку во лошото планирање, а во меѓувреме, пристигнале 50.000 нови документи. Тошковски очекува до крајот на овој месец да пристигнат уште 250.000 обрасци. Така, проблемот со издавањето на патните исправи може да се ублажи само со добра организација, со соодветно менаџирање и прераспределување на човечките ресурси, што веќе ги има МВР.

И сега, за клучното прашање од политичкиот живот

Суштинско прашање од лани наваму е дали ВМРО-ДПМНЕ има воопшто некакво решение за својата земја која трпи последици од фактот дека нејзините пратеници во Парламентот не сакаа да изгласаат промена на Уставот со вметнување на бугарското малцинство во основниот акт на државата. Јасно, тоа предизвика блокада пред почнување на втората фаза од преговорите со ЕУ за наше придружување во рамноправно членство.

Проблемот со оваа партија – традиционален кочничар на сопствениот народ во нејзините прогресивни чекори, е во тоа што продолжува да нѐ води кон уште покатастрофични предвидувања за Северна Македонија. На ова алармираше и меѓународната јавност, а врв на сѐ беше, на два пати повтореното инсистирање на претставникот на Стејт департментот Џемс О’Брајан, кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни кој е неговиот план „Б“ во однос на евроатлантските интеграции, ако веќе го одби најлогичното и наједноставно решение со промена на Уставот.

Познато е дека Мицковски понуди „решение“ од типот – ќе кажам кога ќе ме изберат.

Потоа следуваше онаа асоцијација на американскиот висок функционер дека „не би купувал стар автомобил од Мицковски“ како продавач, што веќе е разглобено низ многу изнедрени шеги што таа карактеризација значи. Професорот Мицковски изгледа не го сфати вицот, бидејќи изјави дека положил на факултетот (каде сега предава) предмет Моторни возила… Со десетка… Да се крстиш и со раце и со нозе! Па тој во досетката не купува, туку продава автомобил, да му појасниме.

Охридско кафенисување

Но, настрана таа констатација. Многу е битна таа „енигма“ на ВМРО-ДПМНЕ да се разјасни пред гласањето во мај. Човек кој инсистира на одговорот за политиките на црвено-црните мора по малку да станува „кремљолог“ и да се обидува нешто да дознае од страна. Се чини дека во два наврати, барем во настани организирани од Паневропската унија на Македонија, на чие чело е екс-амбасадорот во Брисел, Андреј Лепавцов, можеби – како ѕиркање низ клучалникот – да се види дали тој план „Б“ може да добие барем груби контури.

АНДРЕЈ ЛЕПАВЦОВ Да заборавиме малку на Унијата, да се посветиме малку на дворчето – тоа е новата мантра на ДПМНЕ за евроинтеграциите?

Оваа организација одржа две, да ги наречеме така, изјаснувања по ова прашање. Првото беше летоска во Охрид, а второто, минатиот викенд, кога организацијата бележеше 20 години од основањето во земјава. Што може да се заклучи од истите?

На летошната средба на Паневропската унија, одржана со скромен број на присутни и тоа во еден кафе бар во Охрид, а во организацијата на градоначалникот Кирил Пецаков, се појде од тоа дека политички консензус за европскиот пат на Македонија постои, но политиките и начините на кои тоа се реализира се различни.

„Денешната тема се провлекува низ општествено политичкиот живот на Македонија повеќе децении, а деновиве стана особено актуелна со последните потези што ги влече владата. Претпоставувам дека сите ќе се согласиме, а тоа е политички консензус кој трае – европеизацијата на Македонија никогаш не била доведена во прашање, само начините, методите и политичките средства како тоа се остварува, биле различни“ – рекол Пецаков.

И по ова следува она што е многу посуштинско – беше речено дека идејата на овие дебати е, додека траат овие тешки преговори, да согледаме дали ние дома си ја вршиме нашата задача и дали си го чистиме сопствениот двор, според зборовите на претседателот на Паневропската Унија на Македонија, инаку организатор на настанот, амбасадорот Андреј Лепавцов.

„Ние сакаме да ги поттикнеме луѓето да размислат каде се наоѓаат, да не политизираат до тој степен. Не е потребно да води секој висока политика, треба секој да се грижи за својата куќа, за својот дом, својата општина и својот регион. Ние секојдневно дискутираме за теми за кои не можеме ништо да придонесеме, но можеме да придонесеме ако не фрламе ѓубре, да имаме подобра инфраструктура, да личат градовите, да ги развиваме локалните економски практики и секој треба да е свесен за тоа – рече Лепавцов. Тој смета дека државата сѐ уште не е на вистинскиот пат и треба уште да работи на европеизацијата.

Имаме сериозни проблеми, и затоа идејата е секој поединец да придонесе оваа држава и оваа средина да станат место со европски практики, додава тој.

Уште да си ја запееме онаа „во чичовото градинче, бреј“ и по нешто таму да си покопуваме и садиме…

А сега, скопски репринт

Дека оваа изјава не може да се толкува како израз на летните горештини покажува и фактот дека истата се повтори, во суштински истата кожурка и минатиот викенд во Скопје.

Второто мало отворање на вратата за да се види планот „Б“ на ВМРО-ДПМНЕ се повтори на прославата на 20-годишнината од основањето на Паневропската унија, само што Лепавцов овој пат доби веднаш две спротивставени изјави од угледните странци на конференцијата. Излезе дека О’ Брајан не бил единствен во острите пораки до „најпатриотската партија“, кога оваа тема е во прашање.

Инаку, поранешниот амбасадор во Брисел Андреј Лепавцов (таму замина на почетокот на втората деценија на овој век) според извештаите на медиумите, рекол дека е преамбициозно да се даваат било какви временски рамки, бидејќи, сме биле во исчекување во каква Унија треба да асоцираме (!). Оваа постојната изгледа не му се допаѓа? Или онаа што би се променила би била поадекватна?! Според Лепавцов, ние во моментов имаме многу проблеми во исполнувањето на критериумите за да бидеме полноправна членка на Европската унија.

ОБЕЗВРЕДНУВАЊЕ Паневропската унија кај нас се користи за оддалечување од Брисел!

Корупцијата како најголема катарза во земјава ќе треба да се надмине и да се постават правила на бескомпромисна борба со корупцијата, следните избори би требало да го покажат тоа, оценува Лепавцов.

Последната мантра на неговата (и на неговиот татко) партија е сѐ повидлива – не дека се работи само за „бугарското условување“, тоа сега излегува од мизансценот, туку ниту невестата, ниту младоженецот не се саглам, речено народски. ЕУ ќе си биде наводно во потенцијална трансформација, а ние си имаме работа во сопствениот двор, треба да си подзачистиме (ќе се бориме со корупцијата); иако толку многу за чистење и покрај покренатите спорови против нивни кадри никако да се завршат и евидентно криминализираните политичари остануваат на слобода! Ова повеќе ветува нов режим и нова страховлада, а не било каква иднина за земјата.

Мора да признам дека многу интелектуалци кои се разочарани од брзината на расчистување на криминалот последните години, што исклучиво се должи на третата власт, но се префрлува на првата или втората, по зборовите на Лепавцов на Конференцијата беа исплашени – треба ли да чекаме еден век за да влеземе во Унијата? Колку генерации ќе потрошиме до тогаш во исчекување? И ќе останат ли некои млади луѓе дотогаш или сите ќе ги „истрошиме“…

ПАВО БАРИШИЌ Никој не ја заслужува кандидатурата за ЕУ како Македонија, вели генералниот секретар на Паневропската унија

Но имало и поинакви погледи и тоа од поугледните имиња присутни на Конференцијата.

„Македонија докажа, како ретко која друга земја, голема подготвеност во исполнување на критериумите и мислиме дека може, со една забрзана постапка на преговорите, да влезе во Европската унија. Тоа што Паневропска унија го нагласува е дека не е влезот и членството во ЕУ само административно исполнување на одредени критериуми, туку тоа пред сѐ е и политичко прашање кое и Европската унија сама на себе си го одредува во однос на други земји и ги сака во членството и тие земји“ – рече Паво Баришиќ, генералниот секретар на Паневропска унија.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека секое одлагање на евроинтегративниот пат на Северна Македонија има последици по земјата и по регионот и посебно се ризикуваат досегашните достигнувања на земјата во кои меѓународната заедница инвестираше.

Ќе биде полошо – единственото ветување што може да го исполни Мицковски

И што да се каже сега за тој план, кој секако, како нова реторика на ДПМНЕ, ќе се тегави до изборите, како замена за „бугарското уценување“. Засега, тоа се прави тивко, речиси само во најава, за да блесне можеби и после изборите, но таа конотација на лепавцовци е само уште подлабок влез во корист на бугарските интереси.

ЌЕ БИДЕ ПОЛОШО Единственото ветување кое Мицковски е во состојба да го исполни

Притеснети од другите членки на Унијата Радев и екипата сега немаат нови простори за својата меѓународна политика, ама тогаш кога ќе бидеме сѐ подалеку од Брисел, за што навалиле гореспоменатите политички ведети, националистичките кругови во Софија ќе си наоѓаат нови и нови изговори да нѐ блокираат вистински и со сѐ потешки услови. Треба ли премногу имагинација што ќе се случи со нас тогаш, со условувањата кон нас, ако дотогаш воопшто издржиме како држава.

Во меѓувреме, и грчкиот парламент реагираше на планот на Тошковски, изнесен пред грчката амбасадорка околу промената на пасошите. Добивме потврда дека нема одложување на обврските.

Трапавост? Незнаење или намерно провоцирање заради неомилениот Преспански договор? Како ехо на ветувањето на Мицковски дека во следните сто дена ситуацијата во земјата ќе биде сѐ полоша!

ЦИВИЛ МЕДИА

Зачлени се на нашиот е-билтен