Маркетите ќе започнат со промена на цените на дел од основните прехранбени производи. По лебот, кој само пред неколку месеци се купуваше дури и за десет денари поскапо, на ред за поевтинување дојдоа тестенините, а најава има и за зејтинот и млечните производи.
Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека тестенините поевтинуваат за 15 отсто, а млечните производи за 10 проценти и нивните цени ќе се замрзнат. За шпагетите и макароните се укинуваат и увозните царински давачки од 13 март до 31 мај 2023 година. Од друга страна за млечните производи одлуката ќе биде во сила од 17 март до 31 мај годинава и се однесува на трајно кравјо млеко со 2,8, 3,2 и 3,5 отсто масленост, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт.
– Се намалува продажната цена на тестенини, макарони и шпагети, за 15 отсто или во просек за осум до девет денари. Се укинуваат и царинските давачки за увоз на овие продукти од 13 март до 31 мај 2023 година. Се замрзнуваат и цените на млечните производи: трајно кравјо млеко 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, урда, кравјо и мешано бело сирење, кравји кашкавал, кисело млеко, павлака и јогурт. Цените се намалуваат за десет отсто, а одлуката важи од 17 март – 31 мај 2023 година, рече Ковачевски.
Продуктите ќе бидат намалени за 10 до 15 проценти од цената за која се продавале во маркетите на први март.
Министерот за економија Крешник Бектеши информира пак, дека идната недела ќе се направат анализи и ќе се утврди дали ќе бидат замрзнати цените и на шеќерот, јацата и оризот.
– 99,9 отсто од компаниите ја користат максималната маржа која е наведена од 20 отсто и се здружени да не ги намалат профитите. Затоа одлучивме да го смениме моделот и да одиме на замрзнување на цените – кажа Бектеши.
Од Министерството за економија претходно информираа дека намалувањето ќе биде и поголемо, имајќи предвид дека постојат цени на одредени тестенини кои во моментов се продаваат по 51 денар, а тие очекуваат отсега да се продаваат за не повеќе од 44 денари. Средствата за ваквите мерки се обезбедија откако беше решено да се укине мерката за субвенционирана струја на компаниите од прехранбената индустрија. Месечно, за оваа цел се издвојуваа 500 илјади евра, но сега овие пари се пренаменети за директно намалување на цените на основните прехранбени производи.
Се очекува да се види колку точно ќе биде намалувањето на цените кога одлуката ќе стапи на сила, со оглед на фактот дека во пикот на инфлацијата, во ноември минатата година кога еден литар зејтин се продаваше за 119 денари, цената на белиот и полубелиот леб варираше од 38 до 45 денари, а млекото со 2,8 масленост достигнуваше и до 83 денари.
Во меѓувреме, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна истакна дека инфлацијата бележи опаѓање, тренд што започнал во октомври.
– Економските движења укажуваат дека има активности со кои инфлацијата паѓа и што е добра информација за сите. Во овој период и покрај сите одредени мерки за помош и на стопанството и на граѓаните, за жал тенденцијата за раст на цени продолжи и рековме дека мора да се стави крај. Интересот на граѓанинот мора да биде на прво место. Затоа донесовме одлука за замрзнување на цената на основниот прехранбен производ- лебот, рече Битиќи во гостување во емисијата „10 Минути“ на ТВ21.
Бранот поевтинувања на основните прехранбени производи започна со замрзнувањето на цената на лебот. Кон крајот на ноември белиот и полубелиот леб се продаваа од 38 до 45 денари, а сега максималната цена за утврдена количина од 450 грама е 33 денари.