Планот за раст и Реформската агенда која е веќе на „тест“ во Брисел, најавуваат промена на играта што недостигаше подолго време во процесот на пристапните преговори. Тоа е алатката од којашто се очекува вистинската моќ на трансформација што процесот на пристапување може да ја има врз земјите што се во процес на пристапување во членство во ЕУ.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Инструментот на Планот за раст, што за целиот Западен Балкан изнесува 6 милијарди евра, ќе се реализира во периодот од 2024 до 2027, почнувајќи од оваа година па наредните 4 години. Средствата ќе бидат надополнување на инструментот за претпристапна помош ИПА 3, којшто веќе државава го користи, значително зголемувајќи ја финансиската помош за сите партнери од регионот, беше посочено на брифингот со новинари за Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, од страна на СЕП со поддршка на УНОПС.
На брифингот беше истакнато дека конкретни проекти кои биле презентирани на министерскиот состанок со Западен Балкан се – пристап до Единствената европска платежна област – СЕПА, тоа е учество на сите држави од Западен Балкан во платежната зона на ЕУ што значи олеснето и повтино плаќање на трговија и услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан, што е важно за нашата дијаспора која редовно испраќа дознаки дома. Целта на оваа мерка е до крајот на 2024 државите да бидат подготвени за нејзина имплементација.
Во однос на придобивките од Единствената европска платежна област, само по основ на заштеда на трошоците за трансфер на пари, Планот за раст на граѓаните од регионот ќе им заштеди 500 милиони евра кои тие ги трошат на провизиите за трансферите.
Следната придобивка е воспоставување зелени коридори и подобрена царинска соработка, или популарно наречените зелени ленти на граничните премини за возила кои носат производи или кои работат на трговија. Целта е да се намали времето на чекање, да се зголеми трговијата, а со тоа и економскиот развој.
Новина во овие зелени коридори е што тие не се однесуваат само на земнјите од регионот, туку секоја држава што граничи со држави од ЕУ има право да побара, односно одбере еден граничен премин на кој ќе се воспостави зелена лента со државите членки од ЕУ.
Северна Македонија побара тоа да биде за граничкиот премин Богородица кон Грција и Атина го прифатила ова барање, беше соопштено на брифингот.
За третата мерка – бежична Интернет мрежа за јавни простори за ЗБ (Wi-fi for Western Balkans), со којашто се овозможува бесплатен Интернет пристап до граѓаните на јавни прстори и објекти во 500 општини во целиот регион, беше речено дека до крајот на годината ќе пристигне финансиска помош од ЕУ од 7,5 милиони евра.
Четвртата придобивка од Планот за раст е вклучување во европските центри за дигитални иновации што ќе овозможи забрзана дигитална транзиција на малите и средни претпријатија, на старт-апите и на јавниот сектор, а се разгледува и вклучување на земјите од регионот во стратешките медицински набавки на ЕУ.
Во делот на придобивките од дигиталните иновации, особено значаен е „дигиталниот паричник“, кој кога ќе им стане достапен на граѓаните од регионот и од Македонија, по примерот на граѓаните на ЕУ, и тие ќе можат од сопствениот телефон освен да вршат финансиски трансакции, и да аплицираат за документи и друга „папирологија“ поврзани со матични документи, продлжување на возачки дозволи и слично за кои сега се троши и време и пари.
Планот за раст и Реформската агенда која е веќе на „тест“ во Брисел, најавуваат промена на играта што недостигаше подолго време во процесот на пристапните преговори. Тоа е алатката од којашто се очекува вистинската моќ на трансформација што процесот на пристапување може да ја има врз земјите што се во процес на пристапување во членство во ЕУ.
Несомнено е дека со овој План и Европската Унија демонстрира силна посветеност и одлучност со значајната финансиска поддршка да го поддржи забрзувањето на реформите.
Секоја земја од регионот, засилена со оваа поддршка, станува силна алка во зајакнувањето поврзаноста на заедничкиот регионален пазар, во забрзување на фундаменталните реформи, а со тоа и со пристап до дополнителна финансиската помош за поддршка на реформите преку Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан.
Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во Европската Унија, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени.
Се наоѓаме на клучна точка во хронологијата на нашиот процес за членство во Европската Унија и сите показатели укажуваат дека оваа шанса мора да се искористиме без дилема и со уверување дека тоа ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните.
Одложувањето или блокирањето на процесот на преговори и членство на Северна Македонија во ЕУ претставува опасност за нашите реформи и за нашиот развој.