Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Политичарките не го пријавуваат насилството, а секојдневно се соочуваат со закани, навреди, дискриминација, мизогинија и сексизам

 „Сестро, не бистри политика – покажи деколте!“, „Носиш фустан, провоцираш!“, „Жена ли памет ќе ни соли?“,  „Ти ли ќе одлучуваш за мене, гупачке?“, „За ништо друго не ја бива, освен за онаа работа!“, „Жена ќе кажува што да правиме?“, „Вратете се во кујна и фатете зачистете нешто!“, „Седи дома, чувај внуци! Жена си, не се разбираш од политика!“, „Што бараш на говорница, назад во кујната!“, се дел од серијата вулгарности и разни епитети кои им се налепуваат на повеќето жени на македонската политичка сцена. 

Дека различни форми на насилство и обиди за дискредитација на жени во политиката постои го потврдуваат и дел од политичарките кои МИА разговараше на оваа тема. Тие посочуваат дека жените во политиката секојдневно се соочуваат со закани, навреди, омаловажувања, притисоци, дискриминација, мизогинија, сексизам, говор на омраза, психичко, физичко и сексуално насилство. 

Податоците од истражувањето на Национален демократски институт (НДИ) говорат дека 65 проценти од испитаните политичарки во Република Северна Македонија доживеале некаков вид на насилство додека ги извршувале своите партиски функции, 54 проценти истакнале дека насилството е извршено од страна на член на нивната политичка партија, а дури 62 проценти од политичарките одбрале да не го пријават инцидентот поради недоверба во институциите.

Да се биде жена во политиката, како што истакнаа политичарките кои ги контактираше МИА, значи да се спротивставите и гласно да кажете дека „политиката не е машка професија“, која за жал, како што велат, се уште така се доживува и се уште претставува бариера во градење на свеста за важноста на жената во политиката и одлучувањето. Потенцираат дека и низ историјата жените се соочиле со големи предизвици за да го пронајдат своето место на политичката сцена. Посочуваат дека дека овој пат е тежок и полн со препреки, но е и пат кој носи промени и напредок. Политичарките нагласуваат дека жените покажале дека нивната сила и способности се еднакви со оние на мажите и велат дека е дојдено времето да сфатиме дека политиката не е поле наменето само за еден пол. Тие велат дека се соочиле со  вербално родово-базирано насилство, закани, вербално насилство на социјалните мрежи и нагласуваат дека многу често како форма на родово-базирано насилство ја имаат почувствувано објектификацијата, која вклучува непочитување на личните и интелектуалните можности и способности на жената, туку жената политичарка повеќе се гледа како изгледа, се коментира нејзиниот изглед, отколку она што таа го говори и прави. 

Насилството врз жените во политиката слабо се пријавува

Според истражувањето на НДИ, 65 проценти од испитаните политичарки во земјава доживеале некаков вид насилство додека ги извршувале своите партиски функции, 54 проценти истакнале дека насилството е извршено од страна на член на нивната политичка партија, во 63 проценти од случаите поврзани со насилство врз политичарките, сторителите воопшто не биле санкционирани, а дури 62 проценти од политичарките одбрале да не го пријават инцидентот поради недоверба во институциите. 

-Дваесет и шест проценти од политичарките кои не го пријавиле инцидентот што го преживеале, не препознаваат дека инцидентот е форма на насилство, 17 проценти мислеле дека инцидентот не е против какви било партиски правила или мислеле дека е нормално за нивната партија или за „играта на политиката”, десет проценти бидејќи во нивната партија или земја не знаат како да го пријавуваат овој вид на однесување, по седум проценти од политичарките посочиле дека немале сведоци и поради страв од закани или одмазда кон нив и нивните семејства и по 3 проценти затоа што било срамно за нив да го пријавуваат и затоа што кога други членови на партијата пријавиле вакви инциденти тие биле казнети, а не сторителот, се вели во истражувањето.

На прашањето која била нивната улога или позиција во партијата кога се случило насилството, женските испитаници го идентификувале локалното опкружување (57 проценти) како прво место каде тие се соочиле со инциденти на насилство, 22 проценти од инцидентите се случиле на национално ниво, 15 проценти на регионално ниво.

Околу фреквенцијата на инциденти на насилство врз жените во политичките партии, 43 проценти кажале дека се случиле во период на кампања, 25 проценти за време на внатрепартиски состанок или настан, осум проценти при изгласувањето на новиот состав на Собранието/локалната власт и по три проценти за време на протест и за време на јавен партиски настан.

Податоците од кампањата  за подигнување на свеста за спречување на насилство врз жени кои се занимаваат со политика, под мотото „Заокружи“ НЕ“, спроведена за време на локалните избори 2021 година од НДИ, велат дека шест од десет политичарки искусиле некаков вид на насилство. Шеесет и шест отсто од испитаничките посочиле дека  нивната партија ги забранува сите облици на насилство, како во партијата така и надвор од неа, а 43 проценти од испитаничките изјавиле дека нивните партии немаат механизми за регулирање на однесувањето на членството.

Во однос на тоа кој е одговорен за да се спречи насилството врз жените, најголемиот дел испитаници сметаат дека партиското раководство (92 проценти) ја има главната одговорност во однос на спречувањето и справувањето со различни форми на насилство во нивните партии, но и во противничките партии. Потоа, следуваат одговорите дека одговорност имаат и органите за управување со избори/судските органи, полици/органите на власта/министерствата, Собранието преку своите активности,  секој општински совет, граѓанскиот сектор и медиумите.

Во рамките на кампањата, тогаш вкупно 80 национални и локални медиуми ја потпишаа Повелбата за етичко известување за време на изборната кампања за Локалните избори 2021 во Република Северна Македонија. Исто така, 17 политички партии, вклучително и 10 форуми/унии на жени го потпишаа Кодексот за фер и демократски локални избори. 

Жените во политиката се соочуваат со говор на омраза, навреди, омаловажувања, притисоци, дискриминација, мизогинија, сексизам…

Политичарките во изјава за МИА нагласуваат дека секоја од нив се соочила со некаков вид на насилство – вербално родово-базирано насилство, закани, говор на омраза, навреди, омаловажувања, притисоци, дискриминација, мизогинија, сексизам… Според нив, веројатно тоа е така затоа што се уште поважен е физичкиот изглед и „да ви поделат разни негативни епитети, иако не ве познаваат, отколку да прифатат дека имате знаење и способност и да дадат шанса да ве слушнат што говорите“.

Претседателката на Клубот на пратенички и пратеничка од СДСМ, Лолита Ристова за МИА истакнува дека многу често како жени во политиката се изложени на мизогини вербални напади, каде што се чувствува омразата кон жените, наспроти верувањето дека мажите се многу подобри. 

-Многу често како форма на родово-базирано насилство ја имаме почувствувано објектификацијата, која вклучува непочитување на личните и интелектуалните можности и способности на жената, туку жената политичарка повеќе се гледа како изгледа, се коментира нејзиниот изглед, отколку што таа кажала. Тоа што најмногу повредува е говорот на омраза, кој многу интензивно е распространет денес посебно преку социјалните мрежи. Тоа е одлика на новото време, пред кое е исправена посебно жената во политиката. Истовремено тоа е всушност и една од причините, што многу често ги одвраќа и ги обесхрабрува жените од политиката. 

И претседателката и пратеничка на Либерално демократската партија, Моника Зајкова во изјава за МИА вели дека политичарките се соочуваат со вербално насилство најмногу и на социјалните мрежи.

-Мислам дека секоја од нас се соочила со  вербално родово-базирано насилство и закани. Веројатно тоа е така затоа што сеуште поважен е физичкиот изглед и да ви поделат разно разни негативни епитети, иако не ве познаваат, отколку да прифатат дека имате знаење и способност и да дадат шанса да ве слушнат што говорите. Сме сведочеле на сексистички зборови и во самото Собрание. Се соочуваме со вербално насилство најмногу и на социјалните мрежи. Да вратиме наназад во минатото и колку сексистички и родово дискриминирачки споредби доаѓале од прес-конференции на политички партии. Имав поднесено претставка за дискриминација заснована на пол која во тоа време Даштевски ја отфрли. Има и портпарол на политичка партија на кој постојано мета му се само жените и негативности кон истите. Има и политичка партија која иако во своите редови има жени не бира какви се зборови шири за жените од други политички партии само да ја наруши нивната чест и углед со нискости наместо да се бори со политики и решенија, вели Зајкова. 

Таа потенцира дека жените во политика се жртви на сексизам и од своите колеги и често добиваат несоодветни коментари и пораки токму од нив. 

-Има и случаи каде на нашите јавни страници мажи ни ги праќаат своите полови органи во порака, посочуваа таа.

Заменик-министерката за земјоделство, шумарство и водостопанство од редовите на Алијанса за Албанците Вјолца Бериша во изјава за МИА нагласува дека на жените им се дофрлуваат низа непристојни зборови, обвинувања за неморал и бескрајни навреди.

-Жално е како од ден на ден ескалира вербалното насилство врз јавните личности. Особено жените се мета на празнење на целиот социјален гнев, на лично нереализирање, на акумулација на негативна енергија на одредени личности кои стануваат се побројни. Социјалните мрежи, просторите за коментирање на порталите се можност секој да каже што ќе му падне на ум за една јавна личност или политичар. Честопати овие зборови се многу вулгарни, напишани на дијалект, полни со граматички грешки или целосно погрешни, кои го изразуваат културното ниво на пишувачот, но кои сепак лошо ги доживува личноста која е жртва на вербални напади. Жена која се занимава со политика, вклучувајќи ме и мене, многу почесто ја има оваа ситуација. На жените им се дофрлуваат низа непристојни зборови, обвинувања за неморал и бескрајни навреди. Иако потекнуваат од луѓе кои не ги познавате, но лесно можете да го замислите нивното ниво, меѓутоа ве потиснуваат и прават да се чувствувате лошо, дури мислам дека овие напади стануваат причина за недоумница на многу жени за да не сакаат да се занимаваат со јавна дејност, со политика или нешто слично, вели таа. 

Бериша истакнува дека упатувањето погрдни зборови на адреса на политичарките како посебен вид на насилство има тенденција да ја искористи физичката немоќ на една жена наспроти еден маж.

-Во моето патешествие како политичарка, подалеку од некаква навреда на социјалните мрежи од непознати луѓе, ми се има случено да слушнам еден „маж“ во години кој се смета себеси за интелектуалец, во момент на гнев и лично незадоволство за едно кадровско прашање, да го крева гласот, да шепоти навреди и да изусти по некоја пцовка меѓу заби. Колку и да сум супер подготвен за каква било слична ситуација откако решив да се занимавам со политика на еден карпест терен за процут на политичка кариера на една жена, како што е овој нашиот, сепак се сеќавам на потресите што ги имам доживеано, силното чукање на срцето и зацрвенетите образи. Овие ситуации, дури и самото кревање глас на маж против жена мислам дека е кукавичка храброст против физичката беспомошност што таа ја има, вели таа. 

Пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите Гордана Силјановска Давкова на настан во Собранието рече дека и самата се соочила со говор на омраза во текот на одвивање на кампањата за претседател на државата како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

-И самата сум го почувствувала говорот на омраза и не ме болеше од мажите, туку од жените. Кога замислете вака велеа „Ако гласате за Силјановска, ќе гласате за Груевски“. Нам ни се случи тука во Собрание, премиер на седница окарактеризираа пратеничка како изгледа. И ние не станавме. Не си заминавме. Нам ни се случи министер да се однесува недоветно кон пратеничка, ама немаше реакција од жени. Мора еднаш ние прво да го почитуваме зборот. Ако сме работеле на еден проект, ако сме уверени, која е логиката само еден маж и тоа претседателот на Собранието да биде предлагач на измени на Деловникот? Неверојатно нешто! Нашата теза беше „Дајте да почнеме со прашањата во Деловникот за кои има консензус“. Кои беа тие прашања? Прашањата за родовата рамноправност. Иако не сум член на Комисијата, отидов на седница и поднесов 40-тина амандмани и зад мене немаше никој, освен некои што ме подржуваа, рече таа.  

Спротивно мислење од претходните политичарки има потпретседателката и пратеничка на Алтернатива, Сафије Садики Шаини, која во изјава за МИА нагласува дека во нејзината партија ја препознаваат и ја почитуваат улогата на жената во политиката и во одлучувањето. Таа потенцира дека досега не се почувствувала дискриминирана, бидејќи, како што вели, има целосна поддршка од партијата.

-Партијата Алтернатива е позитивен пример за овој пристап. Таа има огромна почит кон жените преку нивната активна поддршка и ценето учество на сите нивоа на одлучување. Во мојата функција како пратеничка не сум се чувствувала дискриминирана, бидејќи имам целосна поддршка од партијата Алтернатива. Оваа поддршка не е само формален израз на посветеност, туку реалност што се појавува во секоја активност од моето работење. Оваа партија има изградено средина каде што секој член, без разлика на полот, има глас и дефинирана улога во одлучувањето. Ова чувство на вклученост и почитување го овозможило мојот придонес да биде важен дел од развојот на проектите и иницијативите на партијата. Со тим кој промовира родова еднаквост и култура на почитување, се чувствувам привилегирана да ја претставувам партија која е посветена на вредностите на правичност и инклузивност на сите, вели таа. 

Да се биде жена во политика е голем предизвик во општество кое се уште негува бројни стереотипи

Според податоците од истражувањето, 53 проценти од жените од политичките партии се соочуваат со предизвици или бариери во процесот на добивање лидерски позиции.

Претседателката на Клубот на пратенички и пратеничка од СДСМ, Лолита Ристова истакнува дека да се биде жена во политиката значи да се спротивставите на ставот и да кажете дека „политиката не е машка професија“.

-Да се биде жена во политиката значи да имате храброст, да бидете упорни, да имате високо ниво на самодоверба, да знаете зошто сте во политиката и да знаете што сакате да постигнете. Да се биде жена во политиката значи да се спротивставите на ставот и да кажете дека „политиката не е машка професија“ која за жал сеуште така се доживува и сеуште претставува бариера во градење на свеста за важноста на жената во политиката и одлучувањето. Загрижува и тоа што жените во политиката сеуште сме перцепирани и не доживуваат како реткост и затоа оваа перцепција мора да се промени, вели Ристова.

Според Ристова, факт е дека недостига женската солидарност и поддршката од „жена за жена“. 

-Секако дека улогата на жената во семејството и грижата кон домашните обврски, наспроти ангажманите и времето за активен политички и јавен живот, ги спречува многу жени да бидат политички активни. Малата застапеност на жените во медиумите за време на изборни кампањи е нешто што задолжително мора да биде регулирано, со цел жените да станат повидливи, да се доближат до гласачкото тело и да се почувствува суштинското влијание на жените за промени во општеството, вели таа. 

Претседателката и пратеничка на Либерално демократската партија, Моника Зајкова вели дека да се биде жена во политика е голем предизвик во општество кое се уште негува бројни стереотипи. За жал, нагласува таа, се уште живееме во време каде жените се соочуваат со бројни предизвици во секојдневниот живот. 

-Ние да, говориме постојано дека се уште не е доволен бројот на жени на високи раководни позиции и во јавниот и во приватниот сектор, дека се уште помал е процентот на жени кои се јавуваат како наследници на имот во однос на мажите. Јазот во платите сеуште е присутен, породилното отсуство итн. Но да не го заборавиме и секојдневието предизвикот кога треба да бидете растргнати меѓу работното место и домот. Тежок пристап до упис во градинка што ја спречува најчесто жената да може да се врати брзо во својата професија. Непостоење места за доење. Само во женските тоалети има место каде да се пресоблече дете и низа други предизвици и недоследности. Оттука одговорот е дека не е лесно да се биде жена општо, а не е ни малку лесно да се биде жена во политика бидејќи се уште постои стигмата дека вие вредите помалку па некој мора да стои позади вас па затоа сте „успеале”, вели Зајкова. 

Според Вјолца Бериша нема политика за жени и за мажи, ниту позиции и функции. Ова, како што вели, грубо ни е наметнато и невнимателно го вдишуваме со белите дробови на сите општествени структури. 

-Да се ​​биде жена во политиката значи да и се даде можност (на политиката) да го искористи целосниот капацитет во рамките на едно општество и не само половината од нејзе, да и даде можност да ја искористи целата резерва на мисла и делување на една нација. Жената и мажот ги гледам како неопходни запчаници во движењето на опремата на процесите. Целосно комплементарни, никогаш исклучувачки. Но, за жал, нашето општество, кое често незаслужено е претставено од маскулистички политички партии, им отежнаа на жените да дејствуваат и сака да ја гледа само како триумф на својата дарежливост во однос на „ослободувањата“ што ги направила кон неа, а не како основно право на поединецот. Тој продолжува да ја гледа во очите на жената „слободата“ што и ја „подарил“, можноста и е дадена да оди на училиште, да има професија, да носи пантолони и чувај не Боже да има право да гласа. Секое женско дејствие продолжува да го мери со сопствената сенка, без да го сфати како нејзино основно право. Почнувајќи од оваа премиса, секој пат што жената го чекори во политиката, политичарот машко, па дури и општеството воопшто, го смета за нешто што мора да и се даде, што мора да се подари, пат што мора да се отвори заради учтивост, а не како нешто што суштински и припаѓа, вели Бериша. 

Наспроти оваа пречка, вели таа, стои и самоограничувањето, самоповлекувањето на жените, кое главно произлегува од мрзеливоста или несакањето да се соочи со машки лакти, но и од стравот од јавен линч за одредени теми и вербалното насилство кое е доста присутно, насилство кое четирипати станува потешко, понавредливо и арогантно кон една жена во политиката, отколку кон еден маж. 

Садики Шаини нагласува дека во историјата на нашето општество, жените се соочиле со големи предизвици за да го пронајдат своето место на политичката сцена, кој пат, како што вели, е тежок и полн со препреки, но кој носи промени и напредок.

-Овој пат е често тежок и полн со препреки, но е и пат кој носи промени и напредок. Соочени со стереотипите и предрасудите, жените во политиката направиле многу за да ги шират своите идеи и да влијаат на процесите на донесување одлуки. Тие покажале дека нивната сила и способности се еднакви со оние на мажите. Време е да сфатиме дека политиката не е поле наменето само за еден пол. Тоа е еден терен каде сите треба да бидеме вклучени, бидејќи диверзитетот на перспективи води кон побогато и поправедно општество. Со искористување на нашата моќ како жени во политиката, можеме да направиме суштински промени. Со истакнување на прашањата за правата на жените, родовата еднаквост и активното учество на жените во политиката, можеме да изградиме општество каде што секој глас е важен, вели Садики Шаини. 

Потребно подигнување на свеста дека мажите и жените и покрај различностите подеднакво вредат

Политичарките велат дека за да се превенира ширењето на говорот на омраза и другите видови на насилство врз жените во политиката потребна е едукација од најрана возраст и подигнување на свеста, но и законска регулација на интернет просторот. Потенцираат дека можат да се заштитат од говор на омраза доколку првенствено жените меѓусебе изградат силна заедница, во која жените во политиката ќе бидат во можност да разговараат, да се советуваат и да се поддржуваат едни со други.

Ристова истакнува дека за да се заштитат од говорот на омраза првенствено жените меѓусебе треба да изградат силна заедница, во која ќе се чувствуваат безбедно.

-Тогаш кога е пласирана навреда или каков било негативен коментар по однос на жена, истиот да биде побиен со мноштво позитивни ставови и коментари во правец на меѓусебна заштита и поддршка.Тоа е најмалку што може да се направи.Секако дека е потребна и законска регулација на интернет просторот, вели Ристова. 

Се додека говориме за воспоставување родова еднаквост, значи не сме ја постигнале. Резултатите од акциските планови за родова еднаквост што побрзо да бидат видливи и претстои сериозна работа

Зајкова нагласува дека сите жени заедно, секоја од својата професија и во рамки на своите можности треба да се бори и да ги менуваме нештата. 

-Според мене најбитна е едукацијата од најрана возраст. Само така ќе може да градиме здрави општества каде еднаквост нема да биде само пишана уставна категорија, но и применета во секојдневието. Така што сметам дека уште многу треба да работиме на едукација и покренување на свеста дека мажите и жените се физички различни, но имаат исти способности, знаење, квалитет и образование. И вредат подеднакво, вели таа. 

Силјановска потенцира дека крајно време е жените да покажат дека ако нашите интереси не се почитуваат, тогаш нема да ги поддржиме машките интереси.

-Крајно време е ние жените да покажеме дека ако нашите интереси не се почитуваат, дека нема да ги поддржиме машките интереси и дека нема да го правиме она „партиското да го ставаме пред родовото, односно пред женското“. Само така ќе не почитуваат, ако себе си се почитуваме, рече таа. 

Фатиме Фазљији

Фото: Фросина Насовиќ/ приватна архива од соговорниците/Unsplash

Зачлени се на нашиот е-билтен