Дури 62,45 отсто од производената и зафатена вода од водоводните системи во 2022 година била неприходувана вода
Македонските општини минатата година не воделе грижа за намалувањето на загубите на вода за пиење во водоводните системи, со кои управуваат нивните јавни комунални претпријатија. По период од четири години во кој континуирано се намалуваше процентот на неприходувана вода, лани за првпат е забележан негативен тренд на пораст на загубите на вода за пиење. Дури 62,45 отсто од производената и зафатена вода од водоводните системи во 2022 година била неприходувана вода, покажуваат најновите податоци од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) за 2022 година.
Процентот на неприходувана вода за пиење во водоводните системи во Македонија расте.
„Нивото на неприходувана вода кај давателите на водни услуги за 2022 година врз основа на последните достапни податоци, во однос на 2021 година, е зголемено за 1,96 отсто и ја прикажува реалната состојба на неприходувана вода во државата врз основа на досегашните добиени извештаи од претпријатијата“, се наведува во Годишниот извештај на РКЕВУ.
Во споредба со 2021 година, количеството на произведена вода што влегла во водоснабдителните системи лани е намалена за 8,58 отсто, но исто така и процентот на фактурирана вода лани бележи забележително намалување од 13,11 отсто.
Официјалните податоци на РКЕВУ покажуваат драстични разлики во процентот на загуби на вода за пиење меѓу општините и регионите во земјава. На ниво на локални самоуправи, процентот на неприходувана вода во 2022 година се движел помеѓу 11 отсто и фрапантни 92 отсто кај водоводните системи со кои управуваат јавните комунални претпријатија.
Како и по општини, драстични разлики има и кај регионите. Па така, најмал процент на неприходувана вода од 21,3 отсто во 2022 година имало во Североисточниот регион. Ваквите загуби се поклопуваат со насоките на Меѓународната асоцијација на води, која нагласува дека прифатлив процент на загуби на вода за пиење во водоводните системи треба да е под 30 проценти.
Сепак, ниту еден друг регион не ги следи зададените насоки на Меѓународната асоцијација на води, па така загубите на вода за пиење во Југоисточниот регион изнесувале 49,4 отсто. Процентот на неприходувана вода за пиење во Вардарскиот регион бил 58,8 отсто, во Скопскиот регион 59,9 отсто, а во Пелагонискиот регион 60,4 отсто.
Најголем процент на нефактурирана потрошувачка на водата за пиење имало во населените места од Источниот регион (66,3 отсто), Југозападниот регион (66,7 отсто) и Полошкиот регион (75,8 отсто). Ова значи дека постои разлика од над 50 отсто помеѓу најдобро рангираниот Североисточен регион наспроти Полошкиот регион како најлошо рангиран.
Инаку, под терминот „неприходувана вода“, влегуваат сите губитоци на вода кои се појавуваат како резултат на дотраените водоводни цевки и друга инфраструктура низ која протекува водата, дивите приклучоци на водоводните системи, неточноста на водомерите и грешките при ракување со податоците од самите јавни претпријатија. Под овој процент потпаѓа и легалната, но нефактурирана потрошувачка на вода за пиење, што ги вклучува полевањето на јавните површини (зеленило, улици), водата за работење на фонтани, јавни тоалети и слични користења, каде наместо техничка вода, се троши питката вода.
Мета.мк повеќе од три години пишува за клучните чекори што треба да ги преземат општинските власти во функција на намалување на процентот на неприходувана вода. Прв и најважен, неопходно е да се инвестира во откривање на протекувањата на водоводните цевки и во инвестирање за замена на постојната инфраструктура. Во оваа насока, македонската влада веќе обезбеди заем од Европската инвестициска банка од 50 милиони евра за општините, при што до крајот на 2023 година ќе се објави првиот повик за пријавување на проектите за реконструкција и изградба на водоснабдителни системи.
Во однос на тоа дали општините кои имаат најголем процент на загуби на вода за пиење би имале приоритет во добивањето средства од овој заем, од Министерството за животна средина велат дека во тек е утврдувањето на методологијата за распределба на средства за реализација на проектот, и во согласност со оваа методологија ќе се утврдат и приоритетите за финансирање на проекти.
Покрај инвестициите, за да се намали процентот на неприходувана вода општините ќе мора да ги откријат и санкционираат несовесните граѓани кои на диво се приклучуваат на водоводните системи, а истовремено локалните самоуправи ќе мора да го заменат користењето на питката вода со техничка при функционирањето на фонтаните, јавните тоалети и полевањето на зелените површини во градовите.
Загубите на вода за пиење се огромен проблем, ако се земат во предвид климатските промени со кои се соочува Македонија. Веќе пишувавме дека земјава се соочува со аномалии кај врнежите, па така во 2021 година имало натпросечно количество на врнежи, но бројот на врнежливи денови бил намален. Забележани се подолготрајни сушни периоди, кои директно влијаат на издашноста на изворите на вода за пиење.
Воедно, во општини, каде што со години е висок процентот на неприходувана вода, како што се Дебар, Крушево или Тетово, редовно се случува низ годината да има проблеми со водоснабдувањето или рестрикции на вода за пиење за граѓаните, што пак директно влијае на квалитетот на живот на граѓаните.
Преземено од МЕТА