Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ПОРТРЕТ: Кемал Киличдароглу, предизвикувачот на Ердоган

„Маршот на правдата“ од јуни 2017 година ја зацврсти насоката на Новата ЦХП. Откако обвинителите на Ердоган уапсија пратеник на ЦХП, Киличдароглу три недели пешачеше од Анкара до Истанбул (450 километри) со мал плакат на кој пишуваше „Правда“. Илјадници граѓани му се придружија. Приврзаниците на владата расфрлаа измет на патот и фрлаа камења по демонстрантите.

Каја Генч

Кемал Киличдароглу, лидерот на најголемата турска опозициска партија, Републиканската народна партија (Cumhuriyet Halk Partisi, CHP), на 6 март објави дека ќе се кандидира за претседател. Тој има поддршка од 13 други партии, иако опозициската алијанса беше на работ на колапс кога нејзиното десно крило го постави прашањето дали Киличдароглу, 74-годишен поранешен експерт за социјално осигурување, е „одржлив кандидат“. И покрај неговата чесност, трудољубивост и политичка вештина, десничарите се загрижени дека потенцијалниот кандидат може да загуби од Реџеп Таип Ердоган од културни и историски причини. Она што не го кажаа гласно е дека Киличдароглу е – алевит.

Алевитите, членови на хетеродоксна вера која вклучува аспекти на шиитскиот и сунитскиот ислам, сочинуваат помалку од 10 отсто од населението во Турција. Тие се прогонувано малцинство барем од почетокот на 16 век, кога шиитскиот основач на иранската династија Сафавид, Шахот Исмаил, водеше војна против сунитскиот османлиски султан Селим Први за контрола на источна Анадолија, дом на многу Алевити. Османлиите ги обвинија дека ги поддржуваат Сафавидите и убија дури 40.000 алевити. Во следниот половина милениум, алевитите живееле под сомнение дека соработуваат со сунитските непријатели.

Злоставувањето продолжило во републиканската ера. Илјадници алевитски Курди беа бомбардирани и убиени со отровен гас во 1938 година во Дерсим, родниот град на Киличдароглу. Многумина беа убиени во серија последователни масакри: во Ортака во 1966 година, во Мараш во 1977 година, во Малатија во 1978 година, во Сивас во 1979 година, во Чорум во 1980 година и во Мадимак во 1993 година. Неправдите се протегаа во 21 век, додека барањата за уставното признавање на алевизмот и правниот статус на нивните места за богослужба се игнорираа. Анкетата од 2019 година покажа дека 59 отсто од алевитите во Турција се чувствуваат како „странци“, додека 66 отсто се сметаат себеси за „граѓани од втор ред“.

Претставниците на десничарските партии мислеа на ова наследство кога сугерираа дека Киличдароглу не е конкурентен кандидат против Ердоган, кој пред 10 години го именуваше новиот мост преку Босфор по султанот Селим. Пет недели по објавувањето на својата претседателска кандидатура, Киличдароглу објави видео со наслов „Алевитите“ на интернет. Обраќајќи им се на првпат гласачите, тој ја отфрли идејата дека „алевит не може да биде претседател“ и го пофали секуларното наследство на Турција, кое им дозволува на луѓето од која било вера да бидат избрани за водачи. Триминутното видео постави рекорд во поновата историја на политичкото рекламирање во Турција: за само четири дена имаше повеќе од 100 милиони прегледи. Спомнувајќи ја неговата алевиска вера само попатно, иконокластичната (забрана за визуелни претстави за светите лица) претседателска кандидатура на Киличдароглу се чинеше дека успеа.

Киличдароглу е роден во 1948 година во Дерсим, каде што алевитите сочинуваат околу 85 отсто од населението. Неговата мајка била неписмена работничка на фарма, а татко му бил бирократ од нискиот ешалон. Пишувал поезија како тинејџер; откривањето на романот на Јашар Кемал „Мемед, мојот сокол“ во средно училиште му го променил животот. Киличдароглу се преселил во Анкара во 1968 година поради студиите (бил колега со Девлет Бахчели, водачот на Турската националистичка акција, која ја поддржува кандидатурата на Ердоган) и по дипломирањето се вработил во Министерството за финансии. Станал шеф на турската служба за социјално осигурување во 1991 година. Три години по неговото пензионирање, тој беше избран за пратеник во 2002 година, а во мај 2010 година стана лидер на ЦХП кога неговиот претходник поднесе оставка поради наводен секс-скандал.

Републиканската партија, основана од Ататурк во 1923 година, беше одговорна за масакрот во Дерсим. Киличдароглу е нејзиниот прв лидер од алевитската заедница. Ги избрка ултранационалистичките јастреби од партиските редови и почна да го користи терминот „Нова ЦХП“. Тој ја призна историјата на угнетувањето на Курдите и жените со превез, како и сузбивањето на исламот воопшто. Уделот на ЦХП во електоратот се зголеми од 21 отсто во 2007 година на 26 отсто во 2011 година.

Но, токму „Маршот на правдата“ од јуни 2017 година ја зацврсти насоката на Новата ЦХП. Откако обвинителите на Ердоган уапсија пратеник на ЦХП, Киличдароглу три недели пешачеше од Анкара до Истанбул (450 километри) со мал плакат на кој пишуваше „Правда“. Илјадници граѓани му се придружија. Приврзаниците на владата расфрлаа измет на патот и фрлаа камења по демонстрантите.

Киличдароглу прифати 15 кандидати од Добрата партија (İyi Parti), отцепено националистичко движење, за општите избори во 2018 година под знамето на ЦХП, со цел изборниот цензус да не им го блокира влезат во парламентот. Тој, исто така, избра политичари од конзервативната средина за да откине дел од изборната база на Ердоган. Победничкиот кандидат на ЦХП на изборите за градоначалник на Истанбул во 2019 година, Екрем Имамоглу, објави видео на кое рецитира дел од Куранот во џамија и ја изрази својата поддршка за затворените курдски политичари. ЦХП на тие локални избори освои 5 од 6 градови, вклучувајќи ја и Анкара за прв пат по четвртина век. Последните анкети пред првиот круг на изборите покажаа дека поддршката на Киличдароглу порасна од 45 отсто на 49 отсто, цели 5 отсто пред Ердоган.

Зборувајќи за својот ривал, Киличдароглу вети дека „демократски ќе го отстрани тој господин од функцијата“.

Ердоган користи различен јазик: „Наполнивте 74 години, зошто одеднаш излеговте со вашата верска секта?“, праша тој на неодамнешниот партиски митинг. „Основата на оваа нација е силна, ако дозволи Алах, Збогум Кемал Бег (Bay Bay Kemal) ќе ја научи својата лекција“, се потсмеваше тој. Ердоган со години го нарекува својот ривал „бег“ (Bay) Кемал, сугерирајќи дека е елитист со исто име како Кемал Ататурк.

Киличдароглу ја прифати титулата и од неа направи слоган во изборната кампања. Деновиве Ердоган на својот противкандидат алевит му се обраќа со „Бај бег Кемал“ (Bay Bay – goodbye – Kemal). Во недела на 28 мај ќе видиме кој од нив ќе си замине.

Каја Генч (Kaya Genç) е романсиер и есеист од Истанбул; објавува во The New York Times, The Paris Review, The Guardian, The Financial Times, The London Review of Books, Salon, Guernica Magazine, Sight & Sound, The Millions, The White Review, TIME Magazine…

Извор: London Review of Books

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново