Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Потерницата од Хаг за Путин – главен мотор на новите руски дезинформации и закани

Март во македонскиот медиумски простор беше одбележан со еден главен и нов дезинформациски наратив од Москва, кој беше разработен кратко време по веста дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг објави налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и комесарката за права на децата Марија Лвова Белева. Два дена по објавената „потерница“ по Путин, од Москва стигнаа закани дека апсење на рускиот претседател би значело објава на војна на Русија и како специфични примери беа посочени Хаг и Берлин врз кои ќе паѓале руски ракети

Нов дезинформациски наратив базиран на нереални закани беше забележан во март 2023 година, а директно поврзан со рускиот претседател Владимир Путин, откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) објави дека е осомничен за воено злосторство. Веста што го обиколи светот дојде од МКС на 17-ти март, кога беше соопштено дека е издаден налог за апсење на Путин и на Марија Алексеевна Лвова – Белева, комесар за правата на децата при Канцеларијата на Претседателот, товарејќи ги со основано сомнение дека се виновни за незаконски трансфер на илјадници деца од Украина во Русија, почнувајќи најрано од 24 фeвруари 2022 година. Обвинителот на Судот врз чие барање е издаден налогот, Карим Ахмад Кан истиот ден во паралелна изјава ги појасни причините за барањето и додаде дека неговата канцеларија истражува и други злосторства врз цивилно население и нема да се двоуми да поднесува обвиненија и за други злосторства сторени во Украина.

Повеќе детали за налогот и првичните реакции на Москва може да се прочитаат во текстот на „Вистиномер“ што беше објавен на 18 март.

Медведев и Соловјев со закани за ракетирање на Хаг и Берлин

Откако два дена по налогот од Хаг од Москва имаше само молк или само кратки изјави на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков дека налогот е бесмислен, срамен и ништовен, зашто Москва не ја признава јурисдикцијата на Судот, веќе на 20 март Русија тргна во контранапад.

Руското правосудство, како што беше соопштено, подигнало кривична постапка за обвинителот на Хашкиот суд Ахмед Кан, за кривични дела опишани во рускиот кривичен законик.  Истиот ден, Дмитриј Медведев, член на Советот за безбедност на Руската Федерациија и еден од главните пропагандисти на Москва, упати закана за напад со хиперсонична ракета врз зградата на Судот во Хаг, што беше минимално пренесено во македонскиот медиумски простор, бидејќи повеќето медиуми обратија внимание на аспектот за „последиците по меѓународното право“ (подоле во текстот посебно за тоа).

Фото: Dmitry Astakhov, Government of the Russian Federation – government.ru

Сепак, наратив со подраматична закани за бомби дојде на 23.03.2022 година, а овојпат цел беше Берлин. Дмитриј Медведев излезе со нова приказна во руската информациска војна, а тоа е дека апсењето на претседателот Владимир Путин каде било во светот би значело објава на војна со Русија, но се насочи прецизно кон главниот град на Германија.

Повеќе медиуми во македонскиот медиумски простор ја пренесоа изјавата на Медведев со заканата за војна, пренесувајќи ги всушност информациите на странските релевантни медиуми (види тука и тука), при што ги наведуваат зборовите на поранешниот шеф на руската држава и поранешен премиер:

Да замислиме дека апсењето е реализирано за шефот на нуклеарната држава (Путин) да оди на територијата на, да речеме, Германија и да биде уапсен. Што би било тоа? Тоа би било објава на војна против Руската Федерација. И во тој случај, сите наши средства – сите наши проектили – би одлетале до Бундестагот, до канцеларијата на Kанцеларот – порачал Медведев во видеообраќање преку Телеграм.

Пораката не Медведев дојде само ден по иста таква радикална порака од рускиот пропагандист Владимир Соловјев, кој во своето шоу преку закана до германски министер кој рекол дека Путин ќе биде уапсен доколку стапне на германска територија, изјавил:

Тоа бара итен нуклеарен напад врз таа земја! Итно! Односно, секој обид да се стори тоа, да се оди против волјата на рускиот народ, што е многу јасно изразена, мора да резултира со ракетен напад – изјавил Соловјев.

И оваа порака од пропагандистот на Путин, како што го нарекуваат Соловјев, беше пренесена во дел од информативниот простор во земјава.

„Хаос во меѓународното право“ – уште еден дезинфо наратив

Претходно, на 20.03.2023 година Дмитриј Медведев, излезе со првата реакција околу налогот за апсење на Владимир Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд во Хаг. Дезинфо наративот се состои во заканата по „хаосот што ќе настанел во меѓународното право“, бидејќи Судот се заканил на лидер на нуклеарна сила, која патем, не била членка што го подржува Римскиот статут со кој е формиран Судот.

Практичната вредност секако не е ништо, но ви благодариме што се сетивте на нас. Сепак, последиците за меѓународното право ќе бидат монструозни. Затоа што ова е колапс на темелите, на принципите на правото. Вклучувајќи ги и постулатите според кои одговорноста е неизбежно. Сега никој нема да бара никакви меѓународни тела, сите ќе се договорат меѓу себе. Сите глупави одлуки на ОН и другите структури ќе почнат да пропаѓаат. Доаѓа мрачно зајдисонце за целиот систем на меѓународни односи. Довербата е исцрпенакоментира Медведев.

Пораката на Медведев беше пренесена во македонскиот медиумски простор без коментари, некаде целосно како што е случајот со 4News или скратено како што е случајот со СП.

Заканите од Медведев се всушност дезинформации слични на пропагандните дезинформации што Медведев ги објавува редовно и секојдневно уште од април минатата година, за што „Вистиномер“ објави анализа уште во ноември 2022 година. Такви беа заканите за „Армагедон“ што ќе го снашол цел свет, закани за уништување на западните земји, посебно од Европа, поради помош при вооружувањето на Украина, закани со страшни економски последици, смрзнување во текот на зимата на земјите од ЕУ поради санкциите кон Русија и слично.

Одлуката на Хаг и дезинформациите на социјалните мрежи

Одлуката за налог за апсење на Путин и неговата соработничка, евидентно се одрази и на дезинформациите што се дистрибуираа преку социјалните мрежи во македонскиот информативен простор.

Покрај редовните и познати руски наративи што се шират, а ги забележа и ги разобличи „Вистиномер“, како што се тврдењата дека Русија е во војна со НАТО или дека Русија не го негира украинскиот идентитет, директно со одлуката на МКС се поврзани два екстремни дезинфо наративи.

Првиот е дека во Украина се случувал педофилски скандал, односно Запад му бил лут на Путин „зашто тој ги спасувал украински деца од западните педофилски канџи“. Повеќе за ова може да се најде во текстот на „Вистиномер“ Манипулација: Путин прикажан како херој кој спасувал украински деца!

Втората дезинформација ја носеше приказната за обвинителот Карим Ахмед Кан од Судот во Хаг. На социјалните мрежи беше објавено тврдење дека бил пронајден мртов во својот стан во Хаг. И за оваа дезинформација може да се прочита во текстот на „Вистиномер“ во редовната рубрика Проверка на факти – Не е вистина дека обвинителот кој го гони Путин е пронајден мртов.

Други дезинформации поврзани со агресијата врз Украина

Од другите дезинформации што како главни наративи можат да се сретнат во македонскиот медиумски простор, може да се издвои онаа дека во Украина војната се води помеѓу НАТО и Русија. Ова беше искажано на мејнстрим медиум од страна на поранешниот обвинител, а денеска аналитичар Сотир Костов.

Тој во дебатна емисија што се емитува на Канал 5 ТВ, на 6 март 2023 го изнесе својот став кој се совпаѓа со пропагандните пораки од Москва:

Таму не се води војна меѓу Украина и Русија, таму се води војна меѓу Русија, НАТО и САД подржани од ЕУ, а ЕУ е најголемит губитник од оваа војна (во 41 минута од видеото).

На 14/15/16 март 2023 година, македонската јавност преку известување на медиумите можеше да проследи уште една дезинформација проследена од рускиот државен врв, преку деталите за инцидентот во кој американски дрон во сопственост на Военото воздухопловство на САД беше урнат во водите на Црно Море во близина на Крим, по соочување со два авиона – ловци на Военото воздухопловство на Руската Федерација од типот СУ-27.

MQ-9 raptor. Фото: Википедија

Во првите два дена од инцидентот во домашната и светската јавност преку медиумите доминираа две спротивставени вистини – американската во која тие тврдеа дека паѓањето на дронот е дело на „неодговорно и непрофесионално“ дејствување на руските авиони и руската, според која дронот се урнал сам поради остар маневар и дека руските авионите немале допир ниту пак пукале врз американското летало. Помеѓу овие две спротивставени вистини Би Би Си објави трета можна, а тоа е дека уривањето е дело на несреќен случај. Повеќе за ова може да се прочита во инфо сторијата на „Вистиномер“.

Но, веќе на 16-ти март американските власти објавија видео снимено од камерата на дронот, од кое се гледа дека САД имале право кога тврдат дека руските авиони летале опасно и непрофесионално блиску до американското летало. Односно се гледа обидот на рускиот пилот да го засипе дронот со гориво испуштено од сопствениот авион, по што се забележува оштетен дел од пропелерот. Со оваа видеоснимка отпаѓаат руските тврдења дека пилотите немале контакт со леталото.

Тоа го потврди и секретарот за печат на Пентагон бригадниот генерал Пет Рајдер на брифингот со новинарите на 16.03.2023 година, одговарајќи на прашањето дали руските пилоти го сториле тоа намерно:

Во однос на тоа дали ова беше намерно, ќе ви кажам што знаеме, а што не знаеме. Знаеме дека ова агресивно однесување беше намерно — од страна на пилотите.

На истиот брифинг беше поставено и прашањето дали САД побарале извинување од Русија за уривањето на дронот. Одговорот беше негативен. Руската агенција ТАСС на 17.03.2023 г. го објави само овој сегмент од целито брифинг во својот сервис на англиски јазик. Во македонскиот медиумски простор исто на 17  март, блогот Антропол беше единствениот медиум што ја објави оваа информација во целост.

Од дезинформациите во С. Македонија доминираа оние за бомбите

Дезинформациите во С. Македонија поврзани со Украина или со други содржини, а кои потекнуваат од Русија, во март беа „измерени“ на друг начин. Според опсежна анализа што доаѓа од НВО секторот од Софија, најголем „спамер“ со руски дезинфо приказни или наративи доаѓа од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, која има огромен број на објави, несвојствено за амбасада, но и уште поголем број интеркации кои се остваруваат со граѓаните, споредено со амбасадите низ балканските земји. Повеќе за ова може да се прочита во анализата на „Вистиномер“- Руската амбасада во Скопје – главниот дипломатски интернет спамер во С. Македонија.

Од другите дезинформации кои се или странично поврзани со интереси на трети земји, или се водат како целосно или делумно хибридни закани или хибридни напади, во март доминираа информациите и дезинформациите поврзани со анонимните закани за поставени бомби.

Скопската гимназија „ЈБТ“. Фото: Мета.мк

На 07.03. 2023 година СДСМ, преку својот пратеник и претседател на Комисија за безбедност и одбрана во Собранието, Миле Талески, предупреди дека ВМРО-ДПМНЕ ја поткопува безбедноста на тој начин што нејзина претставничка повикала да не се почитуваат новите протоколи за третирање на дојавите за бомби по училиштата.

Јавните настапи на претставници од ВМРО-ДПМНЕ, како на пример Весна Јаневска која повикува на непочитување на новите протоколи е директно поткопување на дејствувањето на надлежните институции во борбата против хибридните напади – изјави Талески.

СДСМ уште еднаш со соопштение на 08.03. 2023 г. предупреди дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ, застанува зад хибридните напади:

Со повик за непочитување на новите протоколи, од страна на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија ја попречува работата на институциите во спроведување на мерките со справување со дојавите за поставени бомби во училиштата. Со вакво неодговорно однесување, ВМРО-ДПМНЕ застанува зад хибридните напади, чија цел е создавање немир, тензии, недоверба и страв кај граѓаните – се вели во соопштението на СДСМ.

На 09.03.2023 година ВМРО-ДПМНЕ одговори со соопштение испратено до медиумите, во кое повторно се наведува дека министерот Оливер Спасовски и МВР не можат да ги откријат сторителите и поттикнуваат неодговорно однесување и страв:

Срам за власта е што таа со месеци не може да открие кој стои зад лажните дојави за бомби и да го спречи таквиот чин, кој внесува немир и несигурност кај граѓаните. Зошто МВР не реагира соодветно и не ги спречи дојавите за бомби, и дали свесно остава простор за да се шири паника? Дали Спасовски свесно молчи и со тоа влијае на создавање на уште поголем хаос, во кој криминалците ќе може да дејствуваат?

До ваквиот развој на настаните дојде откако на 03.03.2023 стапија во сила новите протоколи за постапување на надлежните околу дојавите за бомби кои беа усогласени помеѓу МОН и МВР, но и откако министерот за внатрешни работи соопшти дека покрај од странските адреси, МВР лоцира дека има и домашни помагатели или домашна врска во случајот. Повеќе за ова може да прочитате во анализата на „Вистиномер“ објавена 06.03.2023 година во рубриката Контраспин.

Петровска„Целта на хибридните закани е паѓање на владите“

Конечно, уште една потврда за тоа што е целта на нападите, а поради тоа се вади и (основана) претпоставка за сторителите, кон средината на месецот даде министерката за одбрана Славјанка Петровска. Во интервју за ТВ 21 зборувајќи за интернет нападите како дел од специјална хибридна војна не само врз С. Македонија туку и на Западен Балкан Петровска изјави:

Секоја хибридна војна чијшто составен цел се овие сајбер напади има своја цел. Најчесто целта на хибридните војни или сајбер напади е практично да се дојде до пореметување на општественото живеење што впрочем и се случува кога има зачестени напади. Се повеќе и повеќе кога се создава задоволство во едно општество се надополнува со незадоволство на друга сфера. Целта е да се предизвика паѓање на Владите, најчесто оние кои се западно ориентирани.

Како што започна, месецот така и заврши, со информација од министерот Оливер Спасовски дека е откриена група, тој ја нарекува кластер на домашни заканувачи против кои се водат постапки, и наскоро ќе биде покрената кривична пријава за делото тероризам. Тој ова го најави при крајот на месецот, а во интервју за МТВ1 на 29.03.2023 г. уште еднаш детално го повтори, при што беше пренесен во дел од медиумите:

Ова е еден од кластерите кои сметаме дека практично ги прави тие дојави во повеќе училишта, временски периоди кои беа во изминатиот период. Секако дека постојат и други, знаете и претходно дека имавме четири или пет случаи кои ги детектиравме. Тоа беа индивидуални, но тоа се лица кои го загрозија процесот на образование

За разлика од почетокот на месецот, за ваквите изјави на Спасовски повторени неколкупати во последната недела од март, немаше никаква реакција од страна на главната опозициска партија или од други политички субјекти во земјата.

А, она што ја докажува надворешната врска и геостратешките цели на трети страни, е и фактот што непосредно пред парламентарните избори во Бугарија, оваа соседна земја повеќе денови беше изложена на серија закани за поставени бомби најчесто во училишта. Сличноста помеѓу заканите во С. Македонија и Бугарија, но и ползување на искуствата од Скопје, ја потврди и бугарскиот експерт Јордан Божилов во интервју за БНТ.

Преземено од Вистиномер.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен