Дека Македонија е на пат да се ослободи од гасот од истокот, односно од Русија и Газпром, говори и учеството на Македонија во проектот Александропули кој опфаќа два мегаподпроекти – Гасниот терминал за ЛНГ, односно втечен гас од САД, Катар, Египет и други земји, и гасната електрана на „прстофат“ до терминалот со капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите треба да бидат завршени до крајот на 2024 година.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во бурата од информации и коментари за исходот од Самитот на Европската Комисија, според кој заради блокадата на ВМРО-ДПМНЕ нема да се одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ за продолжување на преговорите за членство, речиси незабележано помина веста дека специјално прилагодениот танкер „Александропулис“, односно пловната единица за складирање и регасификација (FSRU) доплови до грчкиот град Александропулис, од каде што, откако ќе биде ставена во функција, веројатно во првиот квартал од 2024 година, ќе снабдува со приоден гас низа земји, меѓу кои и Македонија.
Гасниот терминал „Александропулис“ е најдобриот епилог на ситуацијата во којашто се најде Македонија, како злоупотреба на руските потенцијали со енергенси како оружје во политиката и војната во Украина, отвори дополнителни суштински прашања за стратегијата на нашата земја во однос на сопствената енергетска независност како единствена исправна перспектива.
Дека Македонија е на пат да се ослободи од гасот од истокот, односно од Русија и Газпром, говори и учеството на Македонија во проектот Александропули кој опфаќа два мегаподпроекти – Гасниот терминал за ЛНГ, односно втечен гас од САД, Катар, Египет и други земји, и гасната електрана на „прстофат“ до терминалот со капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите треба да бидат завршени до крајот на 2024 година.
Северна Македонија беше поканета уште на стартот на овој голем проект, кој со 167 милиони евра е поддржан и од ЕУ, да биде содружник, односно акционер, и Владата на Ковачевски, откако претходниот премиер Заев ја започна постапката, ја продолжи до заокружување целата постапка со потпишаните меморандуми и изразени намери за учество.
Проектот Александропулис не е само гасниот терминал, и за количните коишто треба таму да се закупат, туку станува збор и за гасна централа како енергетски објект со капацитет од 800 мегавати којшто ќе биде завршен во 2024 година.
Од ЕСМ за потребите на оваа анализа добивме информација дека гасниот терминал во Александропулис, кој започна да се гради во мај годинава, АД ЕСМ закупи 10% од капацитетот, односно за истото веќе е потпишан договор. Капацитетот на гасниот терминал ќе изнесува 5,5 милијарди nm3, од кои АД ЕСМ односно Северна Македонија ќе закупи 10%, односно 500 милиони nm3 гас од вкупниот капацитет на терминалот.
Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400nm3, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал Александропули и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на Гаспром, односно Русија.
Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, ако имаме предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постоечката во Неготино.
Со оглед на местоположбата што ја имаме како држава и поставеноста на своевидна крстосница, со нашето учесттво во Александропули се отвора и можноста преку Северна Македонија, со дополнителни интерконектори да се реализира снабдување и на земји, пред сѐ Албанија и Косово, и на тој начин како држава да оствариме значителна заработка.
Оваа можност во 2020 година ја договори претходниот премиер Заев кој издејствува учество на нашата земја во овој проект со тоа што петте акционери ДЕПА (грчката државна компанија за изградна на гасна инфратсруктура), Булгартрансгас (државна компанија за дистрибуција на гас), Гаслог (приватна компанија за бродски ттранспорт на ЛНГ), Копелузос (приватна компанија за трговија со гас и гасна инфраструктура) и ДЕСФА (државна компанија за дистрибуција на гас), како содружници акционери, се согласија да отстапат по 2% од своите акции за Македонија, односно за НЕР, акционнерското друштво за вршење енергетски дејности во државна сопственост.
Од НЕР ни одговорија дека „во тек се преговори за усогласување на текстот на договорот за интерконекција меѓу Гама (македонскиот дистрибутер на гас) и Булгартрансгас, кој ќе биде потпишан многу скоро, во тек се преговори за усогласување и на патоказот меѓу НЕР и Булгартрансгас, кој се надевам дека исто така ќе се потпише многу скоро, и со тоа ги дефинираме сите наши натамошни правци на соработка, во интерес на двата система за пренос на природен гас“.
Како што велат од ЕСМ вредноста на закупениот гас од 500 милиони кубни метри за нашите потреби ќе изнесува 9,8 милиони евра годишно и тие средства ќе бидат дел од цената на гасот, односно ќе бидат вградени во неа, и ќе се вратат преку продажбата на гасот, односно нема да постојат финансиски импликации, туку ќе има враќање на средствата вложени за закуп.
Од ЕСМ уште не информираа дека што се однесува до гасната електрана во Александропули, за проектот е потпишан меморандум меѓу ЕСМ и грчката страна.
“Тоа е добар проект“ вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, а енергетскиот консултант Митко Андреевски препорачува поголема проактивност во овој проект.
„Бевме едни од првите поканети да земеме учество во тој проект којшто е силно поддржан од САД“, нагласува енергетскиот консултант Андреевски.
Сето ова е во согласност со стратегијата на Северна Македонија да создаде посилен и диверзифициран енергетски сектор и, можеби најважното, да ја намали зависноста од еден добавувач и со тоа да ја елиминира ранливоста на надворешните шокови. Секако, останува и понатаму како приоритет инвестирањето во обновливи и еколошки извори на енергија и интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар како стратешки определби за земјата.
Во последните две или три години, се најавија инвестиции во големи капацитети во фотоволтаични и ветерни електрани и во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија, германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот, и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк исто така најголем во регионот, а до крајот на годината ќе заврши евалуацијата на понудата на единствениот и конечен инвеститор за изградбата на проектот Чебрен на грчкиот конзорциум ППС, по што се очекува потпишување на договор за изградба.
Проектот ХЕЦ Чебрен, кој како идеа се роди во далечната 1963 година, сега конечно стигна во својата втора фаза, откако пропаднаа 13 или 14 тендери и во наредните 7 години треба да биде завршен како проект што ќе го реализира грчката компанија „Архиродон“, една од најреномираните во светот.