Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Посетата на Курти ја разбранува македонската јавност: „Факт е дека косовскиот премиер не ја злоупотреби бината за негативни ставови кон Македонија“

Сè уште актуелна е последната посета на косовскиот премиер Албин Курти на земјава, која предизвика жестоки реакции во македонската јавност.

Неодамнешниот инцидент во кој беше развеено знамето на „Голема Албанија“ на собирот во Тетово и изјавите дека Македонија треба да биде поблиску до Албанија, Бугарија и Косово, а не до Србија, што доведе до тоа да се запрашаме кои се скриените мотиви на премиерот на Косово.

Исто така, Курти присуствуваше и на преименување на улица во Скопје, во човек кој нема никаква врска со историјата на земјава.

Вредно за спомнување е и дека косовскиот премиер се сретна само со политичари со албанскиот опозициски блок.

„Локално“ на темава поразговара со дел од албанските аналитичари во земјава, кои не гледаат лоши пораки во посетата и изјавите на Курти во однос на нашата земја. Универзитетскиот професор Мерсел Биљали оценува дека „ние на Балканот не ја знаеме елементарна логика на современата дипломатија“. Истакнува дека постојат неформални посети од типот „инкогнито“, кога важна државничка личност доаѓа приватно во некоја држава, но тука мора да се известат домашните органи заради неговата безбедност.

Мерсел Биљали

Државата на приемот таа посета ја чува во тајност, па и приватноста на посетителот. Не е пожелно да се патува висок ранг без да ги информира домашните органи. Друго ниво е кога тој доаѓа не во свое својство, туку како недржавничка посета на политички партии или личности. Тука државата на приемот го обезбедува во целост. Мислам дека Курти го направил ова второто, но требаше јасно да каже дека се работи за партиска посета. И тука нема потреба ни за знамиња ни за химна. Друго си е неговата политичка цел и тука може да се праќаат некакви флексибилни пораки, смета Биљали.

Професорот порачува дека не требаше да се драматизира оваа посета, барем од ниво на домашни политичари.

Новинарите ги разбирам, тука има емоции, инаети, нарачки, незнаење, ама тоа треба да остане на тоа ниво. Лично, не сум голем обожавател на Курти и со моите настапи жестоко сум ги критикувал некои негови постапки во однос на навредите на видни личности од САД и ЕУ и преговорите. Тој си е популист, а тие знаат често и штета да направат. Не можете Блинкен да го наречете „наивец“! Но, тука кај нас немаше такви лоши пораки. Тој си е популист и веројатно се чувствува лошо поради оправданите напади што му ги прави Еди Рама, ни рече Биљали.

Дециден е тоа што некој поединец своеглаво истакнал знаме за „Голема Албанија“, не вреди ни пола збор да се каже за него и неговиот потег.

Ме загрижува тоа што тука можете да украдете тешки милиони и луѓето да се индиферентни, а за банални работи им се качува притисокот. Тука проблемот е кај нас самите. Јас го разбирам Курти оти тој на Косово сега мора да го прави тоа што самиот го напаѓал и со димни бомби по косовските институции. Популистите имаат таква потреба, но тоа не му помага, објаснува професорот и аналитичар.

Биљали не очекува никаква дестабилизација на регионот, бидејќи како што вели, други фактори се одлучувачки за тоа.

Македонија најмногу е загрозена од самата себе. Таа треба да го сочува партнерството со САД што понекогаш не го прави. Ние сме виделе тука руски знамиња. Академици држеа говори против САД и ЕУ. Дополнително тоа што ние немаме елементарна визија за економски развој. Луѓето ни бегаат. Тоа е проблемот, а не маргиналците. Македонија од втора држава меѓу 16 држави од Источна Европа беше втора по развојот и ЕУ интеграциите. Сега е последна, токму поради тоа што се занимава со тривијални работи. Не е добро да мислиме дека сите се против нас. Со Бугарите, го правиме токму тоа што го посакуваат бугарските националисти. Насекаде во светот има вакви појави, па никој не се занимава со тоа. И самите ние често тука го истакнуваме знамето на „Голема Македонија“, заклучува Биљали.

Алберт Муслиу

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу оценува дека ако политичките партии и политичарите, пред се македонските, реагираат на тој начин во однос на посетата на Курти, „нормално дека ќе генерираат тензии од нешто што беше тенденција за да се препознае улогата на еден политички дисидент (Адем Демачи) од тоа време.

Човек кој бил 28 години во затвор и човек кој после ослободувањето на Косово беше еден од првите бранители и борци за малцинските права, вклучувајќи ги и српските. Така не го проектираа ни во Србија во тоа време, како што се трудеа некои политичари од тука, тоа да го направат, истакнува Муслиу за „Локално“ за човекот кој доби улица со неговото име во скопски Чаир.

За реакциите од посетата на косовскиот премиер, Муслиу би ги упатил да ги слушаат изјавите и говорите на Курти на двата настани.

Тие беа прилично коректни и пријателски и тука се спомна пријателскиот говор со Македонија и нашите институции. Во неговиот говор не видов ништо што би било негативно оценето. Кои се намерите, не ги знам, но говорот беше коректен и принципиелен и ништо негативно. Тоа што албанските опозициски партии се трудат неговата популарност да ја искористат во политичкиот процес е политички легитимно и ќе видиме што резултати ќе даде. Курти не ја злоупотреби бината за некои негативни ставови во однос на Македонија и тоа е факт, порачува Муслиу.

Според него, Курти е во отворен спор и со ЕУ и САД во однос на прашања со сверот на Косово.

Тоа не е некоја тајна. Има тензии на северот на земјата, кои се трудат да ги надминат и постои поголеми напори и од Брисел и Вашингтон. Тоа е политичка приказна меѓу Курти и Вучиќ и ние тука немаме ниту интерес, ниту можност да влијаеме, ни рече аналитичарот во однос на тоа дали косовскиот премиер има поддршка од Западот и меѓународните институции за потезите што ги влече.

Н.П. (Локално)

Зачлени се на нашиот е-билтен