Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Полска повторно е дел од срцевината на Европа – и тоа би можело да ја обезбеди иднината на ЕУ

Една од најмалку дискутираните последици од долгото владеење на национал-популистите во Полска: осумгодишната културална војна против либерализмот донесе драматична либерализација на полското општество

Пишува: Иван Иван КРАСТЕВ*

Тоа требаше да биде полскиот „Орбан момент“. Минатиот август, владејачката националистичка партија Право и правда гласаше за распишување референдум заедно со парламентарните избори во октомври. На граѓаните ќе им се поставуваат популистички прашања за продажбата на државниот имот на странци, зголемувањето на старосната граница за пензионирање и илегалната имиграција. Референдумот беше копиран од стратегијата што Виктор Орбан успешно ја користеше за да го консолидира својот нелиберален режим во Унгарија.

Тоа не беше само циничен план да се дозволи неограничено трошење народни пари за изборната кампања на владејачката партија, туку обид да се прикажат изборите како референдум за полскиот суверенитет. Спротивставувањето на референдумот и гласањето за опозицијата би значело не само залагање за губење на суверенитетот, туку и поддршка на неолибералните економски политики и економската окупација од страна на „странските“ сили како Германија. Партијата Право и правда беше убедена дека оваа тактика не може да пропадне.

Како што знаеме, планот пропадна. Фактот дека опозицијата успешно го бојкотираше референдумот одржан заедно со општите избори на 15 октомври (учествуваа само околу 40% од гласачите) открива една од најмалку дискутираните последици од долгото владеење на национал-популистите во Полска: парадоксот дека осумгодишната културална војна против либерализмот донесе драматична либерализација на полското општество.

Следејќи ја својата стратегија за максимална поларизација, партијата Право и правда првично го трансформираше мекиот конзервативен културен консензус, кој ја дефинираше полската политика до 2015 година, во конзервативно изборно мнозинство – но по цена на широк консензус. Како резултат на тоа, за време на владеењето на кабинетот поддржан од црквата, имаше драматичен пад на учеството на младите Полјаци во религиозниот живот, додека антицрковните чувства предизвикаа мнозинска поддршка за правото на абортус.

На многу повозрасни поддржувачи на опозицијата, на кои до вчера им беше тешко да зборуваат за правото на брак за сите или за репродуктивно здравје, што се идеи промовирани од ЕУ, одеднаш се помирија со либералните културни политики и вредности. Кај многумина од нив насоките на модерните либерални општества веројатно сè уште предизвикуваат непријатност, но тие доброволно замолкнаа бидејќи спротивставувањето на правата на ЛГБТК+ и миграцијата значеше поддршка на омразената владејачка партија. Слично на начинот на кој војната на Владимир Путин против Украина роди нов, радикално антируски украински идентитет, војната на Јарослав Качињски внатре во земјата создаде либерален политички идентитет кој претходно не постоел во Полска.

Изборите на 15 октомври, исто така, претставуваа еден вид епилог на посткомунистичката политика на Полска. Обраќајќи се на грандиозниот предизборен „марш на милиони срца“, опозицискиот лидер Доналд Туск ја нарече мобилизацијата на демократите за време на предизборната кампања „третиот бран на Солидарност“ (првиот беше во 1980-81 година, вториот во 1989 г. ), нагласувајќи дека Граѓанската коалиција се позиционира како преродена Солидарност. Туск јасно кажа дека на изборите не се работи само за тоа кој ќе одлучува за иднината на земјата, туку и за тоа кому му припаѓа минатото на Солидарност.

Овие избори можеби се последни на кои двата главни политички блока се предводени од членови на херојската генерација што го собори комунизмот. И Туск (66) и Качински (74) беа формални членови и активисти на Солидарност, но тие претставуваа две различни струи во антикомунистичкото движење. Качински носталгично копнееше по предвоена Полска; Туск сонувал за либерална Полска. Тие две визии можеа да коегзистираат за време на борбата против комунизмот, но по 1989 година беа во постојана тензија и двете го бараа правото на наследството на Солидарност за нивниот политички идентитет.

Кој е легитимниот наследник на Солидарност: националистичката, католичка Полска претставена од Качински или либералната Полска претставена од Туск? Токму тоа е прашањето што им беше поставено на гласачите. Полската историја, во своите најдобри моменти, отсекогаш звучела како ноктурно на Шопен, па не треба да нè чуди што во изборната ноќ Туск звучеше како некој што победил не само на изборите, туку и во симболичната борба за минатото. Тој успеа да ја трансформира својата коалиција во партија на национална гордост, додека го поврати правото на национална историја за каузата на либералите.

Пропадна големиот експеримент на партијата Право и правда да го прикаже полскиот идентитет во 21 век како бескрајна војна на два фронта, против Русите и Германците. Во филмот „Катинска шума“ на Анджеј Вајда од 2007 година, еден краток сегмент брилијантно ја изразува трагедијата на полската историја, моментот кога Германија ја нападна Полска во 1939 година, а Советите го окупираа источниот дел од земјата. Во сцената поминуваат две колони Полјаци: едната бега од Германците, со надеж дека ќе има поголеми шанси за преживување на територијата окупирана од Москва, а другата се движи од исток, со свежи сеќавања на руското владеење, кон германската зона. За Качински, борбата против Русија и Германија е трајна состојба на полската држава и од таа борба тој ја создаде својата лична религија.

Кога Русија започна тотална војна против Украина, полската влада беше еден од најсилните и најжестоките поддржувачи на Киев, додека полското општество прифати стотици илјади бегалци. Сепак, Качински се обиде да ги убеди Полјаците дека Германците се уште поопасен – невидлив – непријател и дека ЕУ е само вегетаријанска верзија на Четвртиот Рајх. Во медиумите под контрола на владата, Туск отсекогаш бил претставен како германска марионета, агент и на Ангела Меркел и на Путин.

Се чини дека Качински ја сметаше победата на опозицијата за поголема закана за суверенитетот на Полска отколку руската победа во Украина. Значајно е што во неговите први јавни коментари по губењето на парламентарното мнозинство, тој посочи дека зад главните опозициски партии кои сега ќе ја формираат новата влада стојат странски сили – особено Германија и Русија. Во овој контекст, поразот на партијата Право и правда е можност да се стави крај не само на „полско-полскиот“ конфликт, туку и на необјавената полско-германска војна.

Иднината никогаш не е толку светла како што ја прикажуваат победниците на изборната ноќ. Опозицијата навистина победи, но овие избори уште еднаш потврдија дека има две Полска – а втората, Полска на Качински, нема само да исчезне. Егзистирањето на новата владејачка коалиција нема да биде лесно. Победата на опозицијата не значи дека ќе исчезне недовербата кон Германија, ниту пак дека полската критика кон Германија воопшто беше погрешна.

Но, оваа победа сигнализира и политичка промена во Полска и промена на расположението во Европа. Свртувањето на Европа кон десно сега изгледа помалку неповратно. Победата на Туск во Варшава го остава Орбан во политичка изолација во ЕУ поголема од кога било досега. Политичката иднина на Орбан сега се чини дека зависи од исходот на следните претседателски избори во САД.

Во време кога војната во Украина го помести центарот на гравитација на ЕУ на исток, враќањето на Полска во европскиот мејнстрим е од егзистенцијално значење. Подобрената динамика на германско-полските односи денес е исто толку важна за иднината на ЕУ како што беше зближувањето меѓу Франција и Германија во 1950-тите. Самоуверена и проевропска Полска може да се покаже како одлучувачка сила во повторното замислување на Унијата. Но, тоа е Полска – треба да бидеме подготвени за секое изненадување.

*Иван КРАСТЕВ (Ivan Krastev/Иван Кръстев, 1965, Бугарија), е политиколог, претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија, постојан соработник на IWM (Институт за хуманитарни науки) во Виена и Фондацијата Роберт Бош (Robert Bosch Foundation).

(The Guardian)

Подготвил: С.С.

Зачлени се на нашиот е-билтен